Македонија
МОН: Во образованието нема место за политички игри, Тетово да се заложи за подобри образовни можности

Министерството за образование и наука ја критикува општина Тетово поради одлуката да го откаже настан поддржан од проектот „Образование за вработување“ и од амбасадата на Швајцарија.
Од МОН велат дека напорите за модернизација на средното стручно образование и негово прилагодување на потребите од стручен кадар на локално ниво, не секаде се добронамерно сфатени и најдобро прифатени.
„Одлуката на општина Тетово не е во најдобар интерес ниту на идните средношколци од градот, ниту на бизнис заедницата која покажа подготвеност да се вклучи во проширување на концептот на дуално образование и обезбедување на добри услови за практична обука и квалитетно стручно усовршување и подготовка на младите тетовчани за брз и успешен настап на пазарот на трудот. Во иднина разумот мора да надвладее, бидејќи носителите на политички функции имаат обврска да работат и служат во интерес на граѓаните.
Ниту една измислена причина не може да ја затскрие политичката позадина на ваквата постапка на градоначалникот на општина Тетово. Чекорот е погрешен, бидејќи во образованието нема простор за политика и за правење обиди за собирање на политички поени. Во образованието фокусот се и мора да бидат учениците, наставниците, студентите, професорите и нивните најдобри интереси“, велат од МОН.
Додаваат дека откажаниот настан од страна на општина Тетово ќе се одржи во некој од следните денови и веруваат дека градоначалникот ќе биде добар домаќин на средбата со претставниците од МОН, Швајцарската амбасада и локалната бизнис заедница.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ги соопшти имињата на 25 кандидати за градоначалници, повеќето ќе се борат за нов мандат

Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ утврди 25 кандидати за градоначалници. За Град Скопје се’ уште не е донесена одлуката.
Се работи за веќе познати имиња, од кои повеќето го моментов ја извршуваат градоначалничката функција. Ѓорѓија Сајкоски по состанокот рече тие кандидати убедливо водат на сите анкети во општините за кои се предлагаат.
„Сите кандидати кои што се избрани го имаат поминато тестот на граѓаните, во изминатите 4 години, а тоа го потврдуваат и анкетите“, вели тој.
ИК утврди и ги предложи следните кандидати:
1. Аеродром – Дејан Митески
2. Бутел – Дарко Костовски
3. Ѓорче Петров – Александар Стојкоски
4. Чучер Сандево – Зоран Бајовски
5. Штип – Иван Јорданов
6. Велес – Марко Колев
7. Свети Николе – Дејан Владев
8. Карбинци – Виктор Паунов
9. Градско – Киро Нацков
10. Кавадарци – Митко Јанчев
11. Гевгелија – Андон Сарамандов
12. Зелениково – Коста Маневски
13. Илинден – Александар Георгиевски
14. Конче – Златко Ристов
15. Делчево – Иван Гоцевски
16. Ново Село – Ѓорге Божинов
17. Василево – Славе Андонов
18. Босилово – Ристо Манчев
19. Берово – Петар Ружински
20. Петровец – Борче Митевски
21. Битола – Тони Коњановски
22. Охрид – Кирил Пецаков
23. Вевчани – Спасе Кочовски
24. Брвеница – Јовица Илиевски
25. Јегуновце – Димитар Костадиновски
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се работи за чесни, одговорни, работни и експедитивни луѓе.
„Најголемиот дел од нив се веќе постоечки градоначалници, кои направиле вистинска трансформација во нивните општини, а другиот дел се луѓе кои имаат сила и знаење да го променат темпото на работа во општините кои до сега се водени од кадри на СДСМ“, велат од партијата.
Се додава во тек се и внатрепартиските избори за советници, преку месните и општинските комитети, а истовремено и граѓаните кои не се партиски определени слободно можат да се вклучат да даваат свои предлози за советници.
Македонија
(Видео) Се бара донација од пченка и јаболка оти мечки се доближуваат до селата околу Шар Планина

Националниот парк „Шар Планина“ повика на донации во форма на домашна пченка и јаболка, бидејќи се забележани повеќе случаи во кои мечки се доближуваат до планинските села во потрага по храна.
Од тука велат дека во последните две недели, сè почесто се забележуваат случаи на приближување на мечки кон населени места во регионот на Националниот парк. Овој феномен, како што се додава, е резултат на намалени природни извори на храна во подрачјата кои се нивно природно живеалиште.
„За да се намали ризикот од несакани средби со луѓе и да се помогне за здравјето и безбедноста на овие важни жители на нашата планина, започнуваме иницијатива за симболична прихрана на мечките, на оддалечени и безбедни локации, далеку од населени места и планинарски патеки. Бараме доброволни донации на јаболка и пченка од домашно потекло, со цел хранењето да биде што е можно послично на природната исхрана на мечката (Ursus arctos), која претежно е растително базирана“, велат од Националниот парк.
Се додава дека дистрибуцијата на храната ќе ја извршува нивната управа во соработка со волонтерска служба, во согласност со Програмата за заштита, одгледување и управување со дивечот (2023–2033), каде што се препорачува симболична прихрана како метод за следење и заштита на дивечот.
Македонија
Николоски: Договорот со Обединетото Кралство е од историско значење за Македонија и развојот на државата

Договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска е од историско значење за развојот на државата, напиша вицепремиерот Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес во Собранието е изгласан Законот за ратификација на договорот меѓу Владата на Македонија и Владата на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска. Овој договор е од историско значење за Македонија и развојот на државата. Со овој договор се потврдува партнерството помеѓу двете држави! Заеднички ќе направиме огромни проекти и ќе ја направиме Македонија многу подобро место за живеење!“, напиша вицепремиерот Николоски.