Македонија
Приватното здравство се обединува во комора за подобри услуги на граѓаните и деловен развој
Во рамки на Сојузот на стопански комори на Македонија формирана е Комора на приватно здравство на Македонија (КПЗ) чие делување ќе биде насочено кон промоција на приватното здравство како еден од носителите за унапредување на здравствените услуги. Комората во која се обединети сите специјалности и нивоа на здравството ќе работи на конкретни активности за измена на постоечки и донесување на нови законски решенија, заеднички проекти со релевантни институции, а со цел подобрување на деловната клима во областа на здравството.
Во комората членуваат приватни здравствени установи од областа на општата медицина – матичните лекари, приватни здравствени установи од општа и специјалистичка стоматологија, аптеки, ПЗУ-и од различни медицински специјалности, веледрогерии, лаборатории, болници и други правни субјекти кои се директно поврзани со здравството или се однесуваат на здравството.
Приватното здравство е значаен сегмент во целокупниот општествен систем во земјава, па во таа насока Комората ќе делува кон подобрување на условите за работа и решавање на проблемите со кои се соочуваат приватните здравствени установи.
„Со цел да ја заштитиме работата на нашите ординации и да ги подобриме условите за работа и квалитетот на услугите за нашите пациенти, се обединивме во Комора како релевантен партнер за јавно-приватен дијалог во рамки на кој ќе работиме на решавање на овој децениски проблем. Во прашања е доведен опстанокот на приватните здравствени установи со оглед на фактот дека платите на докторите и сестрите се поблиску до минималец отколку до реалната вредност. Со години се минимизира и обезвреднува трудот на матичните лекари и стоматолози. Над 2.500 приватни здравствени установи се во сериозна егзистенцијална криза бидејќи материјалните трошоци се зголемени од 80-100% како резултат на здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19” – изјави д-р Тања Дејаноска, претседател на Комора на приватно здравство на Македонија.
Поради сериозноста на состојбите во приватниот здравствен сектор во текот на наредниот период е договорена интензивна динамика на тематски состаноци на кои ќе се направи анализа на состојбите, предизвиците и барањата на лекарите со цел да се создадат подобри услови за работа.
Комората на приватно здравство на Македонија активно ќе се залага за унапредување на системот на приватната здравствена заштита со цел најголем дел од потребите на здравствените услуги пациентите да ги добиваат на ова ниво, за капацитетите на секундарното и терцијарното здравство да бидат ослободени од непотребни прегледи.
„Почитувањето на позитивните правни прописи во областа на здравството е столб на функционирањето на здравствениот систем во државата што креира оптимални услови за работа на здравствените професионалци и гарантира квалитетна здравствена заштита за пациентите. Но, доколку заради некои диспропорции во системот, овие решенија во пракса предизвикуваат спротивен ефект, тогаш креаторите на здравствените политики во договор со давателите на здравствените услуги треба ефикасно и ефективно да креираат нови применливи решенија” – изјави д-р Тања Дејаноска, претседател на Комора на приватно здравство на Македонија.
Во периодот што следи ќе бидат иницирани работни групи и преговарачки тимови коишто ќе преговараат со Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување и сите останати релевантни институции и ќе бидат дадени квалитетни и реални решенија за надминување на предизвиците , особено во пост период на глобална пандемија која сè уште трае.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дожд и облаци утре, постудено на почетокот на следната седмица
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има врнежи од дожд, а попладне услови за дожд ќе има и во источните делови. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, облачно со услови за повремени врнежи од дожд. Ќе дува слаб ветер со променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 11 степени, најавува УХМР.
Утре ќе се задржи променливо облачно време наместа со повремен слаб дожд освен во западните делови каде што ќе биде облачно со врнежи од дожд кои ќе бидат со пообилен интензитет (над 15 l/m²). Ќе дува умерен, повремено засилен ветер. Нови врнежи ќе има во недела и почетокот на следната седмица кога ќе настапи заладување со повремени врнежи од дожд, а на планините и во некои од повисоките места од снег.
