Македонија
Надлежните тврдат дека нема проблем со згрижувањето во градинките, третина од воспитувачите не штрајкувале

Министерството за труд и социјална политика ја информира јавноста дека од вкупно 75 јавни установи за згрижување и воспитание деца од предучилишна возраст, во 25 предучилишни установи за деца денес воопшто не се штрајкува, а во 50 предучилишни установи штрајкуваат само некои од вработените.
„Овие податоци укажуваат дека една третина од вкупно вработените во предучилишните установи не го поддржуваат штрајкот организиран од СОНК, што претставува пораст од четири установи за разлика од вчерашниот ден“, велат од Министерството.
Се додава дека во согласност со податоците на Министерството, кои се ажурираат на дневна основа, се бележи тенденција на пораст на згрижени деца во градинките во текот на денешниот ден. Ваквата состојба, велат од МТСП, се должи на фактот што згрижувањето и воспитанието на децата течеше непречено вчера, со исклучок на една јавна установа и намален капацитет на згрижување деца во мал број предучилишни установи.
Исто така, се бележи и благ пад на учесници (вработени и поддржувачи) на штрајкот во предучилишните установи.
„Социјалниот договор продолжува, Владата и Министерството за труд и социјална политика остануваат отворени за изнаоѓање заедничко најодржливо решение за сите фактори во процесот, а пред сѐ во интерес на заштитата на децата“, велат од Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Драчево бара лежечки полицајци на „Јустинијан Први“: Не утре, туку сега, пред да има мртви

„Колку животи треба да се изгубат на улица „Јустинијан Први“ за конечно да се преземе нешто?
Денеска повторно автомобил излета од коловозот и заврши во двор на жител. Само по среќа немаше жртви. Но до кога ќе се потпираме на среќата? Утре тоа може да биде нечиј син, ќерка или родител згмечен на тротоар“, реагираат граѓаните преку социјалните мрежи на ѕидот на општината Кисела Вода по тешка сообраќајка на улицата.
„Години наназад алармираме на оваа улица се вози како на автопат! Нема лежечки полицајци, нема контрола. Се што некогаш беше поставено, одамна е уништено од нашите сонародници, во 3 часот ноќе со копач ги корнат и со камиони кочат на нив да ги одкорнат, а институциите молчат. Нивната незаинтересираност е директна закана за животите на жителите“, стои во објавата.
Доста е, како што вели во напишаното револтиран жител, со празни ветувања и молк.
„Бараме итни мерки, поставување на лежечки полицајци. Не утре, не, кога ќе има средства, туку сега пред да има мртви!
Ако општината и надлежните органи продолжат да си ги затвораат очите, секоја идна несреќа и секоја изгубена жртва ќе биде нивна одговорност нивно злосторство со премолчена дозвола!
Градоначалниче Орце Ѓорѓиевски, те повикуваме да реагираш!
Жителите на оваа улица очекуваат од тебе итно да се постават лежечки полицајци.
Време е безбедноста на граѓаните да биде на прво место пред да дојде до трагедија“, стои во напишаното на социјалните мрежи.
Македонија
Три активни пожари во државата, чешкиот „Блек Хок“ слета во Скопје, утре ќе гаси на Готен

На територијата на државата има вкупно 20 пожари на отворен простор, информираат од ЦУК за состојбата до 18:30 часот.
Според последните информации од центарот, активни се три пожари на територија на државата, шест се под контрола а единаесет се изгаснати.
Активни се три пожари:
1. Општина Василево, Општина Радовиш и Општина Берово:
с. Нивичино, на планината Голем Готен и Малешевските планини (нискостеблеста шума, смрека, грмушки и ниска вегетација);
2. Општина Прилеп:
с. Бешиште, место викано Бешишки Рид, друг крак према с. Градешница (Опш. Новаци) и трет крак према границата со Р. Грција.
Не се интервенира поради детонации (мешана шума);
3. Општина Прилеп и Општина Кавадарци:
помеѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен (Општина Прилеп), и Галиште и Трстеник (Опш. Кавадарци)
(мешана шума и нискостеблеста вегетација);
Под контрола се шест пожари:
1. Општина Македонски Брод: с. Грешница (мешана шума и сува трева);
2. Општина Македонски Брод: с. Латово (ниска вегетација и деградирана шума);
3. Општина Штип: помеѓу селата Драгоево и Селце (нискостеблеста шума, прнар и сува трева);
4. Општина Карбинци: с. Јунузлија (шума);
5. Општина Македонски Брод: помеѓу селата Црешево, Локвица и Крапа (деградирана дабова шума, грмушки и ниска вегетација);
6. Општина Македонска Каменица: с. Ќосевица (борова шума);
Изгаснати се 11 пожари:
1. Општина Струга: с. Велешта (запалено стрниште);
2. Општина Старо Нагоричане и Куманово: с. Облавце, с. Бељаковце, с. Довезенце, Орах и Руѓинце, се шири кон селата Димонце и Коњух (Опш. Кратово) – загрозува куќи и помошни објекти (ниска вегетација);
3. Општина Кичево: с. Горно Црско (ниска вегетација и ниска шума);
4. Општина Желино: помеѓу селата Церово и Групчин (нискостеблеста и деградирана шума);
5. Општина Петровец: с. Средно и с. Долно Коњаре (мешана шума);
6. Општина Петровец: Катланово (ниска вегетација);
7. Општина Крива Паланка: с. Нерав (висока борова шума);
8. Општина Новаци: с. Рапеш (запалени бали);
9. Општина Прилеп: с. Кантларци (ниска вегетација);
10. Општина Прилеп: ул. Јоска Јордановски (ниска вегетација);
11. Општина Охрид: с. Ботун (ниска вегетација).
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов попладнево појасни дека чешкиот „Блек Хок“ со седумчлена посада слета на аеродромот Скопје и утре наутро ќе почне со дејство врз пожарот на планината Готен од беровската страна.
Овој моќен хеликоптер со ведро од 3,4 тона како што појасни Ангелов, е дел од меѓународната помош која е најавена за да помогне во справување со пожарите во земјава. Помошта ќе дојде од Чешка и Словенија.
Македонија
Муцунски за отворањето генерален конзулат во Корча: Време е да им се доближиме на Македонците во Албанија

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево преку социјалните мрежи информираше дека Владата на денешната седница донела одлука за отворање Генерален конзулат во Корча, Република Албанија.
„Грижата за Македонците во Албанија не ја покажуваме со зборови, туку со конкретни дела. Македонците од Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора се предалеку од Тирана, време е да им се доближиме“, истакна Муцунски.
Тој појасни дека со оваа одлука, македонските државјани кои живеат во овие области ќе добијат побрз и полесен пристап до конзуларни услуги, како и поддршка за културни, образовни и економски врски.
„Целиме кон посилна грижа за интересите на нашите граѓани. Брз, достапен и квалитетен сервис. Ова се конкретни чекори, не празни зборови“, подвлече Муцунски.
Според појаснетото од неговиот кабинет, генералниот конзулат ќе има јурисдикција врз подрачјата Корча, Мала Преспа, Подградец, Голо Брдо и Гора, и ќе работи во целосна координација со Амбасадата во Тирана. „Неговите клучни надлежности ќе опфаќаат обезбедување конзуларни услуги, економска и културна промоција, како и унапредување на билатералната соработка во поширокиот регион“.