Свет
(Видео) Бајден: За ситуацијата сме искрени пред целиот свет, веројатноста за руска инвазија и натаму е голема

Американскиот претседател Џо Бајден вечерва се обрати на јавноста за актуелната ситуација во Украина.
„Подготвени сме за дипломатија, но исто така сме подготвени да одговориме на рускиот напад врз Украина, што сè уште е можност. Тоа беше нашиот пристап во последните неколку месеци, ние се држиме до тој пристап“, рече претседателот на САД.
„Денеска сакам да зборувам за ситуацијата на теренот, за чекорите кои сме подготвени да ги преземеме и какви ризици нè очекуваат. Со недели сме ангажирани во постојана дипломатија со нашите сојузници. Оваа недела повторно разговарав со претседателот Путин за да му кажам дека сакаме да ја одржиме дипломатијата на високо ниво, дека сакаме да постигнеме писмен договор меѓу Русија, САД и европските земји и да одредиме некои безбедносни позиции“, додаде тој.
„Путин и јас се согласивме дека треба да продолжиме да ја следиме оваа цел, заедно со нашите европски сојузници и партнери. САД ставија на маса конкретни решенија за постигнување мирна ситуација во Европа, предложивме нови мерки за контрола на оружјето и транспарентност, нови мерки за стратешка стабилност. Овие мерки се однесуваат на двете страни – на Русија и на НАТО“, рече Бајден.
„Но, ние нема да се откажеме од основните принципи. Нациите имаат право на суверенитет и територијален интегритет. Тие имаат право на слобода на избор на нивната иднина и право да изберат со кого да се обединат“, кажа американскиот претседател.
„Ќе продолжиме со преговорите со нашите сојузници и партнери сè додека постои надеж за дипломатско решение, сè додека употребата на сила и огромното човечко страдање што доаѓа после тоа може да се избегнат. Рускиот министер за одбрана денеска кажа дека некои руски единици ги напуштиле позициите околу украинската граница. Тоа би било добро, но не може да го потврдиме“, рече Бајден кој додаде дека во моментот има околу 150.000 руски војници на границите со Украина и Белорусија.
„Инвазијата останува исклучително возможна. Затоа ги повикавме сите Американци да ја напуштат Украина додека е можно тоа да го сторат безбедно и привремено ја преместивме нашата амбасада од Киев во Лавов на западот од земјата, во билизина на полската граница“, кажа Бајден додавајќи:
„Oтворени сме со американскиот народ и целиот свет за руските планови и сериозноста на ситуацијата, за сите да можат да согледаат што се случува. Споделуваме сè што знаеме, како и што правиме во врска со тоа“, посочи американскиот претседател.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Зеленски: Им веруваме на САД, веруваме дека претседателот Доналд Трамп сака да ја заврши војната

Им веруваме на САД, веруваме дека претседателот Доналд Трамп сака да ја заврши војната, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски на прес-конференција по средбата со американскиот шеф на државата во Белата куќа.
Зеленски ја опиша средбата со Трамп како продуктивна.
Украинскиот лидер одби да даде каква било изјава во врска со потенцијалната испорака на ракети „Томахавк“ од САД во Украина.
„Разговаравме и за ракети со долг дострел и нема да давам никакви изјави за ова прашање. Решивме да не зборуваме за ова бидејќи САД не сакаат ескалација“, објасни Зеленски.
Кога беше прашан дали има оптимизам во врска со добивањето на ракети „Томахавк“, Зеленски одговори дека гледа на работите реално. Украинскиот лидер го изрази своето мислење дека Русија се плаши од ракетите „Томахавк“ бидејќи знае што можат да постигнат со нив, во комбинација со другите системи за оружје на Украина.
Украинскиот претседател рече дека тој и Трамп разговарале за прашања поврзани со системите за воздушна одбрана. Зеленски посочи дека не разговарал со Трамп за украинските напади врз руските енергетски објекти.
Зеленски, исто така, рече дека по средбата со Трамп, разговарал со стратешките партнери на Украина.
Украинските медиуми објавија дека по средбата со Трамп, украинскиот претседател разговарал со европските лидери.
Регион
Тројца загинати и седум лица во тешка состојба по превртување на автобус кај Сремска Митровица

Состојбата на повредените во тешката сообраќајна несреќа што се случи кај Сремска Митровица, во која животот го загубија три лица, и понатаму е сериозна, изјави денеска директорот на Општата болница во Сремска Митровица, д-р Војислав Мирниќ.
„Хоспитализирани се 39 пациенти. Од нив, седум се со потешки повреди и се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега, додека 15 пациенти се подготвени за отпуст,“ рече Мирниќ.
Тој прецизираше дека 13 пациенти од Одделението за општа хирургија и двајца од Одделението за ортопедија се во стабилна состојба и наскоро ќе бидат пуштени дома.
„Се врши дополнителна дијагностика за сите пациенти, а во наредните 48 часа очекуваме уште дел од нив да бидат подготвени за отпуст. Посетите во болницата се дозволени од 14 до 16 часот,“ додаде Мирниќ.
Во несреќата, која се случила на патот меѓу Сремска Митровица и селото Јарак, загинале три лица – две на самото место и едно во болница, од последици на тешките повреди.
Вкупно 61 патник бил прегледан во митровачката болница, а 39 лица биле задржани на лекување. Осуммина се на интензивна нега, дваесетмина на општа хирургија, а единаесетмина на ортопедија.
Еден пациент е префрлен во Ургентниот центар во Нови Сад, а друг во Белград на понатамошно лекување.
Автобусот на превозникот „Сирмиум бус“, кој превезувал работници, под засега непознати околности излетал од патот и се превртел. Возачот на автобусот, Д. К. (1955), е уапсен поради сомнение дека ја предизвикал несреќата во која загинаа три лица. Нему му е одредено задржување до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство со кривична пријава.
Свет
Хамас објави дека ќе го предаде телото на еден од своите заложници

Милитантната група Хамас вчера објави дека ќе го предаде телото на еден од своите заложници, без да го открие неговиот идентитет.
Според соопштението, Црвениот крст ќе го преземе телото од Хамас и ќе го предаде на припадниците на израелските одбранбени сили во Газа, објавува „Тајмс оф Израел“.
После тоа, телото ќе биде испратено во израелскиот институт за судска медицина „Абу Кабир“ во Тел Авив за идентификација.