Македонија
Каевски: Кој е ставот на Мицкоски за тоа што неговиот партнер Левицата ја поддржа агресијата врз Украина?

Јавноста сведочи дека коалицискиот партнер на Христијан Мицкоски, политичкиот субјект Левица, отворено ја поддржува воената агресија врз Украина, изјави на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Дарко Каевски, откако пратениците на оваа партија вчера гласаа против декларацијата за Украина во македонското Собрание.
СДСМ реагира дека Левицата ги нарекува граѓаните на Украина неонацисти и користат крајно несоодветен речник, идентичен со оној на агресорот.
„Ова се опасни ставови, кои се на штета на државниот и национален интерес на нашата татковина, на нејзините стратешки цели и спротивни на целиот демократски свет. Левицата е коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Заедно ги кочат и блокираат законите што се од интерес на граѓаните и државата. Левицата е коалициски партнер на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ и на локално ниво во многу општини. Дури и во главниот град Скопје. Бидејќи станува збор за негов близок коалициски партнер, го прашуваме Христијан Мицкоски: Кој е неговиот став за поддржувањето на воената агресијата на Русија врз Украина од страна на Левицата? Затоа ли самиот Мицкоски ги оправдува сите што ја поддржуваат воената агресија во своите јавни настапи?“, праша Каевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Андоновска: Обвинителството да истражи дали дискотеката „Пулс“ ја платила казната од 40.000 евра и каква е улогата на Оливер Спасовски во тоа

Љупчо Коцевски и јавното обвинителство да истражат дали газдата на дискотеката „Пулс“ ја платил казната од 40.000 евра за која неговиот син во телефонска кореспонденција вели дека Оливер Спасовски како министер на МВР ќе ургира да не ја платат, бара Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
„Доколку дискотеката Пулс не ја платила казната, тогаш Оливер Спасовски под итно треба да биде повикан од ЈО и да се истражи целиот случај. Љупчо Коцевски и ЈО предолг период молчат и го држат случајот во магла. Одговорност мора да има за секој еден кој бил замешан во случајот со работењето на дискотеката Пулс, а не долг и неефективен процес кој ќе резултира со пародија на системот. Ако Љупчо Коцевски има за цел да ги заштити високите претставници на СДС како тогашна власт и да ја унакази правдата, ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи тоа. Секој поединечен сомнеж мора да биде истражен и обелоденет. Одговорност мора да има“, рече Андоновска.
Македонија
Герасимовски: Буџетот за култура двојно се зголемува, македонската култура, автори и уметници имаат вистинска поддршка во Центар

Општина Центар изминативе четири години вложува во промоција и афирмација на македонската култура, јазик и уметност преку мурали, концерти и настани посветени на културното наследство, вели градоначалникот на Општина Центар и кандидат за нов мандат, Горан Герасимовски.
„Муралот „Бушавата азбука“ во Дебар Маало е посветен на промоција на кирилицата и ги поврзува генерациите, потсетувајќи на култната детска емисија преку која го учевме мајчиниот јазик. Веднаш во близина е и муралот на големиот драматург Горан Стефановски, а во боемскиот дел на Центар е овековечен и Александар Џамбазов, легендарниот композитор, диригент и творец на Златно славејче“.
Концертот „Нешто што ќе остане“ е проект кој стана традиција во Општина Центар. Две години наназад, секоја есен, во паркот на Франкофонија се одржува овој популарен музички настан на кој настапуваат исклучиво македонски музичари и се изведува македонска музика.
„Промоцијата на македонскиот јазик, книжевноста и уметноста е врвен приоритет на Општина Центар. Македонските автори, музичари и уметници секогаш ја имале и ќе ја имаат нашата поддршка,“ порача Герасимовски.
Како што појасни, редовно се реализираат и настани како меѓу генерациски средби, каде преку уметноста и хуманоста се дружат младите и повозрасните, еко-пикници за промоција на македонските производители и производи, прошетки со туристички водичи за запознавање со историјата на Центар, како и изложби и културни настани што ја оживуваат локалната сцена.
Буџетот за култура, кој во 2021 година изнесуваше 3 милиони денари, во изминатите четири години е зголемен на 13 милиони денари, а во наредниот мандат е предвидено да достигне 26 милиони денари, додава тој.
Македонија
Центар ќе биде општина што создава можности за младите претприемачи, најавува Лабудовиќ

„Центар има огромен потенцијал – полн со креативност, младост и идеи кои чекаат да добијат шанса,“ изјави кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, претставувајќи ја својата визија за развој на локалната економија и поддршка на младите и малите бизниси.
Лабудовиќ потенцира дека локалната економија е моторот што ја движи општината и дека токму Центар, како срцето на главниот град, треба да биде пример за иновативна, креативна и динамична средина што ги охрабрува луѓето да создаваат. Неговата цел е јасна – да се создаде општина што ќе ги поддржува малите креативни бизниси и младите претприемачи, затоа што токму тие се двигателот на секоја современа економија.
Во таа насока, Лабудовиќ најави формирање на Фонд за поддршка на локалната економија, кој ќе обезбеди реална поддршка за сите што имаат храброст да започнат сопствена идеја и да ја претворат во успешна приказна. Преку овој фонд, младите претприемачи, занаетчии, дизајнери и уметници ќе имаат пристап до финансиски грантови, менторска помош, стручни обуки и ресурси што ќе им овозможат да го развијат својот потенцијал. „Ќе им дадеме шанса на младите и на сите храбри луѓе што сакаат да создаваат нешто свое, токму овде, во Центар. Нашата обврска како локална власт е да им дадеме алатки, знаење и поддршка, а тие ќе го вратат тоа преку труд, креативност и нова енергија во нашата општина,“ истакна Лабудовиќ.
Во програмата се предвидува и модернизација на трговските улици, пазарите и занаетчиските простори со цел да се создадат подобри услови за работа и развој. Центар ќе биде општина која не ги гуши своите таленти, туку ги поттикнува. Ќе се отвораат јавни зони за локални продавници, студија и ателјеа, достапни за млади иноватори и претприемачи по симболични цени. Тие простори ќе станат нови креативни точки во кои ќе се среќаваат идеите, уметноста и бизнисот, создавајќи мрежа на современи маалски центри за развој.
Паралелно со ова, Лабудовиќ најави реализација на нов концепт за оживување на локалната економија преку организирање мини-саеми, креативни пазари и фестивали на локални производи, кои ќе ја вратат енергијата во срцето на градот. Овие настани ќе им овозможат на локалните производители, уметници и занаетчии да го претстават својот труд пред јавноста, да создадат нови партнерства и да ја раздвижат економијата на Центар.
„Центар мора да живее преку своите луѓе – преку занаетчиите, уметниците, малите претприемачи и младите кои веруваат дека тука можат да успеат. Ќе ја поддржиме нивната храброст, затоа што во нивните идеи се кријат идните успеси на нашата општина,“ порача Лабудовиќ.
Во рамки на економската стратегија ќе се развиваат и јавно-приватни партнерства со домашни компании и институции за финансирање на локални инфраструктурни и креативни проекти, како и воведување дигитална платформа за локален развој. Преку неа, граѓаните и претприемачите ќе можат да аплицираат за поддршка, да пријавуваат идеи и да следат како се реализираат општинските проекти.
„Време е Центар повторно да стане место каде што храброста и младоста се поддржани, каде што идеите добиваат шанса, а секој труд е вреднуван. Да им дадеме сила на младите – затоа што во нивните идеи е идната економија,“ заврши Лабудовиќ.