Македонија
Тренчевска – Мекачи: Продолжува соработката со ОБСЕ во областите на родова еднаквост
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, денес оствари средба со Матео Мекачи, директор на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР). На средбата се разговараше за досегашната соработка меѓу ОДИХР и Министерството, со акцент на политиките и активностите во областа на родовата еднаквост, недискриминацијата, унапредување на правата на лицата со попреченост, како и положбата, статусот и правата на Ромите како ранлива категорија граѓани.
Тренчевска ја истакна заложбата на Владата на Република Северна Македонија и на Министерството за труд и социјална политика во воспоставувањето целосна родова еднаквост во општеството и во таа насока ја посочи подготовката на новиот закон за родова еднаквост, кој се очекува да биде донесен до крајот на оваа година. Притоа таа информира и за новата предлог-стратегија за родова еднаквост 2021-2026, која е во собраниска процедура, а со нејзиното усвојување Северна Македонија се насочува кон интегрирање на родовата перспектива во политиките и сузбивање на стереотипите, како што се насилството кон жените, унапредување на положбата во јавниот и приватниот живот во сите сфери на општественото живеење.
„Со законот за родова еднаквост очекуваме подобрување на механизмите за родова еднаквост на национално и на локално ниво, како и ефикасно функционирање на Ресурсниот центар за креирање политики и родово одговорно буџетирање, кој го отворивме на почетокот на овој месец. Министерството продолжува да работи на креирање политики и мерки за вработување, кои ќе ја намалат неактивноста на жените на пазарот на трудот, вклучување на жените Ромки, нивна активација и вработување, како и поголема инклузија на лицата со попреченост“, рече Тренчевска.
Таа се осврна и на претходно донесените законски решенија, како Законот за спречување и заштита од дискриминацијата, кој е усогласен со меѓународните стандарди, и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, целосно усогласен со Истанбулската конвенција. Исто така, ја посочи работата на новиот закон за вработување лица со попреченост, кој ќе придонесе за зајакнување на овие лица и нивно активно вклучување на пазарот на труд.
Директор на Канцеларијата на ОБСЕ, Матео Мекачи, изрази уверување дека досегашната соработка со Министерството ќе продолжи и во следниот период, особено во областа на родовите политики, лицата со попреченост и поддршката на лицата од ранливи категории граѓани.
Министерката Тренчевска потенцира дека поддршката и соработката со Мисијата на ОБСЕ за нашата држава е од големо значење, особено во делот на искуствата и експертизата што ја добиваме по многу прашања што се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска е Божик – денот на христовото раѓање
Православните христијани во светот, во Македонија и црквите кои се раководат по Јулијанскиот календар денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутрината се одржуваат божикни литургии.
Божик е денот на Христовото раѓање според христијанската традиција. Тоа е втор најголем празник во христијанството, по Велигден. Денеска воедно завршува 40-дневниот пост и овој ден се прославува со богата трпеза со мрсни јадења.
Со Божик е поврзана и поговорката: „Пред Божик зад Божик кај да си, дома да си” што има двојно значење: за време на големиот празник треба да се биде во кругот на семејството и тука да се слушне и да се прослави радосната вест за раѓањето на Спасителот, но не е на одмет да се потсети дека во најстудениот период од годината, сепак најпријатно и најбезбедно е во сопствениот дом.
На Божик се оди во црква и се врши причестување со земање нафора и вино, кои ги симболизираат Исусовото тело и крв. По овој чин луѓето смеат да се омрсат. Се подготвува богата софра, на која скоро задолжително било свинското месо. На денот на Христовото раѓање, по одењето во црква луѓето се веселеле, играле и пееле среде село. Божик, според црковниот календар, се празнува три дена.
Вториот ден е Соборот на Света Богородица, а третиот е Свети Стефан првомаченик.Во некои краеви на овие празници, луѓето што го носат името Божидар, Божо, Бошко и сл. слават именден на Божик, а Стефан, Стојан, Стојче слават на Св.Стефан.
Од Божик почнуваат 12-те таканаречени некрстени или нечисти, погани денови, кои траат сè до пред Водици, денот кога Исус бил крстен. Се верува дека во овие денови се движат зли духови, караконџули, вампири, вештерки и сл. кои ги загрозуваат безбедноста и сигурноста на луѓето. Затоа од Божик до Водици, луѓето со себе носеле најразлични амајлии – апотропејски средства со кои се заштитувале од злите духови, како што се лук, пелин, сол.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.

