Регион
Американската команда за специјални операции е активирана во Албанија
На церемонијата во албанското Министерство за одбрана во Тирана американскиот амбасадор во таа земја Јуриј Ким рече дека има неколку причини за американското воено присуство на Балканот, пофалувајќи ги албанските власти што никогаш не се двоумеле да распоредат американски сили.
„ Не можевме да бараме посилен и полојален пријател и сојузник. Нашите билатерални врски се поважни од кога било“ – истакна амбасадорот Ким на синоќешната церемонија во Тирана, организирана по повод активирањето на командата на специјалните сили, пренесува РТС.
Албанскиот министер за одбрана Нико Пелеси изјави дека Албанија ќе ја искористи оваа можност да ги зголеми стандардите на своите оперативни сили.
„Ќе можеме да се бориме заедно ако се појави потреба, како што направивме во Авганистан и пошироко“, рече Пелеси.
Американските медиуми пред еден месец се обидоа да расветлат што се крие зад акцијата на Американците да воспостават база на нивните специјални оперативни сили (SOCEUR) во Албанија.
Американскиот портал „Бизнис-инсајдер“ посвети долга статија на таа база во Албанија, а својата мисија ја поврзува со Русија. Според тој медиум, Москва може да се обиде со дестабилизирачки сценарија во регионот, а американските специјалци ќе бидат ангажирани во различни мисии.
„ Албанија не е блиску до Русија, така што ја немате таа физичка близина со противникот. Но, Балканот е важен и Русија сè уште има големо влијание врз нив. На крајот на краиштата, Русите се Словени, како и повеќето жители на Балканот, со многу малку исклучоци, како Грција, а Русија отсекогаш играла на таа карта за да манипулира и да ја контролира ситуацијата, изјави неименуван извор, цитиран од Business Insider.
Во написот се споменува и приближувањето на Албанија со Турција. Според американскиот портал, формирањето на оваа база е поврзано со ова прашање.
– Турција е исто така фактор во регионот. Турција инвестираше многу во Албанија, и во земјите членки на НАТО и во земјите со мнозинско муслиманско население, но под претседателот Реџеп Таип Ердоган, Турција постојано се дистанцираше од Трансатлантската алијанса, предизвикувајќи загриженост за важно учество и операции на НАТО.
Одлуката на SOCEUR да формира нов штаб за специјални операции во Албанија може да биде тактички обид да се задржи дел од тој пристап или да се одврати Турција да ги повлече другите земји од НАТО, се вели во објаснувањето на командната база на специјалните сили на САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Во Загреб падна замрзнат дожд
Поради најавените ниски температури и замрзнат дожд, за кои Државниот хидрометеоролошки завод издаде портокалово предупредување, постои ризик од формирање мраз на тротоарите и други површини во Загреб, објави Градот Загреб, пренесува Индекс.хр.
Градот известува дека возилата на Зимската служба на Загребските патишта превентивно ги посолуваат патиштата во областа на Загреб.
Градот Загреб апелира до сите учесници во сообраќајот, возачи и пешаци, да ги прилагодат своите движења на тешките и потенцијално опасни временски услови. На возачите им се препорачува да избегнуваат непотребно патување, да возат побавно со поголем растојание помеѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање и забрзување и да користат зимска опрема и соодветни гуми. Посебна претпазливост е потребна на мостовите, надвозниците и кривините.
Пешаците се повикуваат да бидат дополнително внимателни, да се движат побавно, да носат соодветни обувки и да избегнуваат замрзнати површини секогаш кога е можно.
фото/депозитфотос
Регион
Поплави во Драч: евакуирани 180 лица, поплавени околу 800 домови
Министерот за одбрана на Албанија Пиро Венгу го свика Комитетот за цивилни вонредни ситуации за регионот Драч поради поплавите, каде состојбата е најкритична. Според него, поплавени се околу 800 домови, а 180 лица се евакуирани.
Венгу информира дека сите надлежни структури се на терен и дека состојбата континуирано се следи, додека опасноста сè уште не е помината. Институтот за геолошки науки предупреди дека и денеска се очекуваат интензивни врнежи од дожд, со можност за дополнително зголемување на поплавите.
Фото: илустрација (ЕПА)
Регион
Обилните дождови ги затворија патиштата во Црна Гора, се заканува раст на Скадарското Езеро
Неколку патишта беа затворени низ Црна Гора денес поради обилни врнежи од дожд во изминатите 24 часа. Водата се заканува и на бројни домови, а се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми во текот на ноќта кон среда.
Црногорското Министерство за внатрешни работи објави дека последиците од обилните врнежи од дожд се регистрирани во општините Никшиќ, Даниловград, Мојковац, Бијело Поље, Улцињ, Плевља, Подгорица, Колашин и Беране.
„Поради лизгање на земјиштето и излевање на реките, сообраќајот е прекинат на неколку патни правци“, се вели во соопштението на црногорското Министерство за внатрешни работи.
Според најновите информации од 15 часот, нивото на водата на сите реки се намалува, освен на реката Зета и Скадарското Езеро, кое Црна Гора го дели со Албанија. Околу две третини од ова езеро, најголемо на Балканот, ѝ припаѓа на Црна Гора, а една третина на Албанија.
Во текот на ноќта се очекува нивото на водата на Скадарското Езеро да се зголеми поради контролираното испуштање вода од хидроелектраните на реката Дрим, кое го спроведува албанската страна.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно во вторник изјави дека, поради зголемениот проток на реката Дрим, започнале контролирани испуштања вода од хидроелектраните што би можело да доведе до ненадејно зголемување на нивото на Скадарското Езеро.

