Македонија
Ковачевски – Курти: Постојано ги унапредуваме односите без отворени прашања со Косово

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во рамките на учеството на Минхенската безбедносна конференција, пред почетокот на официјалната програма се сретна со премиерот на Република Косово, Албин Курти.
На средбата, на која присуствуваше и вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, двајцата претседатели на влади изразија задоволство од позитивните и конструктивни билатерални односи меѓу двете земји. Премиерите истакнаа дека соработката се остварува со негување на пријателството и блискоста меѓу двете земји и со фокус на остварување на интересите на граѓаните во двете земји, што беше потврдено и со одржувањето на заедничката седница на владите на Северна Македонија и Косово минатата година во септември.
На средбата беше изразен заеднички интерес за евалуација на постигнатите резултати по првата заедничка седница на владите со цел утврдување на следните повисоки цели во унапредувањето на соработката. Една од идните цели во олеснување на конекциите меѓу двете држави се очекува да биде конкретизирање на интересот за отворање One Stop Shop, брз начин на преминување на границата меѓу Северна Македонија и Косово. На полето на брзото поврзување, премиерот Ковачевски го информира премиерот Курти и за напредокот на реализацијата на автопатскиот правец Скопје – Блаце.
Премиерот Ковачевски истакна дека економската соработка е дополнителен поттик за натамошно унапредување на билатералните односи поради фактот што Косово е еден од најзначајните трговски партнери на Северна Македонија како една од петте држави со кои Косово остварува највисока трговска размена. Ковачевски и Курти се согласија дека за двете земји следува период на интензивирање на соработката на полето на енергетиката.
Премиерот Ковачевски нагласи дека Северна Македонија ги поддржува евро-атлантските аспирации на Косово и дека сме отворени за придонес во таа насока со пренесување на искуства во сите области за кои Косово ќе искаже интерес.
Во однос на регионалните прашања, на средбата беше истакнато дека Република Северна Македонија го поддржува дијалогот Приштина – Белград во насока на постигнување конечен заемно прифатлив договор, со кој ќе се гарантираат мирот, стабилноста, безбедноста и напредокот на двете земји и на регионот во целост.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Влада: Се конкретизираат работите за изградба на третата фаза од пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија како и изградба на тунелот како гранична точка

„По средбата на високо ниво меѓу вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и вицепремиерот и министер за транспорт на Бугарија, Гроздан Караџов, а понатаму и работните групи од двете земји, се конкретизираат работите за изградба на третата фаза од пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија како и изградба на тунелот како гранична точка“, велат од Владата.
„Во рамки на тие активности, денеска Владата на седница донесе одлука да се ефектуира Договорот за грант за техничка поддршка во висина од 3,7 милиони евра добиен од Европската Инвестициска Банка.
Со ова, избраниот Консултант во следниот период ќе изработи нова проектна документација, како и подготовка на тендерската постапка за избор на изведувач.
Дополнително да се забрзаат активностите, ЈП за Железничка Инфраструктура ќе започне постапка за избор на Надзор на изградбата.
Преку овие активности, Владата во континуитет покажува цврста заложба во реализација на стратешко-инфраструктурните проекти за државата.
Изградбата и модернизацијата на железничката мрежа е приоритет на Владата и во рамките на тие приоритети се преземаат засилени активности за доизградба на железницата на Коридор 8, како и изградба на брза пруга на Коридор 10.
Овие проекти кои имаат и регионално значење ќе ја позиционираат државата како транзит земја на Балканот- дел од европските транспортни рути со што бенефитот е повеќекратен.
Проектите за развој и модернизација на целокупниот железнички систем претставуваат стратешки проекти на државата за регионално поврзување, забрзан економски развој и отворање на нови пазари за домашните компании“, соопштува Владата.
Македонија
„Не било доволно папаја, манго, аспарагус и други егзотични овошја, Министерството за одбрана набавува кафе и алкохол за 31.000 евра“, велат од СДСМ

„Додека стандардот на граѓаните постојано опаѓа и семејствата едвај врзуваат крај со крај, владата на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ продолжува да се луксузира со народните пари. Не било доволно папаја, манго, аспарагус и други егзотични и прескапи овошја, Министерството за одбрана на Мисајловски склучило договори со пет компании за набавка на кафе, вино, ракија, мастика и други алкохолни пијалоци во вредност од 31.000 евра“, соопшти СДСМ.
„Во реалноста, народот не може да си дозволи ниту основни работи. Последните податоци покажуваат дека синдикалната потрошувачка кошничка достигна 65.507 денари, на граѓаните им се потребни речиси 3 минималнни плати за да ги покријат само основните трошоци. Многу производи се недостижни за голем број семејства во државата.
ВМРО-ДПМНЕ ја држи Македонија со најниската минимална плата во целиот регионот и упорно одбива да ги покачи платите и да ги намали цените кои се превисоки. Просечната плата е само една третина од европскиот просек, додека цените на основните производи достигнуваат до 60% од просекот во Европа.
Ваквата расипничка политика на власта е доказ дека Мицкоски и неговите министри се грижат единствено за сопствената удобност, а не за народот кој секој ден тоне во сиромаштија и едвај врзува крај со крај“, се наведува во соопштението на СДСМ.
Македонија
„Народот денес е побогат од времето на СДС, единствена разлика е што нема милиони за Филипче и Заев од државниот буџет“, реагира ВМРО-ДПМНЕ

„Венко Филипче одамна изгубил чувство за реалноста, очигледно некаде по првиот тендер како министер за здравство, но сега откако беше на јахтата на Заев и тоа малку што го имал го нема. Народот денес е побогат од времето на СДС. Единствена разлика е што нема милиони за него и Заев од државниот буџет“, реагира ВМРО-ДПМНЕ на изјавите на Венко Филипче.
„Бројките се секогаш тврдоглави, а тие го говорат следното:
Растот на просечната нето-плата во период од последната година кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт е 10.3%, за разлика од периодот кога СДС беше на власт, кога просечната плата порасна за 8.3%.
Уште поголем удар за СДС е фактот што реалниот пораст на просечната плата во период на ВМРО-ДПМНЕ е двојно поголем од периодот на СДС. Имено порастот на реалната плата во време на ВМРО-ДПМНЕ е 6.7%, за разлика од 3.5% во време на СДС. Тоа значи дека стандардот на граѓаните сега, е поголем од времето кога СДС беше власт.
Кога сме кај инфлацијата, и таму бројките се лоши за СДС. Имено во време на СДС инфлацијата во просек изнесувала 4.8%, за разлика од сега кога во просек е 3.6%.
СДС и Филипче може да лажат колку сакаат, но едно не можат да сменат, а тоа е реалноста“, се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.