Македонија
Нема елементи на детска порнографија во настанот на Првиот скопски извиднички одред, велат од Обвинителството
Постапувајќи по поднесено известување од СВР Скопје, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје спровeл претходна постапка во која во целост ги испитал наводите поврзани со настанот организиран од Првиот скопски извиднички одред со наслов Sex Scouts, Rock and Roll, во периодот од 24 до 26 септември 2021 година.
Притоа јавниот обвинител донел резолуција дека нема место за јавнообвинителско постапување во однос на пријавата на родител на една од учесничките на настанот, кој во СВР Скопје пријавил дека настанот што се одржувал во местото Градовци, општина Зелениково, не бил само со едукативен карактер, туку дека во него има елементи на детска порнографија.
Тој навел дека според неговите сознанија таму се прикажувале пози на деца што во себе содржат сексуален мотив и дејства што прикажуваат очигледно полово дејство.
„Со цел да се проверат овие наводи, Основното јавно обвинителство Скопје до надлежното одделение за крвни и сексуални деликти при СВР Скопје достави наредба да се испитаат сите учесници на настанот и да се прибави мобилен апарат од еден од водичите на кој би се очекувало да се пронајдат записи што произлегуваат од настанот, а кои би можеле да послужат како доказ во кривичната постапка.
По одземањето, мобилниот телефон беше доставен до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, каде што беше извршено излекување на сите записи и нивна анализа. СВР Скопје ги изврши бараните разговори со сите инволвирани лица во овој настан.
По проучување на сите материјални и вербални докази, а пред сѐ, на исказите на сите што учествувале на настанот, извидници и водичи, како и лица од Првиот скопски извиднички одред, кои биле задолжени за организирање на настанот, јавниот обвинител утврди дека во конкретниот случај ниеден од елементите што се дефинирани во Кривичниот законик како елементи на кривичното дело – производство и дистрибуција на детска порнографија или друго кривично дело, не се евидентирани во дејствата на кој било од учесниците“, се наведува во соопштението.
„Покрај класичните извиднички дејства, а тоа е преминување одредена територија пеш, врзување јазли, логорување, подготовка на храна и слично, биле додадени и вежби и активности што претставуваат сексуална едукација на лицата што учествувале со акцент дека станува збор за лица на возраст од 16 до 21 година. Дејствата биле насочени како превентивни, но и едукативни материјали, кои директно и индиректно би значеле заштита од венерично преносливи заразни болести и заштита од несакана бременост. Ова било спроведено низ игри и вежби за кои анализата дали одговараат или не на возраста на учесниците и дали природата на вежбата е во согласност со нивните потреби може да се врши низ социолошки аспект, но не и да биде предмет на кривично-правна одговорност, бидејќи дејствата не ги содржат елементите на предметните кривични дела предвидени во законот.
Воедно, во прибавените материјали од одземениот мобилен телефон од учесникот, што според подносителот на пријавата вршел фотографирање на настанот, не може да се забележат содржини што имаат елемент на порнографија или детска порнографија, односно ниедна од анализираните содржини не укажува на материјал што визуелно прикажува очигледни полови дејства со дете или повозрасно лице што изгледа како дете.
Имајќи ги предвид сите обезбедени и анализирани докази, јавниот обвинител одлучи дека во конкретниот случај нема место за јавнообвинителско постапување“, заклучуваат од Обвинителството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ѓорѓиева: Со измените на Кривичниот закон се враќа правдата во државата
Весна Ѓорѓиева, пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати денес на 80-та седница во Собранието на која се расправаше и Предлог на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, при што истакна дека измените се однесуваат на суштинското прашање, а тоа е да ја вратат правдата и функционалноста на системот преку појасни одредби. Според неа, без функционален и праведен систем не може да постои ниту стабилна држава, ниту сигурност за граѓаните.
,,Нашите граѓани ќе ја гледаат сигурноста кога ќе биде сигурен правниот систем во државата“, рече Ѓорѓиева.
Таа се осврна на членот 353 од предлог законот, со кој како што посочи, се враќа суштината на кривичното дело злоупотреба на службена положба.
,,Се враќа суштината на злоупотреба на службена положба, пречекорување на овластувањата или неизвршување на службена положба. Со овој закон се распушта претходниот закон во 2023 година кој беше донесен од СДС и ДУИ, каде што беше разводенет, односно каде што казните беа намалени, дејствијата беа потешко докажливи, а роковите за застареност беа скратени“, истакна Ѓорѓиева.
Според неа, законот не е наосочен против оние кои работат чесно, туку против корупцијата и злоупотребата на службената положба.
,,Држава без кривичен закон е како држава без рбтет. А држава без рбет секој може да ја скрши. Почитувани граѓани, овој закон е порака до секој што мисли дека државата е приватен бизнис, овој закон е порака дека времето на неказнивост завршува и да, можеби на некому тоа не му одговора, но на народот тоа му одговара, и тоа го бара од нас“, вели Ѓорѓиева.
Македонија
Ангелова: Измените на Кривичниот законик се клучни за посилна заштита на жените од насилство и зголемување на сообраќајната безбедност
На денешната собраниска седница се обрати пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова која истакна дека измените во Кривичниот законик претставуваат суштински чекор за враќање на довербата на граѓаните за правна држава каде криминалот и корупцијата нема да бидат толерирани, туку ќе бидат соодветно санкционирани.
„Овој предлог-закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик претставува неопходен и одговорен чекор кон враќање на правната сигурност, владеењето на правото и довербата на граѓаните во институциите. Со него државата јасно ја испраќа пораката дека корупцијата, злоупотребата на службената положба, организираниот криминал и насилството нема да бидат толерирани, ниту релативизирани преку законски празнини и непропорционално благи санкции“, рече Ангелова.
Пратеничката посочи дека ќе се постигне подобра заштита на приватноста на граѓаните, безбедност во сообраќајот, посилна заштита на жените од семејно насилство како и јасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки.
„Со предложеното решение ќе се постигне враќање на превентивната и репресивната функција на казненото право особено кај делата злоупотреба на службена положба, организиран криминал и корупција. Јасна и ефикасна правна рамка за гонење на злоупотреби во јавните набавки, подобра заштита на приватноста и достоинството на граѓаните, посилна заштита на жената од насилство,семејно насилство со гонење по службена должност во согласност со Истанбулската конвенција, подигнување на безбедноста во сообраќајот преку поостри санкции. Се зголемува и јавната безбедност на патиштата“, вели Ангелова.
Пратеничката Ангеловска се осврна на клучните поенти за жените истакнувајќи дека со овој предлог-закон жената е заштитена од дигитално насилство, од семејно насилство, а со тоа постигнување на реална заштита и сигурност на жената во државата.
„Посилна институционална заштита од насилство врз жените и семејно насилство со гонење по службена должност државата ја трга одговорноста од жртвата и јасно застанува на страната на жената. Заштита на приватноста и телесниот интегритет на жените, инкриминирање на злоупотребата на интимни снимки директно ги штити жените од уцени дигитално насилство и јавно понижување. Европски стандарди, европска заштита за жените законот директно ги имплементира европските и меѓународните обврски и ја позиционира како партнер во борбата за еднакви можности и човекови права“, рече Ангелова.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 7 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во западните делови ќе дува умерен западен ветер, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -12 до -3, а максималната ќе достигне од 0 до 7 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 3 степени.
До крајот на седмицата ќе се задржи стабилно и суво време. Од среда по котлините ќе има услови за појава на магла, а температурата ќе биде во благ пораст.

