Свет
Руската инвазија досега ѝ нанела штета на Украина од најмалку 100 милијарди долари

Советникот на украинската влада за економија, Олег Устенко, изјави дека руските сили досега предизвикале штета на украинската инфраструктура, згради и друг имот од најмалку 100 милијарди американски долари.
Устенко на онлајн-состанок рече дека 50 отсто од украинските компании се целосно затворени поради војната, а другата половина работи далеку под капацитетот.
Тој рече дека процената на штетата вклучува патишта, мостови, болници, опрема и други средства.
Запрашан како може да се финансира реконструкцијата, советникот на украинската влада предложи дел од парите да биде обезбеден од руските средства замрзнати во светот, вклучително и средствата на руската централна банка во странство. Замрзнатиот имот на руските олигарси може да биде префрлен и во фондот за обнова.
Во врска со издржливоста на украинскиот финансиски систем и банкарските плаќања, Устенко рече: „Би рекол дека во сегашните околности е во ред“. Тој додаде дека фискалните резерви на Украина се приближно 27,5 милијарди долари, од 30 милијарди долари пред инвазијата.
И покрај притисокот врз локалната валута, Украинците во неокупираните области може да пристапат до готовина од банкомат и да плаќаат на касите на супермаркетите без долгите редици видени во првите два дена од војната, а плаќањата со кредитни картички и другите форми на електронско плаќање функционираат нормално.
„Дури и во градовите што сега се опкружени со руска армија жителите може да користат картички“, рече Устенко.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон со најава: ќе го забрани пристапот до социјални мрежи за деца под 15 години

Претседателот на Франција, Емануел Макрон, објави дека ќе го забрани пристапот до социјалните мрежи за деца под 15 години доколку наскоро не се постигне напредок по ова прашање на ниво на Европската унија.
Оваа одлука следеше по вчерашниот смртоносен напад од страна на ученик врз 31-годишен училишен надзорник пред основно училиште во градот Ножан.
„Не можеме повеќе да чекаме“, рече Макрон во телевизиско обраќање на каналот „Франс 2“, пренесува бриселски „Политико“.
Тој истакна дека прекумерната употреба на социјалните мрежи меѓу децата е фактор на ризик и дека воведувањето контрола на старосната граница би можело да помогне во заштитата на младите луѓе.
Грција, со поддршка на Франција и Шпанија, веќе предводи иницијатива во рамките на ЕУ за ограничување на времето што тинејџерите го поминуваат на интернет, но Макрон сака Франција да преземе мерки дури и пред евентуалната заедничка европска одлука.
Макрон, исто така, најави дополнителни безбедносни мерки, вклучително и проверка на возраста на корисниците на веб-страниците што продаваат ножеви преку интернет.
Тој најави големи казни и забрани за сајтовите што не се придржуваат.
„Петнаесетгодишник повеќе нема да може да купи нож преку интернет“, рече претседателот.
Францускиот премиер Франсоа Баиро претходно изјави дека сака да ја забрани продажбата на какви било ножеви на малолетници.
Француските власти веќе преземаат чекори за да ги обврзат платформите како што се Ix, Reddit и Bluskaj да применуваат проверки на возраста, третирајќи ги како сајтови со содржина за возрасни.
Во Франција, на 7 јуни, стапија во сила мерките што ги обврзуваат порнографските сајтови да ја потврдат возраста на корисниците.
Како резултат на тоа, сајтот „Pornhub“ престана да работи во земјата, што предизвика ненадејно зголемување на употребата на VPN услуги што ја заобиколуваат геолокацијата, пренесува Танјуг.
Свет
Нов аларм во Грац: само неколку часа по масакрот во училиштето, пристигнаа заканувачки повици

Во вторникот наутро, Грац беше шокиран од веста за масакрот во училиштето, каде што напаѓачот убил 10 лица, а потоа извршил самоубиство, а само неколку часа подоцна имаше нов аларм.
Како што пишува „Кронен“, само неколку часа по масовното убиство во училиштето, имитаторите го искористиле пукањето како изговор за да упатат закани.
Имено, друга гимназија во Грац добила заканувачки повик во вторникот вечерта, изјави Франц Руф, генерален директор за јавна безбедност.
Закана била испратена и до централната станица во Грац во вторникот попладне, пишува „Кронен“ и додава дека истрагите за овие закани се во тек.
Свет
Руски амбасадор: Обновувањето на односите меѓу САД и Русија го забавува „длабоката држава“ во Америка

Разговорот меѓу САД и Русија за решавање на прашањата во нивните билатерални односи ќе биде преместен од Истанбул во Москва, изјави денес за ТАСС новиот руски амбасадор во Вашингтон.
„Сè уште има долг пат за обновување на руско-американските односи“, рече амбасадорот Александар Дарчиев.
Според него, зближувањето со Москва го забавуваат таканаречената „длабока држава“ во САД и антируските „јастреби“ во Конгресот.
„Можам да потврдам дека во блиска иднина во Москва ќе се одржат нови разговори на делегации“, рече Дарчиев.
Војната во Украина предизвика најголеми тензии во односите меѓу Москва и Западот од Студената војна. Искусни дипломати од Москва и Вашингтон изјавија за Ројтерс во 2024 година дека не можат да се сетат дека односите некогаш биле полоши.
Администрацијата на претседателот Доналд Трамп го смета украинскиот конфликт за посредничка „proxy“ војна меѓу САД и Русија. Трамп постојано предупредуваше на ризикот од ескалација на конфликтот во светска војна.