Култура
Костадиновска-Стојчевска во работна посета на институциите: Годинава повеќе средства за културата во Охрид
„Годинава за културата во општина Охрид се издвоени повеќе средства за разлика од лани, односно сите институции од областа на културата во 2022 година добија поголем буџет“ – рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која вчера ги посети националните културни установи во Охрид.
Костадиновска-Стојчевска истакна дека Охрид поседува ретко светско природно и културно богатство и имаме обврска да го зачуваме, и во таа смисла, посочи дека Заводот и музеј од Охрид доби четири милиони денари повеќе од минатата година.
Со средства од над 12 милиони денари ќе реализираат 30 проекти од сите сегменти за заштитата на културното наследство.
Министерката за култура нагласи дека најголем буџет од Министерството за култура е издвоен за почнувањето на конзерваторско-реставраторските работи на заштитените градби, какви што се: Куќата на Момирови, која е во сопственост на НУ Завод и музеј – Охрид и е лоцирана веднаш над Античкиот театар, Куќата на Калајџиеви од с. Вевчани, како и зградата на ул. „Партизанска“ б. б. од Струга, за кои се обезбедени вкупно осум милиони денари.
Продолжуваат систематските археолошки ископувања на Самуиловата тврдина, а по долгогодишна пауза, стручните екипи повторно ќе се навратат на локалитетот Плаошник. Ќе започне и реализација на проектот за конзервација и реставрација на архитектурата на базиликата од ранохристијанскиот период кај „Св. Еразмо“.
„ Обезбедивме средства за осовременување и подобрување на условите во изложбениот простор во музејот Куќата на Робевци и во Галеријата на икони, како и за збогатување на етнолошката збирка со виолината на познатиот охридски трубадур Климе Садило – рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека ќе продолжи постапката за доопремување со техничка опрема на конзерваторските лаборатории од НУ Завод и музеј – Охрид, во кои секоја година се конзервираат и реставрираат голем број движни наоди од музејските збирки.
Повеќе средства од буџетот на Министерството за култура за 2022 година се издвоени и за Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид, каде што и годинава ќе се реализираат многубројни проекти, меѓу кои се манифестациите со традиционален карактер – „Прличеви беседи“ и „Балкански фестивал“. Министерството за култура издвои средства за набавка на нова светлосна лед-опрема за потребите на Театарот и на сите придружни манифестации што се одржуваат во установата, како и за промена на дел од застарената столарија.
Костадиновска-Стојчевска го изрази задоволството од функционирањето на Библиотеката „Григор Прличев“ од Охрид, која ќе реализира девет проекти, а наскоро во Библиотеката ќе биде отворено Италијанското катче за чие опремување се очекува помош и од Италијанската амбасада во Скопје.
Значително поголем буџет е издвоен и за фестивалот „Охридско лето“, кој за годинaшната фестивалска програма доби 32 милионa денари од Министерството за култура, за разлика од лани кога доби поддршка од 20 милиони денари.
„Ова се само мал дел од проектите со кои потврдуваме дека се грижиме за културата, за уметничките дострели и за креативните модели на Охрид како голем културен центар во Република Северна Македонија и на Балканот“ – рече Костадиновска-Стојчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книга за деца и претстава „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова
Оваа сабота (7 февруари), во рамките на фестивалот „Денови на литературата“ на „Арс Ламина“, во книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“ со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова. Илустрациите се дело на Рената Јосифовска.
Книгата е инспирирана од животот и творештвото на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен и е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, инспирирани и од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски.
Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска, во форма на краток дијалог со авторката. По промоцијата, ќе се одржи мини-претстава за деца, во која ќе учествуваат авторката и диригентката Дијана Имери Илкоска, задолжена за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано.
„Златната книга на Лудви“, како и сите книги од серијалот, не го обработува животот на композиторите, туку создава нови бајки за деца. Главниот лик, малиот Лудви, е дете кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.
Издавач на книгата и на целиот сет „Музичка кутија“ е „Либи“ (дел од „Арс Ламина публикации“).
Култура
Јубилеен концерт на Љубојна за 25 години постоење
Љубојна, една од најавтентичните македонски музички групи, оваа година прославува 25 години постоење и ја започнува 2026-та со ново големо целовечерно концертно издание во Скопје за одбележување на четврт век творештво во својот препознатлив манир кој ја позиционира групата во еден од водечките музички брендови на Македонија.
Јубилејниот концерт на Љубојна ќе се одржи на 29 март со почеток во 20:00 часот, во Големата сала на Филхармонија.
Љубојна или „љубов“ и „бој“, еден од најпрепознатливите и најрепрезентативни бендови во регионот, автентично го пренесува пулсот на музичкиот бит во не само она, што се нарекува урбан, туку и светски отворен звук. Љубојна не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер-саунд од една подзаборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика. Групата твори музика, со сета нејзина страст, ентузијазам и жестина која е изговорена како универзален музички јазик, според космополитски код кој што го носи во себе.
Својата музика Љубојна ја свири страсно, со енергија на рок бенд и тоа во сите нејзини форми: нејзината изворна, класична, популарна, експериментална форма. Ја соопштува преку фантастичната вокална експресија на Вера Милошевска која заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент) веќе 25 години се бренд на бендот и синоним за Љубојна. Експериментирајќи и истражувајќи, Љубојна постојано ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.
Музиката на Љубојна е спој на сите експресивни и елегични чувства и звуци на радост, тага, еуфорија, интензивност, чилаут, поп, страст, фанк, соул, фолк, ориентал, стомачен танц, џез, ортодокс-гламур…
„На 29 март, во Филхармонија македонската публика ја очекува концертна вечер посветена на безвременската музика на Љубојна, во нивниот препознатлив автентичен израз, богат со емоции, магичен сценски набој и специјални гости кои наскоро ќе бидат објавени. Влезниците за концертот се достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс“, велат од Пасворд продукција.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.

