Македонија
Османи на состанокот на НАТО: Oстра осуда за грозоморните убиства на цивилно население во Украина
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска учествуваше на редовниот состанок на Северно-атлантскиот совет на ниво на министри за надворешни работи, што се одржа во седиштето на НАТО во Брисел.
Како што информираат од ресорното министерство, централна тема на сесиите била актуелната безбедносна состојба предизвикана од руската воена инвазија во Украина, како и мерките и активностите што алијансата ги презема за гарантирање на безбедноста на сите земји членки на НАТО.
Станало збор и за нов стратешки концепт, што треба да одговори на новата геополитичка реалност и да постави идна стратешка визија за алијансата.
Министерот Османи и во оваа пригода најостро ја осудил руската агресија во Украина, особено, како што рекол, грозоморните убиства на цивилното население и повикал на итен прекин на огнот.
Воедно, ја нагласил неопходноста за натамошно зајакнување на присуството на НАТО во Западен Балкан, како регион подложен на зголемено влијание од страна на трети држави.
„Западен Балкан е неизоставен дел од идната безбедносна структура во Европа. Затоа евроатлантската и европската интеграција на Западен Балкан е безбедносно прашање и алатка за зајакнување на стабилноста. Оттука упатуваме јасна порака за што поскоро отпочнување на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, што е од круцијално значење за зачувување на регионалната и европската безбедност”, истакнал шефот на македонската дипломатија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрани за камиони на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан
Забрани за тешки товарни возила на планинските превои Ѓавато, Пресека, Маврово – Дебар и Струга – ГП Ќафасан, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Сопиште и Илинден денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека за денеска се планирани два прекини и тоа:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците на дел од село Добри Дол. (општина Сопиште)
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците во село Кадино кон црквата Св.Илија, улица 6. (општина Илинден)
Македонија
Облачно со повремени локални врнежи од снег
Времето денеска ќе биде облачно со повремени локални врнежи од снег. Пообилни врнежи ќе има во западните делови и се очекува висината на снежната покривка на планините и на некои од повисоките места да се зголеми до 25 cm. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до -2, а максималната ќе достигне од 0 до 6 степени.
Во Скопје, претежно облачно со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 2 степени.
Времето во наредните денови
Следува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе се задржи претежно стабилно време, а по одделни котлини ќе има појава на магла. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, а на планините и на некои повисоки места од снег.

