Култура
Мартовски амбивалентни интерпретации

Мултимедијалните авторки Ана Димчевска-Семенпеева, Вероника Камчевска, Марина Аврамовиќ и Симона Манчевска преку своите дела ја обработуваат идејата за жената како состојба и рефлексија во социо-економските предиспозиции на општеството. Преку видеоарт, анимација, инсталации и графика ги деконструираат феноменолошките особености на родовите специфичности, кои сами по себи го содржат конфликтот на себеспознавањето на битието како уникатен дел од живеењето. Нивниот уметнички израз го истражува критичкиот диспозитив на врамување особености што ги детерминираат половите и родовите релации. Нивната заложба не е само да се даде можност за потврда на женската битност, туку да се повлече критички осврт кон слабостите на постоење во свет на крајна поделеност.
Видеоавторките Вероника Камчевска и Марина Аврамовиќ посочуваат дека жената како авторка не е доволно присутна во филмската, мултимедијалната и во видеоарт-продукција. Според нив, креативните индустрии мора да бидат поотворени, а воедно општеството да создава и услови за еднакво партиципирање. Можноста да се создава и твори во мултимедија отвора големи прашања за поделеноста во оваа индустрија, која полека станува поосвестен и отворен пазар за жените артисти, но сѐ уште е далеку од она што значи рамноправно учевство и економска еднаквост, истакнуваат авторките. Според нив, ако се гледаат статистички добиените награди на големите филмски фетсивали, очигледно е каде се наоѓа жената авторка, а во оној момент кога некој филм станува успешен, тогаш тоа е пренагласено во медиумскиот простор дека станува збор за дело од жена режисер, што го повлекува прашањето за прикриена дискриминација.
Уметничкото видео „C/11“ на Вероника Камчевска ги истражува состојбите на поделеност и симулации на реалноста кои го оттргнуваат битието од самоспознавање. А експерименталното видео „Тешкоба“ на Марина Аврамовиќ го отсликува влијанието на медиумите во моделирањето на жената како општествен конструкт.
Авторската љубопитност на уметницата Ана Димчевска-Семенпеева кон секојдневните човекови релации ја трансформира комплексната егзистенцијална битност во уметничка содржина, каде што жената е краен агенс. Прашањата поврзани со суштината на човековото постоење и неговата егзистенција го набљудува со уметнички интерес, кој не е само градиво за почетен концепт на уметничко дело, туку и преиспитување кај самата авторка и гледачот кон постојана потрага за каузалоноста на состојбите и причината за последиците.
(Дело: „Брзиот полжав“ Сериграфија 70смХ50см, Ана Д. Семенпеева)
Уметницата Симона Манчева преку видеосимулацијата „Полиња за убивање“ ги истражува општествениот дискурс и индивидуалната слобода.
„Општествениот дискурс ни кажува многу работи и поставува разни прашања кои ја ограничуваат индивидуалната слобода, особено границите на човечкото тело, како што е човечката природа, која општеството ја сфаќа како девијантна, како и задоволувањето на човечките потреби и фантазии се смета за перверзна, а преку квир-дискурсот нашиот фокус е отворено прифаќање на овие девијантни работи… девијантното е сосема релативно…“, вели Манчева.
Уметничка изјава:
„Жената“ е состојба. Момент на симулација. Сѐ она што во фаза на рефлексија го означува бидувањето човек и ја нагризува идејата да се биде женско само поради половата предиспозиција. Битието станува свесен дел од суштествувањето само тогаш кога конструктот го губи наративот во значајниот дел да се биде во животот сам по себе.
Жената е сила. Таа е Јанус и Медеја. Гаја и Хаос.
Таа е и тогаш кога престанува означениот карактер на родовата предиспозиција и ползи во нејзиниот императив, кој создадва и руши спознание на различности.
Жената е биос-деус. Венера и силната страна на Зевс.
Жената е ти и ти си тука преку единствен циклус на создавање и отуѓување од твоето материјално Јас.
Жената е магија и уникатен инженер на сите сфери стокмени во живеењето.
Таа е уметница, писателка, лекарка, новинарка, домаќинка, сексуална работничка, припадник на ЛГБТ ( LGBTIQ + ) заедницата и сѐ што сме ТИ и ЈАС.
Жената е стваробитност во социо-економскиот систем. Таа е истисната компонента во постојана борба на самодокажување. Таа е неуморна, идеен фактор на сѐ она што е околу нас. Жената не е конструкт. Таа е самата во себе концепт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Хуманитарен концерт на светски познатиот виолинист Роман Симовиќ и институтот ФЕЈМС за Кочани

На 29 април, во камерната сала на Македонската филхармонија, ќе се одржи хуманитарен концерт со исклучително значење – музичка вечер исполнета со класика, солидарност и поддршка. Концертот е во организација на институтот „ФЕЈМС“, со учество на светски познатиот виолинист Роман Симовиќ, концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар.
