Македонија
Порака од претседателот Стево Пендаровски по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром
По повод одбележувањето на Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, претседателот Пендаровски ја упати следнава порака:
Светскиот ден на лицата со Даунов синдром, 21. ден од третиот месец, како симбол за трите копии на 21. хромозом што ги носат лицата со Даунов синдром, е само еден од низата поводи кои нè потсетуваат што сме направиле за лицата кои живеат со оваа состојба и кои се идните чекори кои треба да ги преземеме за обезбедување на нивен рамноправен и квалитетен живот.
Уверен сум дека со континуирано подигање на јавната свест и јакнење на инклузивните услуги можеме да им овозможиме на нашите сограѓани со Даунов синдром да имаат исполнет живот, базиран врз еднаквост и недискриминација.
Да ги напуштиме стереотипите, да се фокусираме на функционалноста и развојот на вештините на лицата со Даунов синдром, со цел да им дадеме простор во нашето заедничко општество.
Со цел непречено интегрирање на лицата со Даунов синдром во целокупното општество, потребна ни е планирана и координирана реализација на активностите на сите засегнати страни: државните институции, здравствените установи, образовните институции, социјалните центри и граѓанските организации.
Изразувам безрезервна поддршка на сите родители и семејства на лицата со Даунов синдром и благодарност до сите институции и поединци кои се вклучени во нивниот едукативен процес, медицинска нега и социјална заштита.
Нашиот однос кон лицата со попреченост е уште еден тест на декларативните заложби за изградба на инклузивно општество во кое подеднакво се уживаат човековите слободи и права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

