Македонија
Центарот за полициска обука доби сертификат за меѓународна акредитација
Денеска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, во Центарот за обука во Идризово присуствуваше на свечениот чин по повод предавањето на IADLEST – сертификатот за меѓународна акредитација на Центарот за полициска обука.
Во своето обраќање Спасовски рече дека со стекнатата меѓународна акредитација, Центарот за обука практично е прв таков образовен центар во нашата држава, наменет не само за потребите на Министерството туку и за сите оние институции што работат на спроведување на законите со посебни овластувања.

,,Со оваа меѓународна акредитација не само што се збогатува професионалното портфолио на Центарот за обука туку истовремено се отвораат нови образовни перспективи за уште поквалитетна стручна и професионална едукација и специјализација на вработените во безбедносните структури, за натамошно пренесување нови меѓународни искуства и практики следствено модерните полициско-безбедносни стандарди“, потенцира Спасовски.
Американската амбасадорка при обраќањето пред присутните напомена дека примената на најдобрите практики за обука на оние што се жртвуваат себеси за безбедноста е исклучително значајна, а поддршката од министерот Спасовски на овие заложби, во политичка смисла и ресурси, ќе обезбеди успех на Центарот за полициска обука.

,,Северна Македонија нека биде лидер во регионот проширувајќи ја соработката и партнерствата во делот на спроведување на законите. Амбасадата на САД се горее што е ваш партнер во Центарот за полициска обука, како и во други значајни заложби во делот на спроведување на законите и сѐ она што значи јакнење на владеење на правото и безбедноста за граѓаните на Северна Македонија“, потенцира Брнз притоа упатувајќи порака дека силното партнерство во делот на безбедноста започнува со полицијата.

„Чувајте ги полициските службеници да останат мотивирани, како што биле кога влегле во службата“, порача амбасадорката Кејт Мари Брнз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Полицајци спасија жител на Македонска Каменица кој останал заглавен на тераса во пожар во неговата куќа
Полициски службеници спасија жител на Македонска Каменица, кој беше заглавен на тераса откако настана пожар во неговата куќа, соопшти МВР.
Вчера попладне во 13:23 часот во СВР Штип е пријавено дека на ул.„14 Јуни“ во Македонска Каменица настанал пожар во куќа, сопственост на Љ.Ѓ.(80).
Полициски службеници од СВР Штип – Полициско одделение Македонска Каменица излегле на местото и го затекнале сопственикот заглавен на тераса на вториот кат, по што се преземени мерки и со помош на скали безбедно го спуштиле.
Нему му е укажана помош во Клиничка болница Штип поради вдишување чад, по што е пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за понатамошно лекување.
Пожарот е изгаснат од Територијалната протипожарната едница Македонска Каменица. Увид е извршен.
Македонија
Менаџер на продавница во Скопје украл 2,7 милиони денари, парите од дневниот промет си ги ставал во џеб
Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице вработено во продавница во трговски центар во Скопје. Тој е осомничен дека украл 2,7 милиони денари, а според последните информации од истрагата, тој сè уште ги крие парите.
Осомничениот 35-годишник ја злоупотребил својата службена положба – менаџер на продавница во трговски центар во Чаир, како и дадената доверба и пристапот до касите и сефот, па во периодот од 18.12.2025 година до 04.02.2026 година, во повеќе наврати одземал парични средства што му биле доверени. Парите од дневниот промет не ги депонирал во сеф ниту ги предавал на овластено лице за собирање и транспорт на прометот. На овој начин осомничениот незаконски присвоил 2.783.867 денари и ја оштетил компанијата во која работел.
Бидејќи откако бил откриен тој веднаш бил отстранет од работното место, јавниот обвинител предложи и дополнителни мерки на претпазливост во текот на постапката – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува во судот и привремено одземање на пасошот.
Притоа, обвинителството го имаше предвид ризикот од бегство како и фактот дека осомничениот сè уште ги крие и не ги враќа противправно одземените пари на правното лице.
фото/Depositphotos
Македонија
Хоџа: Продолжува партнерството со Светска банка за системска борба против аерозагадувањето
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, оствари работна средба со претставници на Светската банка, предводени од Карол Мегеванд, на која беше разговарано за досегашната соработка и можностите за нејзино понатамошно продлабочување во областа на управувањето со квалитетот на воздухот.
Од Министерството информираат дека на средбата било констатирано дека во моментов се имплементираат повеќе значајни проекти насочени кон подобрување на состојбата со аерозагадувањето, но дека останува потребата од дополнителни инвестиции.
Министерот Хоџа истакнал дека негова цел е системска промена во справувањето со аерозагадувањето, како клучен приоритет во неговата работа и во работата на Министерството. Тој нагласил дека долгорочните и одржливи решенија бараат силно партнерство со меѓународните институции и континуирана поддршка во спроведувањето на реформите.
Во таа насока, Хоџа изразил подготвеност за продолжување и продлабочување на соработката со Светската банка, нагласувајќи дека отворената комуникација ќе продолжи и во иднина, со заедничка цел – подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето на граѓаните.
Министерот посочил дека Министерството и Владата континуирано работат на унапредување на квалитетот на воздухот преку Акцискиот план за чист воздух, Програмата за периодот 2024–2030, како и преку тековните проекти финансирани преку ИПА 2 и ИПА 3. Притоа, било истакнато дека останува потребата од дополнителни инвестиции и засилена техничка поддршка, за да се намали загадувањето и да се обезбеди чиста животна средина за сите граѓани.

