Македонија
Истрага против четири лица поради работата на фасадата на Владата како дел од „Скопје 2014“
По сеопфатна предистражна постапка, денес, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување истражна постапка против четири лица што ја злоупотребиле својата положба и овластување при реализација на договорот за изведување градежни и градежно-занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата.
Според опишаните дејства, во наредбата постои основано сомнение дека првоосомничениот – управител на друштво за градежништво, трговија и услуги сторил кривично дело злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето и поттикнување во извршување на истото кривично дело, а другите три лица – второосомничениот како службено раководно лице на орган на државна управа и трето- и четвртоосомничениот како одговорни лица, управител на друштвото за инженеринг, проектирање и консалтинг и главен надзорен инженер за реализација на договорот, сториле по едно кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето.
„Првоосомничениот свесно ги повредил прописите за постапката за доделување договор за јавна набавка за изведување градежни и градежно-занаетчиски работи за реконструкција на фасадата и илуминација на објектот на Владата на Република Македонија и ја изиграл постапката за јавна набавка доставувајќи како доказ дека го исполнува минималниот услов за утврдување на економската и финансиската состојба три договори за заеднички настап со три правни лица, кои подоцна не ги ангажирал, како и два подизведувачки договора со правни лица, на кои имал намера да им отстапи дел од договорот за јавна набавка. Иако бил должен, во согласност со Законот за јавните набавки, тој не ги навел и не доставил податоци за другите подизведувачи што подоцна ги ангажирал. Со опишаните дејства првоосомничениот за друштвото со кое управувал остварил имотна корист од поголеми размери, во износ од 484.654.000,00 денари. Воедно, подизведувачот што го ангажирал за изведување градежни и градежно-занаетчиски работи за изведба на декоративни и фасадни елемети и изведба на каменорезачки работи за објектот на Владата не ги почитувал одредбите од подизведувачкиот договор и извршил монтажа на декоративни фасадни елементи изработени од материјал што не соодветствувал на материјалот предвиден во основниот проект. Второосомничениот, со умисла поттикнат од првоосомничениот, не ја извршил својата службена должност и при реализацијата на предметниот договор не ставал забелешки во поглед на начинот на изведба на работите и употребениот материјал и на тој начин дозволил подизведувачот да вградува декоративни фасадни елементи од материјал што ги нема потребните карактеристики. Трето- и четвртоосомничениот како одговорни лица управител на друштвото за инженеринг, проектирање и консалтинг и главен надзорен инженер за реализација на договорот, со умисла поттикнати од првоосомничениот, ги искористиле нивните посебни овластувања и должности што ги имале врз основа на договорот за вршење стручен надзор и ги прифаќале и одобрувале привремените ситуации од изведувачот на работите, во кои било наведено дека декоративните фасадни елементи се изведени од 96 % минерален рециклиран дуван гранулат од силикатни шупливи микрозрна“, велат од Обвинителството.
Од декември 2014 година до август 2015 година првоосомничениот како одговорно лице – управител на друштвото за градежништво, трговија и услуги со искористување на посебните овластувања што ги имал во согласност со Законот за трговските труштва како управител на друштвото прибавил значителна имотна корист во износ од 8.823.916,00 денари за политичката партија. Тој, по предходен договор со раководните лица на партијата, со цел партијата да купи недвижни имоти по цена пониска од пазарната, а притоа да ги избегне ограничувањата предвидени во одредбите од Законот за финансирање на политичките партии, во три наврати во име и за сметка на друштвото со кое управува купил недвижни имоти во Гази Баба, Центар Жупа и во Крушево, а потоа ги продал по пониски цени од нивната пазарна вредност на политичката партија.
Во текот на денот со наредба на судија на претходна постапка, а по предлог на обвинителот, извршени се претреси на повеќе локации, претресите сѐ уште се во тек.
Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција до судијата на претходна постапка ќе поднесе соодветни поднесоци за обезбедување присуство на осомничените, воедно ќе достави предлог за издавање решение за привремено запирање извршување финансиски трансакции со предлог за привремено одземање имот, како и барање за донесување привремена мерка забрана на отуѓување и располагање со недвижен имот.
