Црна хроника
Обвинение против цариници и полицајци за шверц на дрога
Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до Основниот кривичен суд Скопје поднесе обвинителен акт против седум лица и обвинителен предлог против едно лице, додека за едно лице истрагата е запрена.
Станува збор за истрага отворена кон крајот на месец декември минатата година по поднесена кривична пријава од страна на МВР, за случај во кој се вклучени и полицајци и цариници.
„Во текот на постапката се утврди дека во месец ноември 2021 година четворица обвинети, меѓу кои двајца полициски службеници, во два наврати организирале неовластено пренесување заради пуштање во промет на таблети што содржат прекурсори, додека четворица царински службеници постапиле спротивно на нивните службени овластувања и должности.
Првиот кривично правен настан се случил на 2.11.2021 година при што од царинската подружница на Меѓународниот аеродром Скопје без царински преглед биле изнесени 29 различни видови на таблети во вкупна тежина од 190,90 килограми, спакувани во осум кутии. Таблетите преку зелениот појас во близина на државната граница помеѓу РСМ и Косово биле пренесени на косовска територија каде што биле откриени и одземени од косовската полиција во близина на местото Жегра. Вториот настан се случил три дена подоцна, односно на 5.11.2021 година, кога 13 пакети со таблети ‘Decancit SR’ што содржат цетиризин и прекусор псеудофедрин класифициран во прва категорија во Националната листа на прекусори со тежина од 1015 кг и во вредност од над 4.826.410 денари без пропишаната контрола исто така биле изнесени од карго терминалот на Меѓународниот аеродром Скопје.
Во двата случаи обвинетите царински службеници А.Ж., Љ.Љ., Д.К.Ш. и Џ.Ш постапиле спротивно на нивните службени овластувања и должности и не извршиле задолжителен детален преглед со кој се споредува фактичката состојба со наводите од декларацијата, не извршиле соодветна контрола и без да ги отворат пратките констатирале дека стоката во пакетите е идентична со опишаната во документите од царинската декларација и дека царинската процедура е завршена. Со ваквото постапување како службени лица овозможиле преку царинска линија пренесување на стоки различни од декларираните.
Со дејствијата што ги извршиле произлезе дека обвинетите Б.А., М.А и И.А. сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори предвидени и казниви по член 215 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, а на обвинетите Б.А. и М.А. им се става на товар и кривично дело од став 1 од истиот член, како и кривично дело криумчарење предвидено и казниво по член 278 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, за кое заедно со нив е обвинет и И.Ф. Царинските службеници А.Ж., Љ.Љ., Д.К.Ш. и Џ.Ш. се обвинети дека сториле кривично дело криумчарење предвидено и казниво по член 278 став 5 во врска со став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Обвинетиот М.А. според дејствијата опишани во една од точките на диспозитивот на Обвинителниот акт сторил и кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи согласно член 396 став 1 од Кривичниот законик“, се наведува во соопштението на Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Уапсен жител на Богданци за убиство на сопствената мајка
Полицијата уапси 39-годишен жител на Богданци, осомничен за убиство на сопствената мајка.
Според информациите од МВР, денеска во Полициската канцеларија Богданци, полициски службеници од СВР Струмица-ОВР Гевгелија го лишија од слобода П.С.(39) од Богданци.
На 11.01.2026 околу 21:00 часот во стан во кој престојувале дошло до расправија помеѓу П.С. и неговата мајка М.С.(58) од Богданци, која преминала во физичка пресметка во која П.С. со остри предмети и нанел убодни рани на М.С. во пределот на главата.
Од здобиените повреди М.С. починала, а смртта е констатирана и од лекар од Итна медицинска помош Гевгелија.
На 12.01.2026 година во 07:05 часот во Полициската канцеларија Богданци П.С. сам го пријавил делото. Увид на местото изврши јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија и екипа од ОВР Гевгелија.
По наредба на обвинител телото на починатата е предадено на обдукција, а против сторителот во текот на денот ќе биде поднесена кривична пријава под сомнение за сторено кривично дело „убиство“.
Црна хроника
Пронајдени и одземени 220 таблети во пакет за осуденик во затворот Идризово
На 11 јануари 2026 година во 15:00 часот во СВР Скопје, од Казнено-поправна установа Затвор Идризово било пријавено дека околу 12:30 часот, при извршен претрес на пакет наменет за осудено лице А.Н. (39) од Скопје, биле пронајдени и одземени 220 таблети.
Од полицијата информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Инцидент во трговски центар: две жени меѓусебно се пријавиле за физички напад
На 11 јануари 2026 година во 13:10 часот во СВР Скопје, С.К.П. (41) пријавила дека околу 12:20 часот во трговски центар на подрачјето на Центар била физички нападната од М.Д. (56).
Според пријавата, со М.Д. било и едно машко лице кое ја снимало С.К.П. со мобилен телефон.
Од полицијата информираат дека и М.Д. поднела пријава, во која навела дека била физички нападната од С.К.П.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

