Македонија
Стојаноска: Нема да дозволиме Собранието да стане арена за проток на режимски идеи
Вчера, на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците на која се наоѓа Законот за Академија за судии и јавни обвинители, без никакво гласање, со груба повреда на Деловникот, претседателката Соња Мираковска констатира дека завршил прв ден од трите дена предвидени за расправа по овој закон, изјави Дафина Стојаноска, пратеник на Пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Таа додава дека се работи за предлог закон со европско знаменце, кој е надвор од процедурите на она што е потреба за усогласување со европската регулатива. Ова е закон кој има за цел да ја онеспособи опозицијата и да ја ограничи расправата во три дена.
Во текот на вчерашниот ден зборувавме за процедурата. Имено, укажавме дека овој закон е многу важен за Академијата за судии и јавни обвинители и не смее да биде донесен во скратена постапка на ексклузивен начин, туку напротив, инклузивно да се вклучат сите засегнати и оние од експертската јавност и оние од невладиниот сектор за да дојдеме до подобри решенија оти ние само ги менуваме законите вклучувајќи го и овој. Досега три закони имало и тоа не се менуваат туку се носи нов закон и повторно се соочуваме со истите проблеми. Затоа мислевме дека низ дебата ќе дојдеме до подобри решенија ама некој бега од дебата. Ние само сакавме да кажеме дека ниту еден услов од Деловникот за европско знаме и за скратена постапка не е исполнет.
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи вакво злосторничко здружување и најмалку ќе дозволи македонското Собрание да стане арена за проток на сите нивни режимски и хибридни идеи кои имаат за цел сместување на послушници, приврзаници и свои роднини во судските и обвинителски функции.
Сакаме да додадеме дека од страна на претседателката Соња Мираковска вчера беше извршено кривично дело според Кривичниот законик, член 353 кое што укажува на злоупотреба на службена должност и овластување, изјави Стојаноска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев: Рационална, професионална и европска администрација, со поддршка на СИГМА се усогласуваат клучните реформски приоритети
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Баграт Тунјан, раководител на тимот за стратешко планирање и државен менаџер за Република Македонија во рамки на СИГМА – заедничката иницијатива на ОЕЦД и Европската унија.
Фокусот на средбата беше насочен кон рационализирање, координирање и унапредување на јавната администрација која ќе може да одговори на потребите на граѓаните и бизнис секторот, со посебен акцент на носењето на Законот за висока раководна служба, кој ќе воспостави јасни, транспарентни и мерливи критериуми за избор и управување со раководните кадри – модел што ќе ја спречи партизацијата и ќе го гарантира принципот „најдобрите на најодговорните позиции“.
Дополнително, се разгледуваа и измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ), реформата на системот за плати и подобрувањето на регулативата која треба да ја направи администрацијата попрегледна, покохерентна и пофункционална, со јасни надлежности и подобра меѓуинституционална координација.
Преку овие реформи, заложбата на Министерството за јавна администрација е создавање административна машинерија која ќе работи поефикасно и поодговорно како темел на модерна и европска државна служба кон која се стремиме.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Родово одговорното буџетирање е клуч за подобри јавни политики
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оцени дека родово одговорното буџетирање претставува системско решение за општествените потреби и трансформативен инструмент за креирање правични политики. Таа се обрати на отворањето на меѓународниот форум „Одиме Глокално 2.0: Одржлива родово одговорна иднина“, што денес и утре се одржува во Скопје.
„При секое планирање на државниот буџет мора да се има предвид родовата димензија, ако сакаме да бидеме просперитетни“, рече претседателката, нагласувајќи дека родово одговорното буџетирање не е техничка постапка, туку алатка за транспарентност, отчетност и поправедна распределба на јавните средства.
Сиљановска-Давкова истакна дека родовата еднаквост и климатската отпорност се темелни за идните политики, а граѓанските организации, локалните власти и руралните заедници имаат значајна улога во адаптацијата кон климатските промени.
Таа посочи дека Република Северна Македонија веќе направила чекори кон системско интегрирање на родовата перспектива во буџетскиот процес, но имплементацијата е во тек и бара понатамошна институционална поддршка.
На форумот се обратија и амбасадорот на Австрија Мартин Памер, заменик-амбасадорката на Шведска Елизабет Далберг Фриск, Андреј Лепавцов од Министерството за надворешни работи и Марија Ристеска од Мрежата за родово одговорно буџетирање.
Македонија
Милошоски и францускиот амбасадор Риголе: Потребно е продолжување на процесот на проширување на ЕУ
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари средба со амбасадорот на Француската Република во Република Северна Македонија, Кристоф Ле Риголе. На средбата се разговараше за продлабочување и унапредување на соработката меѓу двете држава, продолжување на процесот на проширување на Европската унија како и приближувањето на земјата кон членство во ЕУ.
Потпретседателот Милошоски ги поздрави традиционално добрите и пријателски односи меѓу РС Македонија и Француската Република при што нагласи дека меѓу двете држави постои отворен и конструктивен дијалог и континуирано унапредување на соработката во мноштво сфери од заемен интерес. Во изминатите години се забележува динамизирање на политичкиот дијалог на високо и највисоко ниво, кој што е конструктивен и пријателски.
Амбасадорот Риголе истакна дека Француската Република ја има усвоено Стратегијата за Западен Балкан, со цел да ја поддржи Европската унија во приближување на регионот кон Европа како и да го зајакне политичкиот дијалог со земјите во регионот.
Двајцата соговорници се согласија дека имајќи ги предвид геополитичките тенденции и случувања потребно е процесот на проширување на Европската унија да продолжи и земјата да го продолжи својот пат кон полноправно членство во ЕУ.

