Македонија
(Видео) Кузеска: Мицкоски да ги повика градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ парите за партиски вработувања да ги насочат кон граѓаните
Во време на најголема економска и енергетска криза со која се соочува светот поради агресијата врз Украина, Владата предводена од СДСМ во континуитет спроведува мерки за заштита на стандардот на граѓаните и стопанството. Донесовме 26 антикризни мерки вредни 400 милиони евра за заштита на граѓаните и стопанството во време на криза. Ја покачивме минимална плата, пензиите ги покачуваме, ја субвенционираме струјата да не поскапи повеќе, ги одржувме цените стабилни. Активни се и мерките за штедење на сите институции што ги спроведува и премиерот Димитар Ковачевски. За жал, гледаме дека ништо не е променето во ВМРО-ДПМНЕ, изјави на денешната прес-конференција, Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Кузеска го повикува Христијан Мицкоски да побара од градоначлниците на ВМРО-ДПМНЕ парите на граѓаните што ги расфрлаат на партиски вработувања и расипнички набавки од стотици илјади евра да ги пренаменат за потребите на граѓаните.
Мицкоски може да почне со Орце Ѓорѓиевски и да му наложи да ги пренамени стоте илјади евра за авторски договори во Кисела Вода.
Данела Арсовска да пренамени 670.000 евра наменети за партиски вработувања, Тимчо Муцунски 38.000 евра од набавката за компјутери, а ако веќе не се изедени чоколадите и бонбоните, Александар Стојковски да ги врати оние 6.000 евра во општинскиот буџет.
Само од споменатите неколку општини се доаѓа до сума од 800.000 илјади евра, а ако се земе предвид дека ВМРО-ДПМНЕ е локална власт во голем дел од општините, тоа се сериозни средства. Затоа, Мицкоски има обврска да побара од градоначлниците на ВМРО-ДПМНЕ во време на криза парите на народот да ги насочат кон помош на граѓаните, изјави Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ ги осуди заканите и навредите кон новинарот Видиновски: Институциите да реагираат
„СДСМ најостро ги осудува заканите и личните навреди кон новинарот Александар Видиновски, кон граѓаните и директорот на Канал 5 Телевизија од бугарски државјани“, велат од СДСМ.
„Говорот на омраза, заканите и навредите се недозволиви, претставуваат атак врз целата новинарска професија, слободата на говорот и слободата на информирање кои се европски вредности.
Ги повикуваме институциите да реагираат и да ги преземат сите мерки за санкционирање“, соопшти СДСМ.
Македонија
Случајот со смртните закани врз новинарот Александар Видиновски да се истера до крај, бара Демократскиот сојуз
Демократскиот сојуз жестоко ги осудува примитивните напади и смртните закани врз новинарот Александар Видиновски на социјалните мрежи и ја поздравува одлуката на Јавното обвинителство да отвори предмет против сторителите на овие кривични дела.
„Во општество каде што слободата на медиумите е загарантирана со устав и закон, а новинарите имаат посебна улога при откривањето злоупотреби и креирањето јавно мислење за потребата од владеење на правото, недозволени се закани врз нивниот физички интегритет и загрозување на нивниот живот“, велат од Демократскиот сојуз.
„Новинарот Видиновски професионално си ги извршува своите новинарски задачи и со својата работа покажува дека не смее да има недопирливи луѓе или институции, домашни или странски, сеедно, за кои нема да важи законот во Македонија.
Демократски сојуз потсетува дека безбедноста на новинарите мора да биде еден од приоритетите на секое демократско општество кое ја негува слободата на говорот, истовремено ги охрабрува надлежните институции да го истераат до крај случајот со новинарот Видиновски и виновниците да ги изведат пред лицето на правдата“, се наведува во соопштението на Демократскиот сојуз.
Македонија
(Фото) Сиљановска-Давкова се сретна со претседателот на ОАЕ: перспективите за продлабочување на билатералната соработка во фокусот на разговорот
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на Светскиот самит на владите во Дубаи, оствари средба со претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан.
Претседателката се заблагодари за гостопримството и за можноста да учествува на престижниот самит, оценувајќи го како исклучително значајна платформа за справување со глобалните и регионалните предизвици и за водење значаен дијалог со истакнати лидери и партнери од целиот свет.
Во фокусот на разговорот беа перспективите за продлабочување на билатералната соработка и беше посочена потребата од унапредување на правната рамка, се наведува во соопштението од кабинетот на Претседателката.

Посебен акцент беше ставен на економските односи и можноста за забрзување на проектите од взаемен интерес, коишто се во подготвителна фаза.
Претседателката го поздрави воведувањето на безвизен режим меѓу двете држави, оценувајќи го како одлична можност за олеснување на севкупната комуникација меѓу двете општества.
Таа изрази уверување дека средбата, што се реализира во пресрет на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, ќе даде силен импулс во севкупното натамошно унапредување на соработката меѓу двете земји.
Двајцата соговорници разменија мислења за актуелните глобални прашања и важноста на напорите за разрешување на постоечките конфликти.
Во тој контекст, претседателката ја поздрави конструктивната и одговорна улога на Обединетите Арапски Емирати, којашто се базира на принципите на мир и толеранција. Претседателката го истакна интересот од македонска страна за продлабочена соработка преку заеднички иницијативи за меѓукултурен дијалог и промоција на општите цивилизациски вредности, се додава во соопштението.

