Македонија
Стратегијата за инклузија на Ромите е темел на суштинските политики за унапредување на правата на заедницата
Со поставување на знамето на Ромите на јарбол пред зградата на Владата, интонирање на химната на ромскиот народ и свечен прием, денеска беше одбележан Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април.
Во свечената сала на Владата истакнати претставници на ромската заедница, меѓу кои Елвис Мемети, советник за инклузија на Ромите во Канцеларијата на премиерот, пратеничката Љатифе Шиковска, директорот на Агенцијата за вработување Беким Мурати, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и Агим Нухиу, заменик-министерот за правда, во своите обраќања ги истакнаа заложбите за продолжување на стремежите за еднаквост и правичност на ромската заедница почитувајќи го веќе изградениот концепт „Едно општество за сите“.
Учесниците на денешниот настан ја потенцираа важноста на суштинските политики за унапредување на ромската заедница втемелени во усвоената Стратегија за инклузија на Ромите 2022-2030 година, како дел од јавните политики за изедначување на степенот на вклученост и интеграција на таа заедница во општеството.
На свеченоста беше подвлечено дека за поддршка на имплементацијата на Стратегијата за Ромите за 2022 година се издвоени 73.372.000 денари, што е зголемување за 14.128.000 денари во споредба со буџетот за 2021 година. Средствата се наменети за зголемување на економскиот потенцијал на ромската заедница, како и зголемување на застапеноста на Ромите во институциите.
На настанот, Мрежата за застапување за системски и трајни решенија за интеграција на Ромите, во која членуваат 15 ромски НВО-организации, додели пофалници на Роми од различни сфери на општествениот живот за исклучителен придонес во развојот на ромската заедница.
Светскиот ден на Ромите се одбележува во чест на првиот Светски конгрес на Ромите, одржан од 8 до 12 април 1971 година во Лондон и тоа е еден од најважните датуми во историјата на овој народ, кога претставници на Ромите од 14 земји во светот, донесоа одлуки за ромското знаме и официјална химна.
Одлуката за прогласување на 8 Април за Меѓународен ден на Ромите во целиот свет е донесена на Четвртиот светски конгрес на Ромите одржан 1990 година во Полска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со Ли Јиан, генерален директор за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина.
Посакувајќи му добредојде во законодавниот дом од името на пратениците, претседателот Гаши истакна дека и покрај географската оддалеченост, билатералните односи остануваат срдечни и продолжуваат да се развиваат во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка.
Тој ја повтори посветеноста на државата на принципот на „Една Кина“, односно признавањето на Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на кинескиот народ и признавањето на Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија.
Понатаму, претседателот Гаши информираше дека парламентарното мнозинство останува цврсто фокусирано на реализација на клучните стратешки цели кои се непроменети од нашето осамостојување, односно напредок кон отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија.
Двајцата соговорници се сложија дека иако соработката на билатерално ниво дава опипливи резултати во широк спектар на сектори – има простор за продлабочување на односите во областа на туризмот, културата и трговската размена. Беше нагласен и континуираниот придонес на Кинеската амбасада во Скопје за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.
Исто така, беше потенцирано дека Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, која се формира во Собранието во сите досегашни мандати, е форум за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски и размена на мислења за сите аспекти на законодавната работа меѓу меѓу двете држави.
Генералниот директор за европски прашања му врачи на претстедателот Гаши честитка од неговиот хомолог, Џао Леџи, претседател на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.
Македонија
Пуштена за сообраќај клучката на автопатот Охрид-Кичево, кај селото Подмољје
СВР Охрид ја известува јавноста дека од денеска, во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмољје, општина Дебрца.
Со тоа, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга , Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
„Апелираме до возачите на патнички и други моторни возила, при користење на овој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи како и и другата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.