Средствата од продадените билети ќе бидат донирани за фондот за поддршка на семејствата на жртвите и повредените во трагичниот пожар во ноќен клуб во Кочани, каде што животите ги загубија над 60 лица, а повеќе беа повредени.
„Во моменти кога зборовите не се доволни, музиката може да биде најчистата форма на утеха и солидарност. Овој концерт е наш начин, преку уметноста, да им дадеме поддршка на семејствата погодени од оваа незамислива трагедија. Исклучително сме благодарни на Роман Симовиќ што ја прифати поканата да настапи и ја стави својата уметност во служба на хуманоста“, изјавија од „ФЕЈМС“.
На концертот, публиката ќе има ретка можност да ужива во изведба на дела од Бетовен – Концерт за виолина и Симфонија бр. 7, под палката на маестро Симовиќ и оркестарот на „ФЕЈМС“ институтот составен од млади, исклучителни музичари од различни европски земји. Настанот се организира во соработка со Црвениот крст на РСМ, а на самиот концерт ќе бидат поставени и пунктови за дополнителна доброволна донација.
Инаку, Роман Симовиќ е еден од најценетите виолинисти на нашето време, со богата солистичка и оркестарска кариера. Тој е концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар и настапувал на некои од најпрестижните сцени во светот како Barbican, Carnegie Hall, Rudolfinum и Salle Pleyel. Добитник е на бројни меѓународни награди (вкл. Wieniawski и Sion-Valais), и има настапувано под диригентство на имиња како Валери Гергиев, Антонио Папано и други. Симовиќ свири на автентична виолина Страдивариус од 1709 година, позајмена од познатиот колекционер Џонатан Моулдс. Билетите се веќе достапни преку mktickets.mk – со строго ограничен број места, оваа вечер ветува уникатно, интимно музичко доживување со длабок хуманитарен карактер.
Институтот „FAME’S“ е еден од водечките центри за оркестарски снимања и музичка едукација во Европа. Лоциран во Скопје, Македонија, институтот е посветен на создавање уникатни музички искуства преку едукативни програми, работилници и концерти кои инспирираат млади музичари од целиот свет. Нивните програми нудат можност за професионално усовршување во соработка со водечки уметници и диригенти, промовирајќи ја моќта на музиката како универзален јазик.
Роман Симовиќ е еден од најценетите виолинисти на нашето време, со богата солистичка и оркестарска кариера. Тој е концертмајстор на Лондонскиот симфониски оркестар и настапувал на некои од најпрестижните сцени во светот како Barbican, Carnegie Hall, Rudolfinum и Salle Pleyel. Добитник е на бројни меѓународни награди (вкл. Wieniawski и Sion-Valais), и има настапувано под диригентство на имиња како Валери Гергиев, Антонио Папано и други. Симовиќ свири на автентична виолина Страдивариус од 1709 година, позајмена од познатиот колекционер Џонатан Моулдс.
Култура
Народното позориште Сараево гостува во МНТ со две претстави

Сараевското народно позориште ќе гостува во Македонскиот народен театар со две претстави, на 21 и на 22 мај.
На 21 мај, во 20 часот, ќе се одигра првата претстава „Сараевскиот трговец“, по текст на Игор Штикс, во режија на Михал Дочекал. Во претставата играат 16 актери: Мона Муратовиќ, Мирвад Куриќ, Сањин Арнаутовиќ, Ведран Ѓекиќ, Амина Беговиќ, Фарук Хајдаревиќ, Нерман Махмутовиќ, Дино Бајровиќ, Ирфан Рибиќ, Сара Сексан, Белма Салкуниќ-Бектешевиќ, Милан Павловиќ, Ален Коњиција, Харис Биџан, Риад Љутовиќ и Амра Капиџиќ.
Авторот на претставата, Игор Штикс, ги поставува прашањата: „Книга или живот?“, „Театар или живот?“
Тој истакнува дека „Сараевскиот трговец“ поминал долг и необичен пат од идеја до реализација.
„Поминаа повеќе од 17 години од попладневниот разговор со пријателите Шејла Камериќ, Јован Марјановиќ, Огњен Диздаревиќ и Емина Кујунџиќ за филмска адаптација на познатото спасување на сараевскиот Хагада од Земаљскиот музеј во јуни 1992 година. Фактот што добив покана да напишам драма за стогодишнината од основањето на Националниот театар дополнително ја разгоре мојата имагинација. Така се роди ликот на Фридрих фон Дитрих – човек од Прага, кој непосредно пред Првата светска војна доаѓа во Босна за да изгради Народно позориште во Сараево. Како херцеговскиот Fitzcarraldo, кој сонува за опера среде Амазонија! А можеби токму тој, откако Лијешевиќ беше спречен да го режира овој текст, повика друг човек од Прага – овојпат од крв и месо – режисерот на оваа претстава, Михал Дочекал. Претставата е посветена на Јозеф Коен и на сите чувари и спасители на Хагадата“.
