Македонија
Мицкоски: Власта го дели народот и го прогласи за русофилски
„Дозволете да кажам збор-два и за ова, би рекол, изминативе денови неодговорно однесување на Пендаровски и неговиот СДСМ, кои јавно на отворена сцена бројат кој бил за Русија, а кој бил за Украина, па згора на тоа првиот рече и дека огромно мнозинство од македонскиот народ бил според него проруски. И ваквата делба на Украина – Русија, што ја му ја прават на народот, е само кога станува збор за теснополитичките и теснопартиските интереси, но и не кога ќе треба да стане збор за тендери или набавки од фирми што се наоѓаат на црниот список на нашите сојузници. Тука нема проблем и Русија ја признаваат, само криминалот и пљачката да си течат“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешниот регионален отчет во Гевгелија со наслов „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.
Мицкоски додаде дека ваквата поделба на народот значи внесување дополнителен раздор и на така поделеното ткиво во општеството, каде што впрочем најдоа уште една тема да го разделат Македонецот и сето ова од истите тие што треба да демонстрираат беспоговорно обединување. Но, и што да се очекува од луѓето што не се надминаа себеси за да се обедини македонскиот народ за постигнување консензус за прашањето со Бугарија, а не, пак, за Украина, каде што на креирањето поделби гледаат како на редовна операција со која се гордеат.
„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, а тој значи поддршка за мирот во Украина и на територијалниот интегритет на оваа независна и суверена држава. Но, и на Ковачевски и на Пендаровски, како и на оние што се платени зад тастатурата да делат, би им порачал дека народот не ни е проруски ни проукраински, нашиот народ е промакедонски, затоа што ние, а и оние што го делат народот, треба да работат исклучиво и само за еден интерес, а тоа е македонскиот интерес. И ако не си го знаат својот народ, еве, добро, ќе им го објаснам супстратот на македонскиот интерес, кој, пред сѐ, е љубовта кон слободата, жедта за правдини, кој низ пркосен виор на жестоки борби, востанија, откажувања и жртви создаде своја држава Македонија. А сонот за Македонија е држава на напредни граѓани, каде што се споделуваат цивилизациските вредности темелени на принципите и вредностите, на стандардите и правилата на Европската Унија и почита на меѓународното право“, рече Мицкоски.
Мицкоски предупреди на еден инженеринг, кој денеска сѐ почесто е присутен во јавноста, што оваа власт на заминување предводена од дружината СДСМ и ДУИ сака да го спроведе.
„Прво, за нешто што се случува неколку илјади километри далеку од Македонија, сакаат да го поделат народот, да не мисли народот на сиромаштијата, која тоне, да не мисли за поскапите горива, да не мисли за поскапата струја, да не мисли за поскапиот леб, земјоделецот да не мисли на родот што остана ненабран и непродаден, да не мисли за катастрофата во здравството, хаосот во образованието, туку да мисли некаде таму далеку нешто што се случува. Наместо да бидеме фокусирани на тоа што е наш проблем и тоа што треба да биде наша домашна грижа, да се грижиме за Македонецот, да се грижиме за граѓанинот на Македонија, тие прават одвлекување на вниманието и дефокус на теми што ниту еден од вас не ги засега. Тоа е инженерингот што го почна Пендаровски делејќи го народот на проукраински и проруски“, појасни Мицкоски.
„Господа од власта, сѐ додека Ковачевски и Заев, Пендаровски, Али Ахмети, Артан Груби, Бујар Османи пишуваат статуси со поддршка на едната страна, овој народ е револтиран од вас бидејќи немате никаков авторитет кај овој народ и ќе биде против вас. Сѐ што ќе кажете, народот ќе биде против вас затоа што сте нелигитимни и ве води нелегитимиен премиер, кој е поставен таму само за да ги продолжи политките на заевизмот, кои беа жестоко поразени на последните локални избори и во првиот круг и во вториот круг во нашата Македонија. Затоа, колку повеќе вие го делите народот, толку тој посилно се обединува, а својот последен збор ќе ви го каже на предвремените парламентарни избори, а после тоа, одговорност и за поделбите, и за криминалот, и за корупцијата и за целата неправда што ја донесовте во Македонија“, укажа Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
651 прекршоци регистрирани вчера преку „Безбеден град“, од нив 585 за пребрзо возење
Во текот на вчерашниот ден преку системот „Безбеден град“ констатирани се вкупно 651 прекршоци, извести МВР.
„Од нив, за минување на црвено светло констатирани се вкупно 50 прекршоци, за возење со брзина поголема од дозволената констатирани се вкупно 585 прекршоци, а за нерегистрирани возила 16 прекршоци.
При тоа изречени се вкупно 58 забрани за управување на моторно возило“, соопшти МВР.
Од Министерството апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.
Македонија
Електродистрибуција: Tешка кражба на електрична енергија од трафостаница, штета од 16 милиони денари
„Тимот за откривање на неовластено користење на електрична енергија побара спроведување на пребарување од МВР и вклучување на вешто лице, поради основи на сомневање за наводна кражба на електрична енергија во деловен објект на улица „Бутелска“ во Скопје“, известуваат од Електродистрибуција.
„Констатирано е: противправно користење на електрична енергија преку неовластено приклучување на три нисконапонски кабли во самата трафостаница во сопственост на Електродистрибуција. Деловен објект, поранешен млин, користен за неовластено снабдување на системи со графички картички за копање биткоини“.
Електродистрибуција информира дека е поднесена пријава за неовластено преземање на електрична енергија до МВР и дека е изготвена Фактура за надомест на штета во износ од 16 милиони денари.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.

