Македонија
Пендаровски: Мораме да се здружиме или да бидеме погласни за аерозагадувањето
Претседателот Стево Пендаровски се обрати на панел-дискусијата „Младите и аерозагадувањето“, што во организација на Здружението на студентите по медицина се одржа во „Млади хаб“ – канцеларијата на претседателот.
Говорејќи на тема „Национален консензус против аерозагадувањето“, претседателот Пендаровски ги претстави клучните поенти од Светскиот лидерски самит за климатски промени – COP26 во Глазгов, одржан во ноември 2021 година, како и усвоените ревидирани национални придонеси во справувањето со последиците од климатските промени.
Пендаровски говореше и за неговите конкретни чекори што по стапувањето на функцијата ги има преземено на оваа тема вклучувајќи го издигнувањето на аерозагадувањето на ниво на безбедносно прашање, поставувањето како точка на Советот за безбедност и неговото вклучување во стратегијата за одбрана.
Според претседателот Пендаровски, многумина се свесни за проблемот на загадувањето, но немаат волја, а многумина немаат ниту финансиски или други услови да направат промена во начинот на живеење.
Претседателот Пендаровски посочи дека на глобално ниво постои консензус за свесноста за постоењето на климатските промени, но сепак постојат предизвици во имплементацијата на мерките. Дополнително, според него, конспиративните теории прилично ја поткопуваат таа заедничка свест дека климатските промени се нешто што е многу сериозно и што треба што побргу да го адресираме.
Тој посочи и на високите бројки на починати како директна или индиректна последица на аерозагадувањето.
„Мораме да се здружиме или да бидеме погласни, но не да останеме само на зборови кога ќе ни заврши мандатот да се каже – јас потпишав таков документ, таков указ, таква одлука, а во пракса иста или не дај боже поголема бројка од луѓе да ни починуваат од истите причини“, рече претседателот Пендаровски.
Претседателот Пендаровски повика младите да го искористат својот ентузијазам, иновативни идеи и креативни решенија за позитивни промени. Ги охрабри младите да бидат гласни и секогаш да ги поставуваат прашањата. Аерозагадувањето, според претседателот Пендаровски, е доволно важно и се однесува на здравјето и животите на луѓето и поради тоа не треба да биде ставано настрана, туку треба да се решава заедно со сите други проблеми.
На панел-дискусијата, на која присуствуваше и сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, се обратија и министерот за здравство, Беким Сали, како и Џулијан Васало, заменик-шеф на Делегацијата на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

