Економија
Мартовските пензии со дополнителните 1.000 денари ќе почнат да се исплаќаат од 29 март

За повеќе од 330 илјади пензионери мартовската пензија ќе биде повисока за 1.000 денари со што се реализира договорената директна интервентна финансиска помош која со истата сума ќе биде вклучена и во април и мај.
Тоа се дополнителни 3.000 денари само за овие три месеци кои се надоврзуваат на најголемите зголемувања на пензиите досега според усогласувањето од 2,9% во јануари годинава кога пензионерите имаа зголемување од најмалку 460 денари.
Со ова усогласување, со интервентната финансиска помош, како и со новиот модел за континуиран раст на пензиите, кој ќе почне да се применува со септемвриската пензија, пензионерите оваа година ќе имаат вкупно годишно зголемување во 2022 година од над 10.000 денари, што е рекордно зголемување на пензиите во историјата на Северна Македонија.
Мартовски пензии преку мрежата на банкомати ќе бидат достапни од 29.03.2022 година, а готовинска исплата на пензии за клиентите кои не користат картички, банките ќе ги исплаќаат во четири групи според висината на пензијата, и тоа:
– За пензии со висина до 11.000 денари, исплатата да се изврши на 29.03.2022 година (вторник);
– За пензии со висина 11.001-14.000 денари, исплатата да се изврши на 30.03.2022 година (среда);
– За пензии со висина 14.001-18.000 денари, исплатата да се изврши на 31.03.2022 година (четврток) и
– За пензии со висина над 18.001 денари, исплата да се изврши на 01.04.2022 година (петок).
Финансиската поддршка, како и зголемувањето на пензиите според новата методологија, ќе бидат исплатени од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување со што се потврдува неговата стабилност како резултат на добрите економски политики на Владата и на успешното менаџирање на Фондот и креираните резерви.
Од Владата велат дека сето ова го оствариле без да ги зголеми стапките за пензиски придонеси, односно без дополнително оптоварување на бизнисот и низ отворен дијалог со сите засегнати страни со што се постигна одржливо решение за континуиран раст на пензиите, а со тоа и на животниот стандард и квалитетот на живот на пензионерите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Три концесии за експлоатација на минерални суровини еднострано раскинати

Владата, по предлог на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини (МЕРМС), донесе три одлуки за едностран раскин на Договори за концесија за експлоатација на минерални суровини и една одлука за одбивање на ново барање за концесија. Одлуките се веќе објавени во Службен весник на Република Македонија.
Од формирањето на Министерството до денес, вкупно се донесени 34 одлуки за едностран раскин на концесии поради непочитување на законските одредби за експлоатација на минерални суровини, неплаќање на концесиски надоместоци согласно утврдениот тарифник, непочитување на мерките за заштита на животната средина, пренесување на концесијата на друг субјект без согласност и експлоатација надвор од одобрениот експлоатационен предел.
Од Министерството информираат дека во моментов се во тек и повеќе постапки за раскин или одбивање на продолжување на концесии по исти или слични причини. Во истиот период констатиран е и раскин на 11 дозволи за експлоатација поради истек на договорот за концесија.
МЕРМС води и регистар на одземени концесии и тој од следниот период поради поголема транспарентност ќе биде јавно објавен на сајтот на министерството.
Министерката Сања Божиновска истакна:
„Нашата цел е транспарентно и одговорно управување со природните ресурси. Со засилената контрола и примената на законските мерки, обезбедуваме фер и одржлива експлоатација, која носи економски придобивки за државата и поддршка за локалните заедници. Овие одлуки се директна последица на посветените активности и системската работа на Министерството за воспоставување на највисоки стандарди за транспарентно и фер управување со природните ресурси, подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите. “
Економија
Мицкоски: Неколкукратно е зголемена бројката на апликанти за мерката млад земјоделец во вредност од 70 милиони денари

Поради изборните ограничувања, мерката млад земјоделец не можеме да ја промовираме, иако огласот е завршен, филтерот е направен, 117 корисници односно апликанти за околу 70 милиони денари, вели Христијан Мицкоски, претседател на Владата на Република Северна Македонија одговарајќи на новинарско прашање.
Премиерот Мицкоски истакна дека за разлика од 2023 година кога имало само 44 апликанти, односно само 18 корисници, истата денеска е зголемена неколкукратно односно на 117 апликанти.
Можеби бројката 117 не значи многу грандиозно, но ако се има предвид дека во 2023 година од 44 апликанти, само 18 имаме корисници, тогаш станува збор за неколкукратно зголемување. Така што веднаш по завршување на локалните избори кога веќе ќе ги немаме оние законски ограничувања, и формално ќе биде ставена во функција оваа мерка за поддршка на младите земјоделци.
Економија
Во јули годишен раст од 13,0 отсто на вкупните депозити и од 13,0 отсто на вкупната кредитна поддршка

Анализирано на годишно ниво, вкупните депозити бележат раст од 13,0%, којшто во поголем дел се должи на растот на депозитите на секторот „домаќинства“, при помал раст и на депозитите на корпоративниот сектор, извести Народната банка.
На годишна основа, вкупните кредити бележат раст од 13,0%, поради повисоките кредити на двата сектора, со поголем придонес на корпоративниот сектор.
Најновото соопштение за монетарните движења е достапно на линкот