Македонија
Османи-Едштадлер: Неопходна е нова и забрзана динамика на патот на Западниот Балкан кон ЕУ
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари билатерална средба со сојузната министерка за ЕУ и уставни прашања на Република Австрија, Каролине Едштадлер, за време на нејзината посета на Скопје.
Во фокусот на средбата беа предизвиците во рамки на процесот на проширување на ЕУ и следните чекори во клучниот период што следи, како несомнено важен услов за задржување на европскиот кредибилитет во регионот. Интересот на Австрија, како непосреден сосед на земјите на Западен Балкан е од исклучително значење, при што, има изострена диоптрија за неопходноста од забрзување на пристапниот процес на сите земји од Западен Балкан, а особено во однос на европското досие на Северна Македонија како неопходност од забрзување на истото.
„Северна Македонија, но и ЕУ, немаат време за губење; секое натамошно одложување на нашиот пристапен процес ќе имаа сериозни последици за нашата држава, земјите од Западен Балкан, но сигурно и за кредибилитетот на ЕУ во регионот и нејзината улога како глобален играч“, нагласи Османи.
Соговорниците се согласија дека војната во Украина, на драматичен начин, покажува колку е нужно потребно да се вбризга нова и забрзана динамика на патот на Западниот Балкан кон ЕУ. Членството на регионот во ЕУ претставува суштински геополитички интерес за безбедноста и стабилноста на Унијата.
Османи ја информира Министерката за силната наша осуда и нашето придружување кон сите пакети на санкции во поглед на случувањата во Украина, со што постигнавме 100 отсто ниво на усогласување на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Тренчевска: Од 2017 година до денес најниската исплатена пензија ја покачивме за 5.309 денари
„330% повисока социјална помош, 53% повисоки пензии, 180% повисока минимална плата, 40 000 просечна плата се нашите резултати и знам дека тоа можеби не е доволно. Затоа вечерва стојам пред вас не како жена, туку како ваша пријателка и комшивка, како жена која работеше со интегритет и бара поддршка за број 1 на 8 мај“ порача Тренчевска од говорницата на митингот во Радовиш.
Ко-носителката на изборна единица 4 од СДСМ, Јованка Тренчевска вечерва на радовишани им порача дека вистинскиот избор е јасен и дека само СДСМ е опција која ќе го води напредокот на општеството.
„Вие највозрасните кои гледам ве има тука во голем број, а со кои деновиве често се среќавав и често ме прашувавте зошто не може покачување од 5000 денари за секој од вас, Ве потсетувам дека од 2017 година до денес најниската исплатена пензија ја покачивме за 5.309 денари, и овој месец најниската исплатена пензија изнесува 13 880 денари. Стабилната исплата на вашите пензии ќе биде доведена во прашање со лажните ветувања на ВМРО, кои слушам деновиве дека започнаа да го раситнуваат лажното покачување на пензиите на месеци, на години и на нови методологии. Знаат и тие дека на лагата и се кратки нозете! Знаат дека 5000 линеарно е невозможно. Но дека е добро за да манипулираат со највозрасните“ рече Тренчевска.
Таа истакна дека во новиот мандат СДСМ се обврзува минималната пензија да ја покачи на 20.000 денари додека просечната пензија ќе ја покачи на 30.000 денари.
„Да продолжиме да градиме мостови посилни од ѕидовите и омразата кои ни ги наметнува ДПМНЕ“ истакна Тренчевска во нејзината покана за граѓаните за да излезат на гласање на 8ми мај.
Македонија
Мицкоски од Тетово: Во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините, дел ќе се инвестира и во општините во западна Македонија
„Живееме под едно небо, делиме исти проблеми, исти предизвици. Маката ни е иста, и копнееме по заеднички работи. Денес Македонија е држава каде управуваат стотина души кои ги запоседнале институциите и грубо ги злоупотребуваат. Секој тендер поминува низ нивни раце, за секој бизнис процентот на добивка го определуваат истите луѓе. Тој артаноиден систем стана синоним за корупција и неказнет криминал. Систем на искривени вредности и непринципиелност која државата ја носи во пропаст“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Тетово.
Мицкоски додаде дека доаѓа ново време, се врти нов лист, нов почеток.
„Овде од Тетово објавувам дека веднаш по победата и формирањето на влада значаен процент од буџетот ќе оди за развој и решавање на децениските инфраструктурни проекти на Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Дебар и повеќе други општини од западна Македонија“, вети Мицкоски.
„Се обврзувам дека во рамките на проектот за 250 милиони евра за инфраструктурен развој на општините дел ќе се инвестира и на овие места овде. Подеднакво ќе градиме и работиме за развој на штипско Ново село, но и за тетовско Теарце, за струмички Куклиш, но и за тетовско Одри“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој рече дека на народот му е доста од удирање во гради, зборење за права, а во реалноста сето тоа да се сведе на крадење и тендери. Реално и со дела да се менува животот на луѓето и тоа идната Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе го направи.
„За да се случи ова што ви го зборувам, на 8-ми мај мора да се заврши започнатата работа. Цунамито е кренато. Тоа цунами треба да удри на денот на изборите и да ја оддува забрефтаната од криминал власт. Решението против сите сценарија кои ги прават од СДСМ и ДУИ е излезноста“, порача Мицкоски.
Тој ги повика граѓаните на осми мај да излезат и да гласаат, време е да започнат промените во Македонија.