Култура
Изложба на уметничка фотографија „Жените и фотографијата 2022 “
Во чест на меѓународниот ден на жената, 8 Март, Фото клубот „Куманово“ во соработка со НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ја организира националната изложба на уметнички фотографии „Жените и фотографијата “ којашто се отвара на 10.3.2022 / четврток / во Изложбениот салон на Центарот во 19:30 ч.
Фото-клубот „Куманово“ на творечки начин говори за ангажираното присуство на жената во светот на фотографијата и тоа го претвора во традиција! Ова е деветто издание на изложбата во која се прикажани 50 фотографии од женската фотографска фела во Република Македонија.
Меѓународниот ден на жената е потсетник да го согледаме и славиме напредокот на жените низ историјата. Историја која сведочи за борба на храбри и достоинствени жени со цел обезбедување подобра позиција на жената во сите сфери на општеството. Општество ослободено од стегите на родовата нееднаквост – општество отворено за промени и нови предизвици.
Жените преку фотографијата прават вистинска револуција во осознавање на светот, која води кон рушење на поделбите, а со тоа и прифаќање на нови мислења и воспоставување нови парадигми.
Како индивидуи или здружени во организации, жените се борат за еднаквост на можностите, но и за еднаквост во резултатите!
Записите покажуваат дека до 1900 година имало повеќе од 7000 професионални жени фотографи во светот. Жените сочинуваат речиси 20 проценти од професијата во време кога било невообичаено жените дури да имаат професија.
Како што споменавме и претходната година, Фото-клуб ““ е со поголема бројност на жени фотографи, а тоа е еден од многуте показатели за нивна се поголема вклученост во оваа креативна дејност. Фотографијата како актуелен и моќен медиум на изразување одбележувајќи го секој белег на времето во кое живееме, сведочи за успешноста на жените во креирање поубав и похуман свет!
На изложбата застапени се две теми. Ставен е акцент на жената – нејзината појава и улоги во еден организиран визуелен облик кој заслужува внимание и слободна тема како простор за интерпретација на светот околу себе виден преку објективот на жените автори. Проектирани се личните доживувања на стварноста и феноменот на секојдневието со разновидни стилски определби, но со исти цели во естетска и емотивна основа на своето творештво, изразувајќи се во жанрот кој највеќе одговара со нивниот сензибилитет!
Разновидноста, актуелноста и автентичноста на нивните уметнички сфаќања и толкувања, високиот степен на естетска свест ги чини рамноправни членови во оваа креативна дејност!
Со анализа на содржината на делото т.е. мотивот па и комплетната форма може да ја поврземе фотографијата со духот, карактерот и личната култура на фотографот, па дури и со полот на авторот. Авторката поради различноста во перцепцијата, суптилноста, вроденото чувство за грижа и емотивноста која може да ја раскаже и долови само жената фотограф – преку фотографијата успешно произведува цел свет од доживувања, спомени, моменти и пресеци на реалноста и местото каде што припаѓа.
Фотографиите учествуваат во животот на идните генерации како предмети од визуелно и емоционално искуство на оние кои ги разгледуваат. Тие продолжуваат да ја емитираат во себе пораката, експресивната енергија која ја втиснале нивните автори. Затоа, одбележувајќи го Меѓународниот ден на жената (8 март) во име на Фото-клуб „Куманово“ им се заблагодаруваме на сите жени автори кои учествуваа на оваа изложба. Целта на изложбата е да се даде поттик, поддршка, да се продолжи со активноста, а ние како Фото-клуб да ја славиме жената како творец во областа на фотографијата!
Изложбата ќе биде поставена до 23.3.2022 г.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Приказната за Силјан“ ја освои наградата од публиката на Cinema Eye Honors
Документарниот филм „Приказната за Силјан“, во режија на Тамара Котевска, е добитник на Audience Choice Prize на Cinema Eye Honors, една од најзначајните и највлијателни меѓународни награди за документарен филм.
Наградата, која се доделува исклучиво врз основа на гласовите на публиката, доаѓа по силна меѓународна конкуренција. „Приказната за Силјан“ победи во конкуренција со документарни филмови од Бразил, Канада, Палестина, Гана, САД, Данска и Нов Зеланд, потврдувајќи дека македонската приказна има моќ да одекне на светската сцена.
Audience Choice Prize е награда што произлегува директно од изборот на публиката и ја одразува нејзината поврзаност со филмот, поради што се смета за едно од најрелевантните признанија во современиот документарен филм, често препознаено како силен показател за меѓународен одек и понатамошен успех.
Ова признание е резултат на масовна поддршка од Македонија и светот, кои се вклучија во гласањето и ја претворија оваа награда во заедничка победа, надминувајќи национални и географски граници.
