Култура
Со грант од 300.000 долари ќе се конзервира Теодосијанската палата во Стоби

Со грант од филантропската организација од САД „Џ. М. Каплан Фонд“, во висина од 300.000 американски долари ќе се конзервира Теодосијанската палата во археолошкиот локалитет Стоби.
Проектот, кој во наредните три години ќе го реализираат НУ „Стоби“ во соработка со фондацијата „Балканско наследство“ од Софија, Бугарија, опфаќа и едукативни работилници за професионалци од областа на конзервацијата, археологијата и менаџментот со културно наследство.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на денешната работна посета на Стоби се запозна со динамиката на овој значаен проект, кој претставува продолжение на одличната соработка со американската фондација која минатата година обезбеди средства за изработка на Генералниот план за заштита на археолошкиот локалитет Стоби, прв документ од ваков вид во нашата држава.
Во Националната установа „Стоби“, годинава со 9.4 милиони денари, преку Годишната програма на Министерството за култура ќе се реализираат други 14 проекти, преку кои ќе се истражи, заштити, презентира и промовира еден од најзначајните споменици на културата од римската и од доцноантичката епоха на овие простори.
Директорот на НУ „Стоби“, Спасе Перовски, информираше дека во април стартува археолошко-истражувачката дејност на локалитетот. Тој ја запозна министерката за култура дека годинава стручните екипи ќе работат на неколку важни проекти, меѓу кои и конзервација и реставрација на сегменти од Стоби; конзервација, реставрација, реконструкција и археолошки доистражувања на Римскиот театар; како и археолошки доистражувања и конзервација на фрескоживописот и на архитектонските делови на Старата епископска базилика.
Ќе се изработуваат и основни проекти за конзервација и реставрација на зачуваните мермерни елементи од гледалиштето на театарот, како и основните проекти за конзервација и реставрација на керамички и стаклени садови, како и на метални предмети од збирката, а ќе се набавува и опрема за потребите на конзерваторската лабораторија.
Директорот Перовски исто така ја информираше министерката Костадиновска-Стојчевска за другите меѓународни проекти кои ги реализира оваа Национална установа, меѓу кои е и грантот во рамки на ИПА-програмата за меѓугранична соработка со Килкис од Република Грција. Преку овој проект делумно ќе се обезбедат средства за Формирање на центар за посетители во старата железничка станица во Стоби, паркинг за посетители и поставување на фотоволтаични панели.
Перовски информираше и за грантот од Европската комисија, во рамки на Проектот за соработка и дисеминација преку имерзивно раскажување на културното наследство во Западен Балкан. Преку овој проект кој НУ „Стоби“ го реализира со шест други институции од регионот, како што рече Перовски, ќе се понуди ново туристичко искуство на локалитетот.
Костадиновска-Стојчевска за време на посетата ги поздрави напорите на НУ „Стоби“ за вклучување на модерните технологии во презентација на културното наследство и посака што поголем интерес за првата виртуелна апликација, која овозможува виртуелно патување во минатото на Стоби и доживување на гладијаторските перформанси кои се одвивале на овој локалитет. Апликацијата, што ја изработи „БЛИНК 42-21“, во соработка со НУ „Стоби“ беше дел и од потесната листа на најдобри иновации на глобално ниво за 2021.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Од јануари до јули годинава Македонија ја посетиле 730.793 туристи

За 10,2 проценти е зголемен бројот на туристите од јануари до јули годинава и нашата стратегија е Македонија да се развива како регионален туристички хаб кој комбинира економски раст, културна промоција и меѓународна видливост, порача од Крушево министерот за култура и туризам Зоран Љутков кој присуствуваше на манифестацијата „Одржлива трансформација во туризмот“ за денешниот светски ден на туризмот.
-Од јануари до јули годинава Македонија ја посетиле 730.793 туристи, што претставува зголемување од 10.2 % во однос на истиот период минатата година. Кај странските туристи имаме значителен раст од 15.1 %, што ја потврдува позитивната динамика на меѓународниот интерес за Македонија како туристичка дестинација. Вкупниот број на ноќевања во овој период изнесува 1.750.979, што е зголемување од 5.5 % во споредба со претходната година. Најмногубројни се гостите од Турција, Србија, Полска и Холандија. Овие податоци јасно покажуваат дека Македонија станува сè поатрактивна туристичка дестинација, особено за странските пазари. Тоа е резултат на активните политики и промоции што ги спроведуваме, но и доказ дека туристичката слика на нашата земја се менува во позитивен правец, рече Љутков при обраќањето на манифестацијата во крушевскиот хотел „Панорама“.
Туризмот за Македонија е прашање од стратешко значење. Нашата географска положба – на крстопатот на Балканот, каде се сечат европските Коридори 8 и 10 – ни овозможува да бидеме транзитен центар, но и повеќе од тоа.
-Наша цел е патниците кои минуваат низ земјата да станат гости, а гостите да станат амбасадори на македонската култура, природа и гастрономија. Тоа е дел од нашата стратегија: Македонија да се развива како регионален туристички хаб кој комбинира економски раст, културна промоција и меѓународна видливост, порача министерот за култура и туризам Љоран Љутков.
На манифестацијата беа презентирани туристичките можности и капацитети на Крушево, а беа претставени и гастрононските специјалитети како уникатност на традицијата и на културата што привлекува посетители и туристи. Воедно, Крушево ги претстави и сите предности на природните ресурси за планински и алтернативен туризам.
Култура
15 издание на „100 Илјади поети за промена“ во Струмица

Во Струмица во сабота, 27 септември 2025 година ќе се одржи јубилејното 15. издание на манифестацијата „100 Илјади поети за промена“. Програмата ќе биде реализирана во НУ Завод за заштита на спомениците од културата и Музеј – Струмица.
Со почеток во 19:30 часот најпрво ќе биде промовирана годинешната збирка „100 Илјади поети за промена“ и ќе се одржи поетско читање на дел од застапените поети, меѓу кои гостите од Унгарија, Словенија, Грција, Албанија, Косово, Србија, Бугарија и Македонија, за потоа да продолжи во 21:30 во кафе бар „Нагоре“ со ретроспективна изложба на платаите од изминатите години и концерт на хип хоп составот „Пука козметика“
На конкурсот годинава конкурираа повеќе од 200 учесници.
Култура
МОБ: Почеток на сезоната со „Реквием“ од Моцарт на 3 октомври

Остануваат уште неколку дена до свеченото отворање на сезоната 2025/2026 во Македонската опера и балет со едно од најмоќните и најемотивни ремек-дела во историјата на класичната музика – „Реквием“ од Волфганг Амадеус Моцарт, најавија од Националната опера и балет.
„Ова монументално остварување повеќе од два века ја фасцинира и инспирира публиката ширум светот и се смета за едно од најзначајните и најизведувани дела во светската музичка литература. Секоја нота од „Реквием“ го носи печатот на Моцарт и ја потврдува неговата вечна музичка величина“, истакна организаторот.
Големата сцена на Македонската опера и балет, на 3 октомври, во 20 часот ќе оживее со енергијата на маестро Џанлука Мартиненги и магијата на солистите Биљана Јосифов, Николина Јаневска, Јане Дунимаглоски и Владимир Саздовски, придружени од хорот и оркестарот при МОБ.