Македонија
Ковачевски: Она што го ветивме, со динамично темпо се исполнува
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, се обрати на седницата во Парламентот за избор на заменик-министри.
„Ја барам довербата за избор на нови заменик-министри. Останувам доследен на мојот принцип за предлагање компетентни и работливи личности, со интегритет“, рече премиерот Ковачевски.
Претседателот на Владата рече дека „врвен приоритет останува ефикасното и одговорно владеење, со фокус на решавањето на клучните проблеми коишто ги засегаат граѓаните“.
„За помалку од месец, покажавме како се работи брзо, ефикасно, квалитетно и одржливо. Имаме високо динамично темпо на работа, во којашто барам резултати. Верувам дека го делите моето објективно мислење дека Владата оствари одличен старт. Сите преземени и најавени обврски, согласно роковите и приоритетите ги започнавме, а дел и веќе решивме“, додаде премиерот Ковачевски.
Тој посочи дека во услови на европска енергетска криза, е направено ублажување на „ценовни шокови“ и дека Владата продолжува со задржување на ценовната стабилност, преку ограничување на цените на основните производи и со системски одговор на надворешните инфлаторни влијанија. Премиерот објасни дека растот на цената на електричната енергија е најнизок во регионот, граѓаните добиваат поддршка, а не е дозволено нарушување на снабдувањето на топлинската енергија во Скопје.
Во оваа пригода, премиерот Ковачевски ги информираше пратениците и за воспоставената „отворена, искрена и рамноправна соработка со премиерот Петков и со Владата на соседна Република Бугарија“.
„Нашите билатерални разговори за динамизирање на економската соработка, добрососедството и соработката продолжуваат и понатаму. Потенцирам дека историските прашања ги оставаме на решавање на стручната историска фела. Граѓаните да бидат спокојни дека од црвените линии за заштита на нашиот идентитет не отстапуваме. Но, посветено работиме што побрзо да бидеме дел од европското семејство, а граѓаните да имаат европски животен стандард и перспектива“, рече Ковачевски.
Истовремено, премиерот Ковачевски, побара одговорно однесување од опозицијата.
„Недозволиво и неприфатливо е која било политичка партија да генерира низок и евтин политички маркетинг и лажен патриотизам. За мене, за сите наши предци и поколенија нема дилеми дека Гоце Делчев е еден од столбовите на македонската борба за самостојна и независна држава и неговите мошти ќе почиваат во Скопје. Неговото дело е и ќе биде целосно запаметено и одбележувано. Затоа, декларации и слични форми на политички фолклор и политиканство, во најблага форма се неприфатливи и покажуваат сериозна дилема за нашето минато кај опозиционата политичка партија којашто тоа го прави“, оцени премиерот Ковачевски.
Во заокружувањето на обраќањето, премиерот Ковачевски потсети дека не прави селекција на луѓето по партиска, етничка, родова или друга субјективна линија, но исто така не прaви и компромиси, исклучоци и оправдувања.
За заменик-министри се предложени: Башким Хасани, за заменик на министерката која раководи со Министерството за одбрана, Назим Буши за заменик на министерот кој раководи со Министерството за внатрешни работи, Агим Нухиу за заменик на министерот кој раководи со Министерството за правда, Џабир Доко за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците, Фатмире Исаки за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи, Филип Николоски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за финансии, Зоран Маневски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за економија, Абдулшуќур Абедини за заменик на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Владимир Рендевски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за здравство, Лулзим Алиу за заменик на министерот кој раководи со Министерството за образование и наука, Зоран Димитровски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа, Даим Лучи за заменик на министерката која раководи со Министерството за култура, Александар Бајдевски за заменик на министерот кој раководи со Министерството за информатичко општество и администрација, Беким Реџепи за заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски и Христина Оџаклиевска за заменичка на министерот кој раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова по повод Светскиот ден на ромскиот јазик прими припадници на ромската заедница
По повод 5 Ноември, Светскиот ден на ромскиот јазик, претседателката Сиљановска-Давкова, денеска прими претставници на Ромите: средношколци од Скопје, медиумски и просветни работници, како и поети.
Соговорниците постигнаа консензус за потребата од кодификација на ромскиот јазик, отворање катедра за ромски јазик и овозможување на учениците Роми, да го изучуваат ромскиот јазик не само во училиштата во Скопје, туку и ширум републиката.
На настанот беше прочитан дел од предговорот од првата ромска граматика од Шаип Јусуф. Исто така, беа прочитани стихови од делото „Бели патишта“ на авторот Селим Азис. Авторот Сафет Камбер прочита стихови од делото ,,Слово на душата”, меѓу кои: „Kana ka dikhe chorole sijam, numaj ki atma phiravaja barvalipe. Kamipe bizo sharti isi amen thaj sakoneske daja ole“. („Сиромашни сме по изглед, но во душата носиме богатство. Љубов безусловна имаме и секому ја даруваме”).
Претседателката изрази особено задоволство што првата граматика на ромски јазик, којашто е од непроценлива вредност за милиони Роми ширум светот, е создадена на македонско тло од професорот Шаип Јусуф.
Таа упати порака учениците да си го сакаат, почитуваат и учат ромскиот јазик, како незаменлива ромска татковина.
Македонија
Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола
Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.
Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.
– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.
Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.
-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.
Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, во вечерните часови ќе има повремени локални врнежи од дожд
Времето утре, променливо облачно со сончеви периоди. Во вечерните часови и во текот на ноќта во северните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ќе биде променливо облачно, во вечерните часови и во текот на ноќта ќе има повремен дожд. Ќе дува слаб северен ветер.
Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Под влијание на серија влажни воздушни бранови од утре во вечерните часови до понеделник следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни и пообилни и во текот на 24 часа се очекува да наврне поголема количина дожд (над 30 l/m²).

