Македонија
САД поддржува итно изнаоѓање на решенија со Бугарија, му рече Ескобар на Ковачевски

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски за време на Економскиот форум Делфи во Грција, оствари средба со заменик-помошникот на државниот секретар на Соединетите Американски Држави за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
На средбата Ковачевски и Ескобар разговараа за актуелната состојба во светски рамки, кризата предизвикана од воената агресија на Русија врз Украина, како и справувањето и ефикасниот одговор на мерките на Владата за енергетската криза.
Ковачевски во разговорот со Ескобар истакна дека е обезбеден стабилен континуитет на стратешките политички определби за поддршка на процесите за активно учество на Северна Македонија во НАТО, како и за забрзување на интеграцијата на Северна Македонија во ЕУ.
Ескобар ја нагласи неопходноста од максимално забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ со почеток на пристапните преговори и ја потенцираше поддршката на САД за итно изнаоѓање заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања со Република Бугарија.
Ковачевски и Ескобар изразија согласност дека нема време за губење и дека секое натамошно одлагање на тој процес предизвикува сериозни регионални последици, го поттикнува националистичкиот наратив со што се отвора вратата за зголемено влијание на трети страни.
Дел од одговорите на овие ризици, беше речено на средбата Ковачевски-Ескобар, се содржат во иницијативата „Отворен Балкан“, која како што потенцираше заменик-помошникот на државниот секретар, САД целосно ја поддржува затоа што нејзиниот концепт го помага регионалниот развој и ја забрзува европската интеграција на земјите од Западен Балкан.
На средбата беше констатирано дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ како исклучително важна тема за САД, заедно со заедничкото стратешко учество во НАТО и со билатералното партнерството меѓу двете земји кое што е во постојан развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
За три дена, 109 повредени од Кочани доставиле барања и предлози на телефонската линија на Владата

109 граѓани за три дена од пуштање на телефонската линија за повредените лица и нивните семејства, која е во директна комуникација со Канцеларијата на Ппретседателот на Владата, ја искористиле можноста и доставиле свои барања и предлози, соопштија од Владата.
Од таму велат дека тоа покажува дека оваа телефонска линија дава резултат и дека Владата е отворена за секаква сугестија и идеја.
„Како Влада преку низа на мерки помагаме за помош на повредените и нивните семејства. Ова е заедничка борба и нема да отстапиме од неа, бидејќи секој граѓанин има право на соодветна здравствена заштита и медицинска нега, токму поради тоа како Влада донесовме одлука за рехабилитација во Пониква на повредените лица кои се во стабилна здравствена состојба, но им е потребна дополнителна медицинска услуга. Тим на лекари од 10 јуни до 20 август во рехабилитацискиот центар Пониква на сите лица ќе им пружат дополнителна медицинска грижа, но и психолошка поддршка“, велат од Владата.
Од таму ги повикуваат и ги охрабруваат сите повредени лица кои се засегнати да се јават на телефонскиот број 070/355-526 и да ги изразат своите барања и потреби.
Македонија
Сончево време, попладне локален дожд

Времето денеска ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне ќе има услови за локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 20, а максималната ќе достигне од 26 до 35 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 34 степени.
Од денеска следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена локална облачност. Дневните температури ќе бидат без значителни промени.
Македонија
Мурал од балкански рис исцртан на фасадата на Театар Комедија

Со мурал од балкански рис и мала прослава, Македонското еколошко друштво вчера го прослави Светскиот ден на рисот.
„Конечно најдовме дом за муралот, најдовме и артист кој го нацрта, и најдовме човек кој има визија и кој е отворен за соработка, а тоа е директорот на Театар Комедија – Дарко Спасов. Целта ни е со овој мурал да ја подигнеме јавната свест, не само на рурално туку и на урбано ниво. Кога работите ќе згуснат ни треба секаква поддршка, од секоја популација“, изјави раководителот на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, Диме Меловски.
Тој се заблагодари на поддршката од Театар Комедија и директорот Дарко Спасов.
„Велат исти птици во исто јато летаат“, вели директорот Спасов, кој го изрази своето задоволство од соработката со Македонското еколошко друштво.
Освен муралот на фасадата на Театар Комедија, пред објектот поставена е и инфо табла со основните податоци за рисот, како и QR код кој води до новата интернет страница посветена на балканскиот рис: balkanlynx.com.
По поздравните обраќања, присутните членови и соработници на МЕД, се упатија кон Бистро Комедија каде што во неформална атмосфера имаа прилика да поразговараат за досегашните постигнувања, но и да разменат идеи и предлози за идни активности.