Македонија
Триесет години дипломатски односи со Словенија
Мaкедонското Министерство за надворешни работи и Амбасадата на Република Словенија во Скопје организираа свечен настан по повод одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Македонија и Словенија.
Пред присутните гости се обрати министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој истакна дека Република Словенија е меѓу првите држави што ја признаа Македонија и прва која склучи дипломатски односи со нашата земја во моментот кога нашата држава била соочена со егзистенцијална криза.
„Денешниот ден, за нас, не е само церемонија, туку и суштинска точка на пријателство меѓу двете земји и има подлабок традиционален контекст од минатото, но за мене, тоа е уште поголема и подлабока перспектива за иднината“, нагласи министерот Османи.
Во продолжение на своето обраќање Oсмани особено се осврна на руската инвазија во Украина и опасноста од прелевање на кризата во Западен Балкан поради заостанати нерешени прашања и незаокружената европска приказна. Словенија успеа да ја задржи европската перспектива на регионот високо на агендата на европските институции, а завршување на овој процес ќе значи и суштински придонес за стабилноста, пред сѐ, на регионот, но и на целиот континент, истакна Османи.
Свое видеообраќање пред присутните имаше и министерот за надворешни работи на Република Словенија, Анже Логар, кој накратко се осврна на билатералните односи и успешната соработка меѓу двете пријателски земји во изминатите 30 години реафирмирајќи ја поддршката на Словенија за европската интеграција на нашата земја. Словенија силно се залага за брза интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, што беше потврдено и за време на последното претседавање на Словенија со Советот на ЕУ во втората половина 2021 година.
Присутните ги поздрави и амбасадорот на Република Словенија во Скопје, Милан Предан, а на настанот настапи хорот !„Франце Прешерн“.
Во рамките на активностите за одбележување на оваа 30-годишнина во дворот на Институтот за земјоделство ќе биде засадена најстарата винова лоза во Европа. Воедно, нашата Амбасада во Љубљана организира пригодни активности за одбележување на овој значаен датум во односите на Северна Македонија со пријателската Словенија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

