Македонија
Владата: Намалување на горивата, намалени акцизи и ДДВ

Со дел од 26-те мерки за заштита на животниот стандард и ликвидноста на компаниите, за заштита на животниот стандард, како и мерките за финансиска поддршка на деловните субјекти, цената на дизел-горивото, наместо 85,5 денари, колку што изнесува сега, ќе се намали 10,5 денари и треба да изнесува 75 денари, а бензинот, наместо 91,5 денар, ќе се намали 11,5 денари и треба да изнесува 80 денари, велат од Владата преку допис до медиумите.
Овие намалувања на цените на бензините и другите нафтени деривати произлегуваат од мерката за намалување на стапката на ДДВ од 18 на 10 % при промет на енергентите: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас (ТНГ) и метан, како и од мерката за намалување на акцизата врз основа на берзанските цени.
Со намаленото ДДВ за нафтените деривати практично се намалува цената на енергентите за граѓаните, со што имаме заштита на животниот стандард, од една страна, а преку мерката се зголемуваат ликвидноста и солвентноста на компаниите од друга, и со намалувањето на акцизите се заштитува куповната моќ на потрошувачите со директно влијание врз малопродажната цена на овие енергенти, и тоа за приближно 1,2 денар, односно 2,3 денара, односно 4,7 денари, вклучувајќи го и ефектот од намален износ на ДДВ за износот на намалена акциза.
Дополнително, со мерката за ослободување од плаќање ДДВ при увоз на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување, се ослободуваат увозниците на природен гас и електрична енергија, топлинска енергија или енергија за разладување од плаќање данок на додадена вредност при увоз на овие добра, со што се овозможува подобрување на ликвидноста и на профитабилноста на компаниите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Без вода делови од Центар и Аеродром

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Питу Гули бб, општина Центар (во близина на Тинекс), прекинато водоснабдување ќе имаат следниве улици: Питу Гули, дел од Загребска, Ганчо Хаџипанзов, Капештец, Димитар Пандилов, Караорман, висока зона Козле и Ловќенска-крак 1,3,5 и 7.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Денеска поради уличен дефект на 3-та Македонска Бригада бб, прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на Вива, Метро, Центро, Спорт М и Форд, во општина Аеродром.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Делови од Аеродром, Центар и Ѓорче Петров денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на дел од село Долно Лисиче.(општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 15.00 часот, корисниците на објектите спроти Ист Гејт населба Крњево.(општина Центар)
· во периодот од 08.10 до 12.00 часот, корисниците од улица Божидар Рајковиќ, дел од ул. Горноврановска и дел од улицата Горно Лисиче (општина Аеродром)
· во периодот од 08.10 до 16.00 часот, корисниците на улиците Ибе Паликуќа, Воин Драшкоци, Веле Марков (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Претежно облачно со повремен дожд

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Кон крајот на денот врнежите насекаде ќе престанат. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 13, а максималната ќе достигне од 8 до 16 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремен дожд. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 12, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Од четврток времето ќе биде стабилно и суво со слаб до умерен северен ветер. Дневната температура ќе биде во пораст.