Култура
Екодебата: Климатските промени и Зелениот договор го засегаат целото општество
„Европскиот зелен договор: повеќе од климатски промени“ беше тема на втората од дебатите инспирирани од тековната изложба „Розови тигри и златни гуштери и што уште не“ што се одржа во резиденцијата на Европската Унија во Скопје. Климатските промени и што по нив – беше во фокусот на разговорите, овој пат инспирирани од делото „Beyond: Reptiles 2021“ на реномираниот уметник Велимир Жерновски, еден од шестемина автори вклучени во поставката што ќе биде отворена во резиденцијата до 20 мај. Изложбата ја организира Делегацијата на ЕУ во соработка со галеријата „Акантус“.
На дебатата, покрај уметникот Жерновски, учествуваа и кураторот Дијана Томиќ-Радевска, Теодора Грнчаровска, државен советник во Министерството за животна средина и просторно планирање, Ана Чоловиќ-Лешоска од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Екосвест“ од Скопје, Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени, Гент Салихи, млад европски амбасадор од иницијативата на ЕУ и повеќе студенти од државни и приватни факултети во земјава. Домаќини беа ЕУ-амбасадорот Дејвид Гир и Пол Бускот, а дебатата ја модерираше Мила Јовановска од организацијата „Биди зелен“.
Бускот ги воведе присутните во изложбата и поединечно ги претстави делата на Жерновски, Маја Кировска, Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ (заеднички проект), Ненад Тонкин и Озбек Ајваз. Акцентот беше ставен на инсталацијата на Жерновски – 3Д-принт изработен од акрил и златни ливчиња. Инсталацијата има иконографски пристап и секвенционира надреалистични претстави на гуштери од видот леопард геко. Претставите на гуштерите се продукт на реупотреба на материјали од пластичен отпад и од пченкарни лисја. Аранжирани на црна заднина, кружно, ја претставуваат математичката бесконечност.
– Изложбата е основа за дебатите за Зелениот договор и ќе отвораме прашања, што можеме да сториме во врска со тоа во нашето општество – објасни Бускот.
Евроамбасадорот Гир ги поздрави присутните и рече дека дневнополитичките настани во светот се важни, но не треба да нè дефокусираат од најголемите предизвици со кои се соочува човештвото – климатските промени, деградацијата на животната средина и колапсот на биодиверзитетот.
– Затоа, користејќи го медиумот на уметноста, да зборуваме за различните аспекти што се однесуваат на сиве овие предизвици – рече Гир.
Претставниците на институциите и на невладиниот сектор отворија конструктивна дебата за состојбите на локално и на централно ниво во земјава, што прават граѓанските организации, какви се обврските кон меѓународната заедница и конвенциите што нашата земја ги има ратификувано. Според Грнчаровска, секогаш е предизвик да се зборува за климатските промени, но и да се дејствува. Темата е комплексна и опфаќа многу ресори – економија, финансии, земјоделство, шумарство и водостопанство, транспорт и врски, локална самоуправа.
– Климатските промени и Зелениот договор го засегаат целото општество, но, за жал, проблемите секогаш се адресираат до Министерството за животна средина и просторно планирање. Малкумина прашуваат како ние се справуваме со проблемите во однос на капацитетот на кадар, креирање, предлагање и туркање политики. Неопходна ни е инфраструктура – административна поделеност, делегирана должност, ангажирање писмен кадар на национално и на локално ниво. И најважно од сè, државата да реши дека Зелената агенда ѝ е приоритет за да се креираат мудри политики базирани на наука. Да не си замислуваме желби што ќе ги ставаме само на хартија и таму ќе останат, туку реално да се оцени ситуацијата и да се креираат политики што ќе бидат одржливи. Свесни сме за слабостите – вели Грнчаровска.
Според Чоловиќ-Лешоска, 70 отсто од енергијата што ја користиме се добива од термоелектричните централи. Кога тие работат без филтри, се зголемува нивото на сулфур диоксид и јаглерод диоксид, аерозагадувањето е огромно, не може да се контролира и се шири и во земјите од соседството. Решението е во трансформација на енергетскиот систем, наместо фосилни горива, да се користат обновливи извори на енергија.