„Ова е можеби најважната награда што ја освои „Силјан“, затоа што доаѓа од публиката. Таа не е само признание за филмот, туку и за луѓето кои гласаа за него. Гласањето за оваа награда ја сплоти македонската јавност и безусловно го даде својот глас за оваа фолклорна бајка. Во силна меѓународна конкуренција, победи гласот на публиката и искрената емоција“, изјави режисерката и продуцентка на „Силјан“, Тамара Котевска.
Филмот, кој беше откупен од National Geographic Documentary Films и прикажан на низа престижни меѓународни фестивали, уште еднаш потврди дека локалните, автентични приказни имаат моќ да зборуваат универзален јазик и да обединат публика ширум светот.
Со освојувањето на Audience Choice Prize, „Приказната за Силјан“ го заокружува својот исклучителен меѓународен пат и јасно ја позиционира Македонија како простор од кој доаѓаат приказни со силен, препознатлив и човечки глас на светската документарна сцена.
Култура
Кинотеката на Македонија – Половина век филмска меморија
Програмата на Кинотеката на Македонија за јануари 2026 претставува внимателно осмислена и содржински богата целина што уште еднаш ја потврдува улогата на оваа институција како темел на филмската култура, едукацијата и критичката мисла во земјава. Во година во која Кинотеката одбележува значајни педесет години од своето формирање, јануарската програма функционира и како симболичен преглед на нејзината мисија — да го чува, прикажува и контекстуализира филмското наследство, истовремено отворајќи простор за современи авторски гласови и нови генерации гледачи.
Посебно место во програмата заземаат тематските целини КИНО УТРО, со проекции на анимирани филмови наменети за младата публика, чија цел е да ѝ се приближи киното како уметност и искуство уште од најрана возраст. Преку овие проекции, Кинотеката активно ја гради идната публика и ја зацврстува врската помеѓу младите и филмскиот медиум. Во јануарската селекција се вклучени и избрани содржини од фестивалот КИНЕНОВА, кои носат свежи авторски перспективи и современи филмски практики, како и проекции на значајни документарни остварувања, меѓу кои „Југо Флорида“ и „Фанк Ју“, филмови што со ангажиран и аналитичен пристап ги отвораат културните и општествените прашања на регионот.
Особено внимание привлекува и долгоочекуваниот музички документарец „Трет свет“, посветен на култниот хрватски бенд Хаустор, кој преку архивски материјали и сведоштва нуди длабински поглед кон една од највлијателните музички појави на екс-југословенскиот културен простор. Домашната продукција е застапена со проекции на најновите македонски филмови „Утре наутро“, во режија на Јани Бојаџи, и „Сите го викаат Реџо“, копродукција со Косово и Албанија, што сведочи за отвореноста на македонската кинематографија кон регионалната соработка и актуелните тематски предизвици.
Програмата се заокружува со проекцијата на антологиското ремек-дело „Небото над Берлин“ на Вим Вендерс — филм што и по децении останува непресушен извор на инспирација, поетски запис за човечката осаменост, љубовта и духовната потрага по смисла. Неговото прикажување во рамките на јубилејната година на Кинотеката има и дополнителна симболичка тежина, потсетувајќи на континуитетот на филмската уметност и нејзината моќ да опстои над времето.
Половина век по своето основање, Кинотеката на Македонија не е само простор за проекции, туку жив културен организам што активно ја обликува филмската свест, го чува колективното паметење и создава простор за дијалог меѓу минатото, сегашноста и иднината на киното. Јануари 2026 е уште една потврда дека оваа институција останува незаменлив столб на културниот живот и еден од најважните чувари на филмската уметност во земјава, се наведува во соопштението на Кинотеката.
Целосна ПРОГРАМА
Култура
Денеска ќе биде погребана Брижит Бардо
Француската филмска актерка Брижит Бардо, која почина минатиот месец на 91-годишна возраст, денеска ќе биде погребана во летувалиштето Сен Тропе на француската ривиера, објави Ројтерс, повикувајќи се на локалните власти.
Погребната церемонија ќе се одржи во 10 часот во црквата „Нотр Дам де л’Асумпсион“, по што Бардо ќе биде погребана во строга приватност на градските гробишта. Комеморација отворена за граѓаните и обожавателите ќе се одржи во старата градска четврт Ла Понш.
Бардо светската слава ја стекна со филмот „И Бог ја создаде жената“ и стана една од најголемите икони на француската поп-култура. По повлекувањето од филмот во 1973 година, се посвети на заштита на животните, но подоцна беше контроверзна фигура поради своите политички ставови.

