Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Нема да дозволиме „урамниловка“, платите да пораснат пропорционално со минималната
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе го поддржи најавениот Закон за минимална плата, изјави на денешната прес-конференција, Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на оваа партија.
„ВМРО-ДПМНЕ е партијата во чие време за првпат се воведе овој концепт, но за разлика од сега, наместо да чекаме преговори меѓу засегнатите страни и до последен момент да не се знае колкава ќе е минималната плата, во минатото минималната плата се знаеше однапред најмалку една година“, посочи Стојаноски.
Според него, таквата политика доведувала до предвидливост кај стопанските субјекти на идните трошоци кои ќе ги имаат за вработените.
„Во оваа пригода би сакал да истакнам дека со новиот Закон за минимална плата и она што е договорено, според тоа што го пренесоа медиумите, државата преку собраните даноци во 2022 година ќе даде над 50 милиони евра за субвенција на плати“, кажа претставникот на опозициската партија.
Тој најави амандманска интервенција на законот со цел, како што рече, да не се дозволи „урамниловка“, односно изедначување на платите и демотивација кај вработените кои имаат поголеми работни обврски и сложеност на работните места.
„Ќе бараме усогласување на колективните договори со новата минимална плата од 18 илјади денари. Очекуваме владејачкото мнозинство да излезе во пресрет на барањата и платите на културните работници, на наставниците, на здравствените работници, но и на сите останати вработени во јавниот сектор да пораснат сразмерно со новата минимална плата“, посочи Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши на Националниот молитвен појадок во САД
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, учествуваше на Националниот молитвен појадок (National Prayer Breakfast) во Вашингтон.
Се работи за традиционален и значаен настан што ги обединува политичките, верските и општествените претставници, истакнувајќи ги вредностите на дијалогот, взаемното почитување и моралната одговорност во лидерството.
На оваа церемонија се обрати и претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп.
Од Собранието велат дека учеството на Гаши претставува можност за зајакнување на пријателските односи и за афирмирање на улогата на Република Северна Македонија како активен, присутен и почитуван партнер во меѓународната соработка.
Македонија
Се оддалечуваме од Европа поради политиките на власта, му рекол Филипче на известувачот Томас Вајц
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска одржал состанок со постојаниот известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Томас Вајц. На состанокот, како што информираа од партијата, станало збор за актуелната политичка состојба и за евроинтеграцискиот процес на државата.
Филипче изразил благодарност за ангажманот на ивестувачот на ЕП, Вајц, во следењето на процесот, како и за поддршката на Европската Унија и Европскиот Парламент за европската перспектива на нашата држава.
„На средбата, Филипче посочи дека статусот во кој се наоѓа евроинтеграцискиот процес на Македонија е сериозно загрижувачки, реформската агенда е закочена, реформите не се спроведуваат, а власта не покажува волја за продолжување на европскиот пат. Тој додаде дека наместо напредок кон европскиот пат, државата поради политиките на власта се соочува со стагнација, блокирани реформи и политики кои ја оддалечуваат државата од европските стандарди“, велат од СДСМ.
Филипче нагласил и дека европската интеграција за Македонија значи процес што го зајакнува владеењето на правото, гради функционални институции и обезбедува подобар живот за граѓаните, а Македонија заслужува да се движи напред, а не да губи време и да остане изолирана.
Воедно, Филипче порачал дека СДСМ останува цврсто посветена на европските вредности и реформи, бидејќи иднината на Македонија во Европската Унија, тоа е клучот за подобра, праведна, просперитетна и напредна држава, за подобра иднина за сите граѓани.
Македонија
За возачка дозвола доволно е завршено основно образование, рече Јаневска по протестите
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека за полагање возачки испит е потребно најмалку завршено основно образование, нагласувајќи дека државата обезбедува можности.
„Образованието е бесплатно и за оние што ја надминале возраста, така што до 29 години тие преку Центарот за образование добиваат едукација. Сме имале и проекти со наши странски партнери преку кои Ромите што биле заинтересирани да го дополнат своето образование добиле некаква едукација соодветна на барањата на пазарот на трудот, нивните лични потреби итн“ рече Јаневска одговарајќи на новинарско прашање. Додаде и дека Министерството финансира околу 40 ромски медијатори со цел зголемување на опфатот и редовното присуство на ромските деца во училиштата.
Изјавата доаѓа по протестите на граѓани кои побараа ослободување од обврската за полагање возачки испит бидејќи немаат неопходен степен на образование, а автомобилите им се неопходни.