– Можеби е бавно, но има напредок во легислативата. Ако во 2012 година сме рекле дека стратегија ни е да продолжиме со користење фосилни горива, веќе во стратегијата во 2019 година сме се определиле за обновливи извори на енергија. Ние сме мала земја во развој, но не може да го жртвуваме плодното земјиште за енергетски развој. Оваа мала земја е многу богата со биодиверзитет и имаме обврска да го заштитиме и чуваме за идните генерации – рече Чоловиќ-Лешоска.
„Еко-свест“, Македонската академија на науките и уметностите и The Nature Conservancy веќе работат на изработка на ГИФ-карти што ќе ги покажуваат најпогодните места за поставување фотоволтаици и ветерници. Следниот чекор е изработка на ГИФ-карти за неплодни земјишта.
Според Грнчаровска, ова е одличен проект чии податоци ќе бидат добредојдени во изработката на новиот просторен план.
Станојевска-Пецуровска се осврна на поглавјето 27 и 10. потсектори што произлегуваат од него. Станува збор за огромна материја. Нашата земја прво треба да ги усогласи законите со европското законодавство и потоа сето тоа да го имплементираме. Според неа, имаме одлични закони за животната средина, но слабо стоиме со законодавството за климатски промени.
Студентите генерално посочија дека овие теми се малку или воопшто не се застапени во програмите што ги изучуваат, ниту на техничките ниту на правните факултети. А тоа што го учат е со застарена содржина. Анкица Соколиќ, студентка на 4. година на Машинскиот факултет во Скопје (насока енергетика и екологија), вели дека предметите не се ажурирани, а водата сè уште се води како обновлив извор на енергија. Вера Палевска, 4. година на Факултетот за електротехника и комуникациски технологии, посочи дека, за жал, сè повеќе студенти на ФЕИТ решаваат да студираат програмирање наместо енергетика. Азиз Сулејмани од Тетово, студент на Правниот факултет во Скопје, вели дека климатските промени како тема досега не биле застапени во образовниот систем и заклучи дека тапкањето в место за ова прашање е поради тоа што нема политичка волја. Гент Салихи, млад ЕУ-амбасадор, смета дека во стратешките документи се носат лоши политики кои одамна се напуштени во развиените земји. На тоа се надоврза Томиќ-Радевска, која запраша како општините субвенционираат електрични тротинети чии литиумски батерии нема начин да се рециклираат. Дополнително, таа појасни дека сите застапени уметници на изложбата подолго време во своето творештво третираат прашања поврзани со планетата, здравата животна средина, климатските промени. Актуелните дела се резултат на нивните претходни уметнички истражувања.
– Гуштерите и нивната способност да се регенерираат се тајна која научниците допрва ќе ја откриваат. Изложбата е апел да се замислиме што сме направиле, кои сме ние, супериорниот вид на Земјата, и како ги заборавивме законите на природата? Ние ја гориме библиотеката на животот – рече Томиќ-Радевска.
Модераторката Јовановска заклучи дека можеби нештата кај нас се случуваат бавно, но свеста на јавноста е разбудена за климатските промени.
– Ако пред 20 години било проблем да зборуваме за климатски промени, денес дебатираме на оваа тема. Мора да се надеваме дека свесноста ќе влијае да спречиме поголема еколошка деградација – заврши таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Новогодишен концерт на Зарина Првасевда, „Кадифено“, во Македонската филхармонија
На 20 декември со почеток во 19 и 30 часот во Македонската филхармонија концерт ќе одржи македонската вокална интерпретаторка и музичарка Зарина Првасевда.
На денешната прес-конференција беа споделени детали за концертот „Кадифено“, кој претставува уникатно музичко патување што ги спојува традицијата, современиот звук и светската музичка виртуозност.
Овој проект ја означува премиерата на новиот музички опус на Зарина Првасевда, каде интимниот и длабоко емотивен израз се испреплетуваат со македонската и ориенталната традиција, добивајќи современа звучна форма низ импровизација и модерен сензибилитет.
„Овој концерт за мене е многу личен процес и еден вид враќање кон корените, но и нивно преосмислување. Материјалот што ќе го изведам произлегува од македонската и ориенталната музичка традиција, но е создаван низ слобода, импровизација и современ звучен јазик. Сакав публиката да го почувствува овој концерт како интимен простор – како заедничко доживување во кое музиката не е само изведба, туку разговор, емоција и трансцедентност“, изјави Евгенија Здравевска, позната под својот уметнички псевдоним Зарина Првасевда.