Во авторскиот тим се потпишуваат: Џорџо Урсини Уршиќ – драматург, Давид Марек – сценограф, Лејла Хоџиќ – костимограф, Мирза Реџепагиќ – композитор, Дино Хуиќ – видеодизајнер, Моамер Шаковиќ – дизајнер на светло, Бранко Векиќ – дизајнер на плакат, Велија Хасанбеговиќ – фотограф, Омар Шело – асистент сценограф, Ајла Бешиќ – асистент режисер, Мустафа Зрниќ – инспициент и Есмералда Абдиевиќ – суфлер.
На 22 мај, во 20 часот, ќе се изведе и претставата „Селска опера“ од авторот Д. Бенедек-П. Бела, во режија на Андраш Урбан, а драматург е Ведрана Божиновиќ.
Во претставата, покрај актерите што играат: Сањин Арнаутовиќ, Амра Капиџиќ, Алдин Омеровиќ, Санела Крсмановиќ-Бистривода, Сара Сексан, Ведрана Божиновиќ, Мирвад Куриќ, Санин Милавиќ и Мак Ченгиќ, е и музичкиот состав: Фауд Шетиќ – чембало, корепетитор и диригент, Амар Беширевиќ – виолина I, Ајнија Гермиќ – виолина II, Сара Касап – виолина III и Растко Зечевиќ – контрабас.
„Селска опера“ претставува бласфемија кон операта и кон квазисериозната уметност, но во исто време ја истражува суштината на универзалните вредности, исто како што тоа го прави големата уметност. Ова дело испраќа силна порака во време кога етничкото се претставува како есенција на националниот идентитет, а националниот или верскиот идентитет како врховна вредност, само тоа го прави на свој начин, слободоумен и немистификуван, кажувајќи ја вистината, смеејќи се на другите и на себе. Дали сме лицемерни? Дали нашето општество е лицемерно? Да. Ги криеме ли гревовите од минатото? Ги криеме. Дали ги оптоваруваме сите идни генерации? Да. Дали се мразиме? Да, се мразиме. Дали сме несреќни? Да. Дали е проблем да зборуваме за нашата несреќа? Проблем е. Дали нашите општество, влада, политика, државна и општествена инфраструктура се промискуитетни, инцестоидни? Да. Кога гледаме на сѐ околу нас и се соочуваме со нештата, дали на врвот на јазикот ни доаѓа реченицата: „Мајко, мила мајко, зошто ме роди?“ Да, ни доаѓа.
Во авторскиот тим се потпишуваат: Кристијан Гергеје – кореограф, Адиса Ватреш-Селимовиќ – сценограф и костимограф, Лејла Јусиќ – музичка соработничка за подготовка на актерите, Моамер Шаковиќ – дизајнер на светло, Вранко Векиќ – дизајнер на плакат и Велија Хасанбеговиќ – фотограф.
Билетите се достапни на билетарницата во МНТ и онлајн.
Култура
Нова изложба „Форми што летаат, меѓународни уметници во француските колекции“ во МСУ

Вечерва со почеток во 20 часот, во Музејот на современа уметност – Скопје ќе биде отворена изложбата „Форми што летаат, меѓународни уметници во француските колекции“, со бројни дела од четириесет реномирани уметници од колекцијата на МСУ-Скопје и 4 актуелни уметници од колекцијата на МСУ Лион.
Низ селекција на значајни дела од колекцијата на Музејот на современата уметност – Скопје, од автори како Карлос Круз-Диез, Хисао Домото, Ана-Ева Бергман, Пјотр Ковалски, Зоран Мушиќ, Енрике Пејсере, се истакнуваат уметници и од целиот свет, кои по Втората светска војна заминуваат во Париз, каде се формираат многубројни меѓународни уметнички заедници.
Селекција на дела од современи и реномирани автори од Музејот за современа уметност во Лион, како Јасмина Чибиќ, Даниеле Вале-Клајнер, Анж Лесија и Шурук Хриеш ќе бидат премиерно прикажани за време на изложбата. Тоа дополнително ќе влијае на размислата за миграциите на уметниците и важноста на културната размена.
Кураторот на изложбата е г. Матје Лелиевр, Директор на оделот на колекции во Музејот на современа уметност во Лион.
Изложбата ќе ја отворат Тихомир Топузовски, в.д Директор на Музејот на современата
уметност-Скопје, Филип Маршето, прв советник во Амбасадата на Франција и Матје Лелиевр, одговорен за одделот „колекции“ во Музејот на современа уметност во Лион и куратор на изложбата.