Македонија
Хелсиншки комитет: Системот не им дозволува на Ромите да излезат од маргините
Меѓународниот ден на Ромите е прилика за славење на ромската култура, но и повод да се осврнеме на фактичката состојба во која се наоѓа оваа заедница, односно на причините кои оневозможуваат вистинска социјална интеграција на ромската заедница во општеството, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Според Комитетот, вкоренетиот расизам е во сржта на повеќекратната дискриминација со која Ромите секојдневно се соочуваат и таа се согледува и во односот на институциите кон нив, но и во третманот кој го добиваат од страна на општеството во целина.
„Токму расната дискриминација е клучниот проблем поради кој, децении наназад, сите посебни политики и мерки наменети за оваа заедница остануваат половични, недоволни и неефективни во пракса“, се наведува во извештајот.
Како што посочуваат од Хелсиншки, ова се согледува и во актуелниот проблем на неколку ромски семејства сместени во прифатниот центар во Визбегово.
„Иако една од главните цели на социјалните реформи е извлекување на луѓето од кругот на сиромаштија и искоренување на нејзините екстремни форми, последниот случај со плановите за иселување на Ромите од прифатниот центар покажува ригидно толкување на законските одредби. Со тоа што нивните деца конечно се вклучиле во образованието, а мал дел од родителите започнале самостојно да заработуваат, се смета дека овие семејства излегле од состојба на социјален ризик, иако нерешеното домување и нивното евентуално враќање на улица ќе значи поништување дури и на овие мали чекори напред.
Понатаму, и покрај тоа што образованието е еден од главните предуслови за излез од трансгенерациска сиромаштија, факт е дека голем број ромски деца се исклучени од образовниот процес, а тие кои посетуваат настава честопати се соочени со сегрегација во образовните установи. Хелсиншкиот комитет реагираше на овој проблем со поднесување тужба од јавен интерес за заштита од дискриминација (actio popularis) поради сегрегирање на ромските деца во во две основни училишта во Битола и Штип. Судската постапка е во тек, но со големи паузи помеѓу рочиштата, што укажува на задоцнета заштита и говори за односот на правосудните органи кон проблемите на оваа заедница.
Здравствената заштита е исто така право од кое Ромите често се лишени. Иако Комитетот за елиминација на сите облици на дискриминација врз жените при ООН утврди дискриминација при пристапот на сексуални и репродуктивни права на Ромки и препорача соодветно буџетирање и пристап за здравствени услуги за овие жени, токму овие програми сега се соочуваат со кратење на финансиите, што дополнително ќе ја влоши и онака неповолната состојба“, се наведува во соопштението на Комитетот.
Од таму констатираат дека расното профилирање на Ромите и понатаму останува клучниот фактор кој го спречува еднаквиот пристап до добра и услуги, предизвикува случаи на полициска бруталност и го цементира нивниот маргинализиран статус во општеството.
Повикуваат на значителна промена на односот на државните органи кон оваа заедница бидејќи, како што велат, само со системски промени се гради целосна инклузија и подобро општество.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова во Дубаи се обрати на Глобалниот форум за владини регулативи и правда
Регулативата не е само за контрола, туку станува збор за создавање предвидлив простор каде што општествената доверба може да расте, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Глобалниот форум за владини регулативи и правда, во рамки на Светскиот самит на владите во Дубаи.
Во обраќањето на тема „Законодавството како овозможувач на владеењето на правото“ таа посочи дека наместо да се потпираме на институционален илузионизам и да веруваме дека совршен закон на хартија е крајот на патот, треба да се фокусираме на напорна работа во годините пред нас – да изградиме институции што дишат, што се адаптираат и што им припаѓаат на луѓето.

Го претстави македонскиот случај и посочи дека државата веќе 25 години по потпишувањето на Договорот за стабилизација и асоцијација со Европската Унија, формално и правно се усогласува со Европската Унија, со нејзините институции, правила и регулативи, но и покрај тоа сме меѓу најдолгогодишните кандидати за полноправно членство во Европската Унија.
Но, усогласувањето, според претседателката, не го правиме само заради Брисел, туку и поради фактот што процедурите се гаранција за еднаквост. Кога ги усогласуваме нашите закони со европските стандарди, градиме систем во којшто правилата ја надживуваат власта, рече претседателката, истакнувајќи дека ова е разликата меѓу владеењето на човекот и владеењето на правото.

Посочи дека македонските институции остануваат инклузивни и посочи дека Националната стратегија за развој 2024 ‒ 2044 помага да ги калибрираме политиките и законите.
Македонија
Пушењето најголем ризик фактор за рак на бели дробови, значајно придонесува и кај други видови рак
По повод Светскиот ден за борба против ракот, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје потсетуваат дека пушењето претставува ризик фактор за малигни заболувања, а посебно за рак на бели дробови.
Според податоците на Институтот за јавно здравје водечка причина за смрт во државава во 2023 и 2024 година се малигните неоплазми на бронхиите и белите дробови.
- Употребата на тутун е водечка причина за рак кој може да се спречи. Статистичките податоци покажуваат дека вкупниот број на починати лица од малигни неоплазми на бронхии и бели дробови во 2024 година изнесува 860, од кои бројот на мажи е поголем, во однос на бројот на жени. Откажувањето од пушење значително го продолжува животниот век и квалитетот на животот, и токму на Светскиот ден за борба против ракот, уште еднаш апелираме на важноста од донесување на новиот предлог-закон за заштита од пушењето, со цел заштита на здравјето на сите граѓани, појаснува министерот за здравство, Азир Алиу.
Покрај употребата на тутун, други ризик фактори за малигни заболувања се и прекумерна дебелина, употреба на алкохол, недоволна физичка активност, неправилна исхрана.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, вкупниот број починати лица од малигни неоплазми во 2024 година изнесува 3.958, од кои 2.325 се мажи, а 1.633 се жени. Во истата година, бројот на починати од неоплазми на возраст над 65 години е речиси двојно поголем од бројот на починати до 64-годишна возраст.
Македонија
По заканите кон новинарот Видиновски, Обвинителството оформи предмет
Во насока на заложбите за заштита на безбедноста на новинарите и итно постапување за секое загрозување на медиумските слободи, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, оформи предмет по допрен глас за утврдување на идентитетот и испитување на кривична одговорност кај повеќе лица кои преку коментари на социјалната мрежа Фејсбук упатиле сериозни закани кон новинарот и уредник во Канал 5 Телевизија – Александар Видиновски.
Коментарите биле објавени под видео прилог на новинарот кој се однесува на непрописно паркирани возила пред објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и во себе содржеле сериозни закани, говор на омраза, ксенофобични пораки и пораки што поттикнуваат национална нетрпеливост.
Имајќи во вид дека во конкретниов случај станува збор за новинар и уредник кој врши дејност од јавен интерес и професионални задачи, предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Скопје со цел да преземе дејствија за испитување на индициите за евентуално постоење на елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност.

