Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено по суви коловози
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица, е затворен за сообраќај за сите видови возила од 15.11.2021 до 1.4.2022. Од охридска страна сообраќајот ќе се одвива до месноста Корита.
АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на одрони. Ова особено се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја
Новиот Централен одбор на СДСМ е сочинет од поединци кои се почитувани во својата заедница, кои знаат да го почитуваат членството и граѓаните и кои ќе работат во најдобар интерес на сите граѓани. Тој ќе биде одраз на новата енергија што ќе ја внесеме во партија.
Ова го истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче во своето обраќање пред присутните на 30-от Конгрес на партијата што се одржува денеска. Филипче потенцираше дека Централниот одбор е одраз на гласот на членовите, месните одбори и општинските организации.
„Моја цел е да создадеме систем во кој кадровскиот потенцијал со кој располагаме, биде распореден исклучиво по својата стручност и компетентност, а не заради блискоста и личните релации со партиското раководство. Принципот е секој да биде искористен таму каде може максимално да придонесе за исполнување на целите на СДСМ“, истакна Филипче.
Според претседателот на СДСМ, само на овој начин, со реформирана партија може да се работи на реформа и во државата, бидејќи довербата се гради со дела, а не со празни зборови.
„Обновата започнува од нас“, потенцираше Филипче и додаде дека новото раководство на СДСМ мора да биде пример за посветеност и почитување и секојдневно да се потсетува дека постои за граѓаните, а не обратно.
Филипче во својот говор истакна дека пратениците, како најистурената борбена единица на СДСМ, ќе бидат по функција дел од Централниот одбор и нивното непроценливо политичко искуство ќе биде од максимална полза во сите процеси.
Претседателот на СДСМ се осврна и на критиките за бавниот избор на новото раководство и истакна дека состојбата во која се наоѓа партијата налагала внимателно бирање на вистинските луѓе.
„Ова се луѓе кои имаат поддршка од членовите и кои може да ги обединат сите од локално ниво па нагоре. Процес кој јас го сметав за инклузивен, со многу разговори, со многу дипломатија и почитување на мислењето на секој. Само низ ваков процес верувам дека можевме да избереме луѓе од доверба на членовите кои ќе ги претставуваат нивните интереси“, рече Филипче.
Партијата, додаде Филипче, ќе биде отворена за сите кои се блиски до социјалдемократската идеологија, што била подзаборавена. Солидарноста, како една од клучните социјалдемократски вредности, мора повторно да биде главната водилка на партијата, рече Филипче и порача:
„Со моето доаѓање на чело на партијата сакам едно јасно да порачам. Секој кој ќе биде дел од партијата и од раководните структури е поставен на таа позиција да им служи на граѓаните и на членовите на СДСМ. Ароганцијата ќе ја закопаме длабоко под земја. Додека сум јас претседател, тоа нема да го дозволам затоа што тоа ја уништува сржта на нашето постоење“.
Во таа насока, Филипче потенцираше дека со посветена работа, новото раководство ќе покаже дека лошите навики можат да бидат искоренети, суетите и предрасудите надминати и дека колективното добро ќе биде секогаш над личните интереси.
Македонија
На 53-годишна возраст почина поранешниот градоначалник на Крива Паланка, Мицевски
Почина поранешниот градоначалник на општина Крива Паланка, Борјанчо Мицевски. Тој имаше 53 години и беше градоначалник од 2017 до 2021 година.
„Со длабока тага ја примив веста за смртта на Борјанчо Мицевски, градоначалник на Крива Паланка и наш соборец и сопартиец. Борјанчо беше човек кој искрено и посветено работеше за доброто на својата општина и за сите граѓани, секогаш воден од вредностите на солидарноста, правдата и напредокот. Неговата визија за подобар живот во Крива Паланка остави траен белег врз заедницата и сите кои го познаваа. Неговата човечност, енергија и посветена работа ќе ги паметиме со огромна почит и благодарност. Во овие тешки моменти, нашите мисли се со неговото семејство, пријателите и соработниците. Нека почива во мир“, напиша на социјалните мрежи лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Со длабока тага и неверување ја примив веста за смртта на нашиот другар и сопартиец Борјанчо Мицевски. Во овие тешки моменти, изразувам искрено сочувство до неговото семејство и сите блиски. Нека почива во мир“, напиша на Фејсбук пратеникот Оливер Спасовски.
Македонија
Нова спортска сала доби основното училиште „Наум Охридски“ во Булачани
Основното училиште „Наум Охридски“ во Булачани во општина Гази Баба, доби нова спортска сала. Во присуство на премиерот Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот Бобан Стефковски, објектот со површина од 550 квадратни метри, денеска беше пуштен во употреба. Станува збор за инвестиција од 29,7 милиони денари кои ги обезбеди локалната самоуправа.
Честитајќи им на учениците, наставниците и на локалните жители, министерката Јаневска информираше дека Владата има намера во текот на мандатот да изгради триесетина училишни спортски сали, а за две веќе договорите се потпишани.
– За да имаме здрави деца, здрави генерации, неопходна им е физичка активност. Освен за часови по физичко, салата ќе биде достапна и за воннаставни спортски активности, кои создаваат здрави животни навики и ги учат децата од најмала возраст на другарство и позитивен однос кон врсниците, соработка и почит кон другите, ги ангажираат децата со позитивни активности и со тоа ги намалуваат ризиците од застранување, рече Јаневска.
Таа посочи дека МОН е насочено кон градење на поквалитетно образование кое ќе им овозможи на учениците оптимално да ги развиваат знаењата, вештините и компетенциите за да можат подоцна да бидат достојни граѓани на Македонија.
– Затоа и сакаме во што повеќе училишта да создадеме услови за едносменска работа и продолжен престој на децата. Тоа е услов нашите ученици да можат да се натпреваруваат со нивните европски врсници, истакна министерката, додавајќи дека големите промени веќе се случуваат и дека ќе бидат исполнети сите ветувања дадени пред граѓаните, кои воедно се и дел од програмата за работа на МОН.