Македонија
Ковачевски: Северна Македонија 100 отсто се усогласи со политиките на ЕУ за руската воена агресија
Сите ја носиме одговорноста брзо да носиме одлуки и да го нормализираме процесот на интеграција во ЕУ, изјави премиерот Димитар Ковачевски за време на редовниот брифинг со амбасадорите на земјите членки на ЕУ, на кој присуствуваше и заменик-шефот на Мисијата на ЕУ во нашата земја, Јулијан Васало.
На состанокот, премиерот Ковачевски се осврна на најважните прашања од евроинтеграцискиот процес на Република Северна Македонија, во контекст на актуелната безбедносна криза со војната во Украина.
„Поминуваме низ драматични времиња поради трагичната ситуација во Украина и бруталната агресија на Русија против друга европска држава која предизвика огромен број мртви, беда и болка кај нејзините граѓани. Нашите мисли денес се со нашите украински пријатели кои го заслужуваат нашето најголемо внимание, поддршка и ангажман“, рече Ковачевски.
Она што Унијата демонстрира, беше заеднички заклучено e единство во вредностите, единство во целта и единство во акција.
Додаде дека Северна Македонија е на иста линија на надворешна политика со ЕУ посебно во делот на санкции но и учество во хуманитарната помош. Северна Македонија, како кредибилна земја-кандидат, рече Ковачевски, се приклучи и ја сподели и својата одговорност со тоа што 100% се усогласи со политиките на ЕУ како одговор на руската воена агресија.
За Северна Македонија, задоцнетиот процес на интеграција во ЕУ е извор на системска ранливост, чиишто ефекти се прелеваат на целиот регион, а злонамерните актери лесно и вешто го искористуваат. Во време кога меѓународниот поредок заснован на правила е разнишан, двоумењето на ЕУ кон оние кои вложуваат огромна општествена енергија за да се придружат до европските правила, стандарди и вредности е нешто што ние заедно не можеме да си го дозволиме. Затоа е императив да се одржат првите меѓувладини конференции и да се отпочнат пристапните преговори и со Северна Македонија и со Албанија сега, за време на француското претседателство со ЕУ.
„Ако ништо не се случи до јуни ќе страда самиот политички моментум. Многупати во меѓусебните разговори со европските колеги го слушам аргументот за влијанието на изборните циклуси. Политичката поддршка, како и насекаде, се важни за вас, како и за нас. Тогаш зошто да се ризикува да се изгуби посветен партнер подготвен да ја направи вистинската работа? Каква порака би испратило тоа до останатите земји и народите од Западен Балкан? Она што ќе следи ќе биде посветеноста на една мала мултиетничка земја, на средината на Балканот да се натпреварува рамноправно во полето за игра и да докаже дека вреди да се приклучи на семејството на Европската унија врз основа на сопствените дела.
Малку е потребно за да се шутне топката во вистинската насока и да се постигне заедничка победа и за Северна Македонија и за Западен Балкан и за Бугарија и ЕУ во целина. Ова се многу непредвидливи времиња и сите ние ја носиме одговорноста брзо да го завршиме договорот и да дозволиме нормалност во процесот на интеграција во ЕУ“, додаде премиерот Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николовски: Системот на злоупотреби што го создаде Владата ја уништи довербата – земјоделците повторно ќе ја плататат цената
„Колку пати алармирав и предупредував дека во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој се создава систем на клиентелизам, влијанија и злоупотреби?“, порача поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски, реагирајќи по апсењето на директорот на Агенцијата при земање мито.
„Јавно укажував дека ИПАРД 3 ќе крахира, дека со вакви практики се загрозува кредибилитетот на државата пред Европската комисија и се става под ризик целата програма вредна околу 100 милиони евра – пари наменети за развој на македонското земјоделство“, изјави Николовски.
Според него, денешниот скандал е директна последица на политичко поставување на луѓе без интегритет и без компетенции.
„Ова не е изолиран инцидент, туку резултат на владеење кое ги заменува вредностите и професионалноста со партиска послушност“, нагласи тој.
Николовски потсети дека за време на неговиот мандат ИПАРД 2 програмата беше 100% искористена, со 2.369 договори и реализирани инвестиции.
„Срамно е целиот тој успех и довербата што ја изградивме со Европската унија да биде уништена за само една година поради корупција и лични интереси“, додаде тој.
Тој предупреди дека постои реална опасност Европската комисија да ја стопира ИПАРД 3 програмата за Македонија, што би значело блокада на сите исплати и нови повици.
„Ако се случи тоа, земјоделците повторно ќе бидат жртви на корупцијата и неспособноста на оваа власт“, порача Николовски.
Поранешниот министер побара итна одговорност и расчистување со злоупотребите:
„Време е за целосна одговорност. Македонија не смее да си дозволи да ја изгуби довербата во европските институции поради поединци кои го претворија земјоделството во извор на мито и политички влијанија.“
Македонија
Делови од Центар и Сарај в понеделник без вода
Од ЈП Водовод и Канализација, известуваат дека зафатот кој беше најавен за денеска поради одредени технички пречки се одложува за понеделник.
Поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на ул. Христо Смирненски 13, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од истата улица, поточно потегот од Зур – Маркет до бул. Партизански Одреди, во општина Центар.
Исто така во понеделник ќе се изврши редовно чистење на резервоарот за питка вода во село Рашче. За време на активностите во периодот од 09:00 – 13:00 часот, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од населените места: Рашче Копаница и Бојане, општина Сарај.
Македонија
До понеделник променливо облачно време со локални врнежи од дожд
Променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а долж Повардарието од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 12, а максималната ќе достигне од 12 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса до понеделник ќе преовладува променливо облачно време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат пообилни. Процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 30 l/m² за 24 часа), засилен ветер и појава на грмежи. Од вторник се очекува стабилизирање на времето.

