Македонија
Дополнителни 1.000 денари финансиска помош за корисниците на гарантирана минимална помош за полесно справување со кризата
Со измените на Законот за социјалната заштита воведуваме дополнителни 1.000 денари помош за семејствата што добиваат гарантирана минимална помош, порача пратеничката на СДСМ, Санела Шкриељ, на денешната седница на Собранието.
Шкриељ истакна дека овие измени се дел од мерките што имаат цел да им помогнат на граѓаните полесно да се справат со економските последици од глобалната криза.
„Семејствата што се корисници на гарантираната минималната помош за следните три месеци ќе добијат по дополнителни 1.000 денари на своите сметки со цел да им се помогне полесно да ги надминат последиците од економската криза. Ова е дел од мерките, меѓу кои се и укинувањето на ДДВ за основните продукти, субвенционирање на сметките за електрична енергија, а преку кои го штитиме стандардот на граѓаните. Да не заборавиме и дека минималната плата веќе од овој месец изнесува 18.000 денари“, посочи Шкриељ.
Пратеничката Шкриељ потсети дека СДСМ постојано на дело покажува вистинска посветеност во борбата против сиромаштијата, а најсилен доказ за тоа е социјалната реформа, која почна да се применува во 2019 година.
„Преку социјалната реформа, која сѐ уште се спроведува, успеавме да создадеме систем на трајно извлекување од сиромаштија на ранливите категории граѓани. За нејзината успешност говори и фактот што опфатот на деца што денес добиваат детски или образовен додаток е зголемен неколкупати, а сериозно е зголемен и износот на гарантираната минимална помош“, истакна Шкриељ додавајќи дека борбата против сиромаштијата и невработеноста продолжува и преку оперативниот план за вработување за 2022 година, со буџет од 1,8 милијарда денари, односно 30 милиони евра.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