Гостите од Турција, Џенк Еродоган, светски познатиот виртуоз на фретлес гитара и Греми награден уметник како и перкусионистот и мултиинструменталист Ахмет Алан, беа оправдано отсутни поради доцнење на нивниот лет за Скопје од повеќе од два часа, предизвикано од густата магла над Скопје, изјавија организаторите.
Џенк Ердоган е Греми награден композитор и еден од највлијателните фретлес-гитаристи во светот. Како дипломец со First Class Honours и предавач на Berklee College of Music, тој е врвно интернационално име. Добитник е на Yeşilçam награда за Најдобар саундтрак, настапувал со светски музичари како светски познатиот индиски перкусионист Трилок Гурту и американскиот џез фјужн тапанар Дејв Врекл како и турнеи низ Европа и САД.
Ахмет Алан е турски перкусионист кој свири традиционални инструменти како бендир. Гордо го комбинира богатството на турската фолклорна музика со современи ритми, давајќи му свеж, жив звук на традиционалниот перкутерски израз. Неговите настапи често се мешавина од енергија, игра и ритам — што ги прави привлечни и за публиката што ја обожава класичната етно-музика, и за оние кои бараат модерни звучни искуства. Со тоа, Алан е мост помеѓу минатото и сегашноста во светот на турската перкусиона музика.
„Кадифено“ е концерт кој ќе понуди искрена емоција, длабока музичка нарација и редок спој на домашна и меѓународна уметничка енергија – вистинско предновогодишно културно доживување.
Билетите за концертот се достапни на веб страната другастрана.мк.
фото/Кристијан Арсовски
Култура
Гоце Цветановски со специјална награда во Белград за придонес во филмската уметност и индустрија
Македонскиот режисер и сценарист Гоце Цветановски доби специјална награда за придонес во филмската уметност и индустрија на 19. издание на Српскиот фестивал за фантастични филмови, еден од најзначајните регионални фестивали посветени на жанровскиот и авторскиот филм.
Свеченото отворање на фестивалот се одржа во Културниот Центар во Белград, во присуство на бројни филмски автори, професионалци и љубители на фантастичниот филм. На настанот присуствуваше и директорот на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, Васко Шутаров.
Наградата на Цветановски му беше врачена по проекцијата на оскаровецот „Поплава“, по што следеше панел-дискусија на тема иднината на анимираниот филм во регионот. На панелот, покрај Цветановски, учествуваа и истакнатите автори Растко и Ивана Чириќ, Никола Мајдак и Алекса Гајиќ, кои разговараа за предизвиците, новите технологии и можностите за регионална соработка во современата анимација.
При примањето на наградата, Цветановски се наврати на своите почетоци и емотивната врска со фестивалот:
„Мојата прва награда во кариерата ја добив токму на овој фестивал, за краткиот игран филм ‘Мал дисконтинуитет во време-просторот’ во 2014 година. Затоа ова признание за мене носи особена емоционална и професионална вредност.“
Наградата доаѓа како признание за долгогодишната авторска работа на Цветановски и неговиот придонес во современиот филм, со посебен акцент на фантастичниот и анимираниот жанр.
Култура
Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ втора меѓународна изложба на уметничка фотографија „Мотус 2025“
Здружението за промоција на интелектуални, мултикултурни и спортски вредности – Мотус од Куманово, преку својот Фото клуб – Мотус, во период од 18 декември (четврток) 2025 во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе ја организира втората Меѓународна изложба на уметничка фотографија Мотус 2025.
На изложбата ќе бидат изложени пеесетина фотографии. Учество зедоа 249 автори од 50 земји.

Финансиер на изложбата е Општина Куманово, преку програмата за подршка на културни манифестации за 2025 година, а истата е под патронат на Меѓународната Федрација на Фотографска Уметност (ФИАП 2025/393), (Фото Сојуз на Македонија (ФСМ 2025/003) и Меѓународна Фото Асоцијација Дунав (ДИПА 2025/054).
Изложбата ќе биде отворена на 18 (четврток) декември 2025 во 19:30 часот во просториите на Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово.