Македонија
Левица ќе поднесе интерпелација за антикорупционерката Цвета Ристовска
Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави интерпелација за членката на Антикорупциската комисија (ДКСК), Цвета Ристовска. Интерпелацијата, како што велат од Левица, доаѓа по скандалите коишто деновиве ги изнесе на виделина партијата, но и низата скандали коишто ја пратат Ристовска веќе месеци наназад.
„Не знаеме кој по ред скандал е ова со членката на ДКСК, Цвета Ристовска“, рече Крмов и образложи дека во анкетниот лист што Ристовска го поднела во 2024 година при стапување на функција, не биле пријавени две фирми на нејзините деца, Буcт ДООЕЛ и Буcт Медиа ДООЕЛ. Според Крмов токму овие фирми за време на претседателската изборна кампања добиле околу 2,2 милиони денари од ВМРО-ДПМНЕ.
„Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, ја бранеше Ристовска дека наводно законот не ја обврзува бидејќи не живеела со децата“, рече Крмов и посочи дека ваквото објаснување е контрадикторно, бидејќи во анкетниот лист бил пријавен друг имот на нејзините синови, но не и фирмите што создава сомнеж дека токму тие биле свесно изоставени.
„Значи, или Ристовска не го познава законот или, децата фактички со неа. Таа е обврзана, но свесно ја испуштила таа фирма затоа што имаме директно конфликт на интереси, каде најголемата политичка партија, којашто е моментално на власт, фактички добила тендер за изборите“, кажа пратеникот.
Крмов потсети дека има и редица други примери во кои не се реагира или се заташкуваат на случаи на функционери на ВМРО – ДПМНЕ. Меѓу нив посочи на случајот со директорот на СОЗР, Ивица Томовски, поврзан со фирмата „Сити Аутсорсинг“, а претходно „Сити Логистик“, основана од таткото на Томовски, која добила државни тендери во вредност од околу 5,3 милиони евра, а случајот, како што рече, е заташкан. Исто така, потсети и на случајот со директорот на АНБ, Бојан Христовски и сомнежите за неговата фалсификувана диплома и непоседување на невалиден ТОЕФЛ сертификат.
„Убаво го паметиме случајот за директорот на АНБ, Бојан Христовски, каде што излезе дека Ристовска била предавач на истиот факултет, на истиот приватен универзитет каде што тој наводно заврши, бидејќи имаше анонимна пријава дека му е фалсификувана. Прво беше дека не била предавач, па после била предавач, па после од истиот универзитет нејзината слика беше отстранувана, па потоа сликата беше враќана, па предметот за Христовски падна кај неа. Некако интересно е како предметите на високи функционери, блиски до ВМРО – ДПМНЕ, секогаш завршуваат баш кај Цвета Ристовска“, истакна Крмов.
Од Левица најавуваат дека интерпелација е веќе подготвена и ќе биде поднесена во наредните денови, со цел да се отвори институционална одговорност за работата на членката на Антикорупциската комисија и да се спречи натамошна партизација и селективна правда.
Македонија
Василевска и Вајц во Скопје: Дијалог за реформите и европската перспектива на земјата
Копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет РСМ и ЕУ, Иванка Василевска се сретна со известителот на Европскиот парламент за нашата држава, Томас Вајц, кој престојува во работна посета на Скопје.
На средбата беа разменети мислења за актуелните политички состојби и динамиката на спроведување на реформската агенда, во контекст на европската интеграција. Во текот на разговорите беше даден осврт на клучните реформски приоритети, како и можностите за дополнително унапредување на реформските процеси во наредниот период.
Известителот на Европскиот парламент информираше за тековните и претстојните активности во рамки на подготовката на извештајот за земјата, вклучително и фазите на собирање информации, како и постапката за разгледување и усвојување на извештајот во надлежните тела на Европскиот парламент.
На средбата беше истакната важноста од одржување на континуиран дијалог и соработка со европските институции имајќи ја предвид европската перспектива на земјата.