Предметот е дел од постапката за проектот „Скопје 2014“ .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јанчев од Левица по сообраќајната несреќа: Веднаш пружив помош, но бев мета на политичка хајка
Пратеникот и лидер на Левица, Саше Јанчев, денеска се огласи по повод сообраќајната несреќа во која бил учесник, истакнувајќи дека во настанот се погодени најмалку три семејства и бројни блиски лица, поради што досега, како што вели, свесно молчел. Јанчев нагласува дека не сака да навлегува во детали од несреќата, но чувствувал потреба јавно да се произнесе поради, како што тврди, политичката злоупотреба на случајот.
Тој изрази жалење за сè што се случило таа вечер и посочи дека веднаш по несреќата пружил помош и повикал итни служби. Притоа, Јанчев укажа дека брзата помош, според неговите наводи, пристигнала по цели 50 минути.
Во изјавата потенцира дека бил единствениот легален учесник во сообраќајот во конкретната несреќа и отфрли тврдења дека управувал возило под дејство на алкохол или дрога, како и дека возел со непрописна брзина, оценувајќи ги ваквите информации како целосно неточни.
Јанчев реагира и на објавите во дел од медиумите дека управувал „бесен џип“, наведувајќи дека неговото возило е старо 20 години и дека станува збор за намерно креиран наратив. Според него, уште истиот ден по несреќата, владејачките партии започнале, како што рече, координирани политички напади против него.
Тој обвини дека бил јавно осуден преку партиски прес-конференции и медиумски настапи, без, како што посочи, да се постави прашањето за одговорноста на министерот за внатрешни работи и министерот за здравство. Јанчев наведе и дека од страна на власта му биле упатени закани поврзани со работата на Анкетната комисија за Кочани.
Во однос на прашањето за пратеничкиот имунитет, Јанчев истакна дека никогаш не се повикал на него и дека имунитетот, како што нагласи, не ја исклучува кривичната одговорност.
„Сето ова се прави без чувство дека во приказната не сум само јас, туку и луѓе кои се настрадани и длабоко потресени“, наведе Јанчев, повторувајќи дека искрено жали за сè што се случило и дека не знае зошто морало да дојде до таков трагичен настан.
Македонија
ТАВ Македонија: Меѓународниот Аеродром Скопје е отворен
Поради густата магла која ја зафати скопската котлина, а која предизвика намалена видливост, на Меѓународниот Аеродром Скопје, денеска од 00:00 часот до 18 часот, има 16 откажани и 11 пренасочени летови. Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден, информираат од ТАВ Македонија.
Бидејќи временските услови се менуваат постојано, од ТАВ Македонија апелираат до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат
-Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. За патниците и јавноста би сакале да појасниме дека Меѓународниот Аеродром Скопје не е затворен. Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, се вели во соопштението од ТАВ Македонија.
Сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време на веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, а патниците може да се информираат за статусот на нивните летови и на пултот за информации кој работи 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот и на телефонскиот број 02 3148 333.
Македонија
Сонце само над Водно – градот втор најзагаден во Европа
Скопје денеска осамна покриено со густа магла, која целосно го проголта градот и го сокри сонцето од погледот на скопјани. Додека во низините видливоста беше значително намалена, единственото место каде што сонцето се пробиваше низ облаците беше Водно, поточно околу Милениумскиот крст.
Од височините на Водно можеше јасно да се забележи контрастот меѓу сончевото небо и густата магла што се задржа над градот, создавајќи слика на Скопје „заробено“ под сив покрив.
Покрај неповолните временски услови, денес Скопје е рангирано како втор најзагаден град во Европа, што дополнително ја влошува состојбата со квалитетот на воздухот и претставува сериозен ризик за здравјето на граѓаните.
Граѓаните повторно апелираат за итни мерки и долгорочни решенија за справување со аерозагадувањето, кое со години останува еден од најголемите проблеми во главниот град.

