Култура
Проекција на францускиот филм „Старателство“ по повод 8 Март
Францускиот институт во Скопје организира проекцијата на филмот „Старателство“ во вторник, 8 март, во 20 часот, во Кинотеката.
Филмот е со ангажирана тематика и се прикажува по повод Меѓународниот ден на женските права, а воедно е и прв настан од серијата активности во знак на одбележување на месецот на франкофонијата.
„Старателство“ е филм на Гзавие Легран од 2017, со Леа Дрикер, Дени Миноше и Тома Жорија во главните улоги.
Филмот ја обработува темата за децата како жртви при бракоразводна постапка на родителите, но и за насилството во рамките на семејството.
Добитник е на многубројни награди, меѓу кои и 4 награди „Цезар“: најдобар филм, најдобра женска улога, најдобро сценарио и најдобра филмска монтажа.
Филмот е со превод на македонски јазик, а резервации на билети се прават во Кинотеката.
Проекцијата ќе се одржи во согласност со здравствените ковид-протоколи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Поради задоцнетите летови откажан е уличниот спектакл на француската театарска трупа „Кидам“
Изведбата на уличното дефиле и претстава на француската театарска група „Кидам“ (La Compagnie des Quidams) е откажана, откако уметниците од „Кидам“ ниту вчеравечер не пристигнаа во Скопје, поради задоцнети и откажани летови.
Од Францускиот институт во Скопје соопштија дека се работи само за одложување и посочуваат дека тие ќе го одржат своето ветување и ќе донесат голема и убава улична претстава во Скопје, отворена за најширока публика, во знак на затворање на 50-годишнината од своето постоење.
Францускиот институт во Скопје ви се заблагодарува на разбирањето и уште отсега ви го најавува настанот којшто, штом се создадат услови, ќе се одржи оваа есен, соопштија од Францускиот институт во Скопје.
Претставата најпрвин требаше да се одржи на 28 јуни, но беше преместена за вечер, поради летот на гостите од Франција, кој бил одложен за денеска заради големото невреме. Сепак, уметниците ниту вчеравечер не пристигнаа во Скопје, а причина се задоцнети и откажани летови, кои се должат на невремето што изминатиов период ја зафати Западна Европа.
Култура
Вечер во Скопје уличен спектакл на француската театарска трупа „Кидам“
Со улично дефиле и претстава, насловени „Сонот на Ербер“ вечер во главниот град ќе биде заокружена прославата на 50-годишнината од постоењето на Францускиот институт во Скопје. Претставата е во изведбата на француската театарска трупа „Кидам“ (La Compagnie des Quidams), која има од 100 до 150 настапи годишно низ целиот свет.
Настанот што го организираат Францускиот институт и фестивалот „Скопско лето“ ќе започне во 21:00 часот, од пред Музејот на град Скопје. Дефилето потоа ќе помине низ улица „Македонија“, преку Камениот мост до плоштадот „Карпошово востание“, каде што ќе се одржи финалето на претставата.
Низ волшебна музика, пет обемни фигури, високи четири метри, ќе изведат магичен ритуал преку кој ќе ѝ овозможат на една ѕвезда да се издигне на небото…Претставата е наменета за сите возрасти. На крајот на претставата, на фасадата на „Ибни Пајко“, ќе биде прикажан видео-мапинг на македонскиот визуелен уметник Емил Петро, насловен „Франција во светлина“.
Претставата требаше да се одржи вчера, но поместена е за еден ден бидејќи летот на гостите од Франција, беше одложен поради големото невреме.
Прославата на 50-годишнината е поддржана од повеќе компании пријатели на Францускиот институт во Скопје.
Култура
Изложба на македонскиот сликар Стефан Хаџи-Николов во Крива Паланка
Самостојна изложба на познатиот македонски сликар Стефан Хаџи-Николов ќе биде отворена во сабота, 29 јуни, во галеријата на ЛУ Градски музеј Крива Паланка, со почеток во 20,00 часот.
Изложбата е на иницијатива на Градскиот музеј кој од оваа година започнува со организирање годишни изложи на по еден учесник на Меѓународната ликовна колонија „Свети Јоаким Осоговски“, што се одржува во истоимениот манастриски комплекс.
Стефан Хаџи-Николов е долгогодишен учесник на колонијата и член на Организацискиот одбор, со кого започнува серијата изложби во локалната музејска установа. Член е на ДЛУМ од 1984 година, досега има реализирано повеќе од 75 самостојни изложби и над 100 групни изложби во земјата и странство. Добитник е на бројни награди и признанија меѓу кои и највисоките државни награди и тоа: „23-ти Октомври“ за долгогодишни остварувања во културата и уметноста и „13-ти Ноември“ за долгогодишни високи остварувања во сликарството. Ги има добиено и наградите „Климент Охридски“, „Вангел Коџоман“, „Константин Мазев“, „Лазар Личеноски“, а особено се издвојува наградата „Златни феномени“, доделена од бугарската асоцијација „Феномени“ (АСФЕН). Хаџи-Николов е првиот Македонец кому му е доделена оваа награда , врачена на неговата изложба во софискиот центар „ЦУМ“ во 2002 година.
Изложбата на Стефан Хаџи-Николов е дел од богатата програма на манифестацијата „Крива Паланка –Град на културата2024“.