Култура
Почина писателот и академик Луан Старова
Денес, на 81-годишна возраст почина македонскиот писател и академик од албанска националност – Луан Старова. Беше раскошен раскажувач на балканските премрежиња, автор на цела библиотека романи што ги осветлуваат заплетите на интимно-семејните, регионалните и на универзалните човечки и историски драми. Ја дишеше и ја пишуваше митологијата на Балканот, ја создаде повеќеслојната и богата „Балканска сага“, составена од 17 романи, која ќе биде траен сведок за неговата писателска умешност и за неговиот хуманистички и космополитски дух.
Беше и поет, есеист, преведувач, универзитетски професор, научник компаративист и поранешен дипломат. Беше член на МАНУ, на Медитеранската академија, на Европската академија и на Албанската академија на науките и уметностите. Во ДПМ членуваше од 1970 година.
Старова е роден на 14 август 1941 година во Поградец, Албанија, а семејството подоцна се преселило во Струга, па потоа во Тетово и од 1945 година во Скопје. Работел како новинар во Радио Скопје и во Македонската телевизија, а потоа како професор на Катедрата за романистика при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Универзитетскиот степен го добил со одбрана на докторат во Загреб, Хрватска. Во 1985 година Старова бил избран за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФРЈ во Тунис. Бил именуван за прв амбасадор на СФРЈ во Палестинската Држава. Во 1994 бил именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Македонија во Франција, прв постојан претставник во УНЕСКО и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија.
Добитник е на низа награди и признанија, меѓу кои: државните награди „11 Октомври“ и „Св. Климент Охридски“,„Крсте Мисирков“ за публицистика, „13 Ноември“ на Град Скопје, двапати е награден со наградата „Стале Попов“ на ДПМ, Рациновото признание во 2007 за „Потрага по Елен Лејбовиц“ и други. Добитник е на највисокото француско признание за достигнување во уметноста и книжевноста „Командант на Орденoт за уметност и писмо“.
Од неговите многубројни романи ќе останат запаметени и читани: Татковите книги (1992), Времето на козите (1993), Атеистички музеј (1996), Пресадена земја (1998), Патот на јагулите (2000), Тврдина од пепел (2002), Балкански жртвен јарец (2003), Ервехе – книга за една мајка (2005), Потрага по Елен Лејбовиц (2008), Љубовта на генералот (2008), Амбасади (2009), Нови амбасади (2011), Балканвавилонци (2015), Полифонисти (2016), Враќањето на козите (2016), Граница (2017), Цариградски емигрант (2019), Генералот и пеперугата (2020), Јаничари (2020), Баба (2021). Автор е и на поетски и есеистички книги, како и на неколку патеписи и преведувач на дела од Жан-Пол Сартр, Ѓерѓ Лукач, Исмаил Кадаре и други.
Творештвото на Луан Старова доживеа преводи и позитивни критички огласи во многу европски средини. Тој е еден од ретките писатели од балканските простори за чии дела недвосмислено може да се рече дека имаат европска рецепција и значење. Со неговото заминување нашата книжевност губи вешто раскажувачко перо, од кое зрачат интелект, емоции и хумани пораки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.
Култура
„Интер(но)фејс“ на Борис Шемов во „Мала станица“
На 18 декември 2025 година, со почеток во 20.00 часот, во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, во рамките на програмските активности на Националната галерија, ќе биде отворена изложбата „Интер(но)фејс“ на уметникот Борис Шемов, курирана од д-р Ана Франговска.
„Интер(но)фејс“ е мултимедијален проект кој се фокусира на односот меѓу човекот и вештачката интелигенција, на улогата на јазикот како визуелно, идеолошко и комуникациско средство, како и на пост-интернет естетиката како нова културна реалност. Преку различни медиумски форми – текстуални интервенции, видео-содржини, алгоритамски и дигитални процеси – изложбата отвора прашања за моќта, контролата, технологијата и трансформацијата на субјектот во современиот дигитален контекст.
Насловот „Интер(но)фејс“ упатува на двојната природа на интерфејсот – како техничка површина на комуникација меѓу човекот и машината, но и како внатрешен, идеолошки простор во кој се преговараат значењата, одлуките и позициите на моќ. Изложбата го третира интерфејсот не само како функционален медиум, туку како критичка зона на судир меѓу човечкото искуство и алгоритамската логика.
Проектот се надоврзува на актуелните уметнички и теориски дискурси за постхуманизмот, визуелната култура и дигиталната медијација на реалноста. Во таа рамка, „Интер(но)фејс“ ја поставува вештачката интелигенција не како неутрален технолошки алат, туку како активен фактор во креирањето на современите културни, политички и етички релации.
Изложбата „Интер(но)фејс“ може да се посети во периодот од 18 до 24 декември 2025 година во Мултимедијалниот центар „Мала станица“, Национална галерија, Скопје.
Култура
Концерт на Драган Ѓорѓевиќ-Сузуки и Дино Имери во Музејот на македонската борба
На 17 декември (среда), со почеток во 20 часот, во амбиентот на Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на двајцата истакнати уметници од регионалната и меѓународната сцена – виолончелистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки, еден од најценетите и највлијателни виолончелисти во регионот, и пијанистот Дино Имери, волшебникот на пијаното.
Сузуки е препознатлив по својата извонредна техничка виртуозност, длабока музикалност и силно сценско присуство, а критиката и публиката го вбројуваат меѓу најдобрите виолончелисти на Балканот. Заедно со Дино Имери, еден од најреномираните македонски пијанисти, тие носат концертна вечер од врвен уметнички ранг.
Публиката ќе има можност да ужива во внимателно избрана програма со дела од: Бетовен, Шнитке, Шуман, Дебиси, како и композиции од Имери Илкоска, носејќи свеж и современ израз во концертната вечер.
Концертот е со слободен влез, претставувајќи ретка можност за љубителите на класичната музика да доживеат висок уметнички квалитет и инспиративна интерпретација.

