Македонија
Обвинение за осумтемина диви копачи и трговци со македонско културно наследство
Во периодот од 21. 5.2020 година до 30.9.2021 година обвинетите Д.Р. и К.Т. создале група со цел вршење кривични дела за кои може да се изрече казна затвор од три години или потешка казна, а како припадници на групата станале обвинетите Б.К, Н.Л., З.Т., С.К., П.М. и Ѓ.П. за чие извршување групата станала функционална целина.
Обвинетите презеле дејствија за остварување на целите на групата – стекнување противправна имотна корист од неовластена од надлежен орган продажба на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости на купувачи од РС Македонија и странство. Добрата биле пронаоѓани со неовластено истражување и ископување на регистрирани и нерегистрирани археолошки локалитети и тоа Вртекица – Скопско, Сливица, Герман – Скопско, Белица – Македонски Брод, Горно Јаболчица – Кичевско, Долно Јаболчиште – Велес, Мочурлива вода, Чатал камен, Туњ, Чиндиро Кале, Медов Дол, Градиште – Црно Езеро, Ломница, Ченгово Кале, Бајрамова Круша, Ивањевци, Ивени, Болдовенци, Журтче – Крушевско, Ловор, Лутики, Добрушево, Лопатица и други археолошки локалитети низ целата територија на нашата држава. Испитувањата се вршеле без дозвола од надлежен орган, со употреба на сонди, метал-детектори и дронови, а за ориентација биле користени сателитски снимки, карти и рачно пишани текстови и преданија. Потоа со употреба на хилти, копачи и други градежни алатки и градежна механизација се вршеле археолошки ископувања и минеролошко-петрографски истражувања. Пронајдените артефакти – добра под привремена заштита и природни реткости, обвинетите ги присвојувале и иако знаеле дека потекнуваат од извршено кривично дело ги прикривале на непознати безбедни локации или во своите домови. Во меѓувреме стапувале во контакт со Н.Н. припадници на групата по потекло од Р Грција, Р Турција, Р Албанија, Р Хрватска, Р Србија и САД на кои како заинтересирани купувачи добрата им ги продавале за договорен износ. Купувачите добрата под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, без дозвола од надлежен орган, ги изнесувале надвор од границите на РС Македонија, со што е нанесена трајна штета на археолошкото, историското, музејското и уметничкото истражување на надлежните државни и научни институции.
Со дејствијата опишани во диспозитивот на Обвинителниот акт сите лица се обвинети дека сториле кривично дело злосторничко здружување од чл.394. На Д.Р., К.Т., Н.Л.,З.Т.,С.К,П.М. и Ѓ.П им се става на товар и кривичното дело оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од чл.264 ст.2 од КЗ, додека Д.Р., К.Т., Б.К. и Н.Л. се обвинети и за кривично дело изнесување во странство на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости од чл.266 ст.2 вв со ст.1 од КЗ. Обвинетите Д.Р. и Б.К. сториле и кривично дело прикривање од чл.261 ст.3 вв со ст.1 и ст.2 од КЗ.
Со Обвинителниот акт предметниот обвинител му предложи на судот спрема обвинетите да ги продолжи претходно изречените мерки притвор и куќен притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

