Македонија
Донација од возила и опрема од германската амбасада за Одделот за гранични работи и миграција
„Ме радува фактот што изминатиот период интензивните реформски зафати во македонската полиција во сите сегменти од нејзиното функционирање во голема мерка се должат на партнерството и помошта што Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија во континуитет ја добива од своите меѓународни пријатели и партнери, меѓу кои несомнено, особено по својот обем и квалитет, би сакал да ја потенцирам поддршката од Сојузното министерство за внатрешни работи и татковина на Сојузна Република Германија“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешното примопредавање на донацијата од возила и опрема од Амбасадата на Сојузна Република Германија, вредна 675.000 евра, наменета за Одделот за гранични работи и миграција при Бирото за јавна безбедност на МВР на Република Северна Македонија, а донирани од страна на Канцеларијата за врски на германската Сојузна полиција при Амбасадата на Сојузна Република Германија.
Пред платото на МВР, каде што беше врачена донацијата, министерот Спасовски потенцира дека целокупната донација е опрема од разновиден карактер и има цел во повеќе сегменти да ги подигне капацитетите за работа на граничната полиција за зајакнување и надополнување на техничките аспекти на граничната полиција, со цел нејзино полесно и поефикасно функционирање според современите професионални стандарди и полесно справување со предизвиците во борбата против меѓународните закани и прекуграничниот криминал во согласност со позитивната пракса на ЕУ.


Во делот на подобрување на мобилноста на граничната полиција донирани се: 17 возила, од кои 10 теренски, 3 комби-возила и 4 специјални возила за транспорт на шверцери на мигранти. Во делот на граничниот надзор донирани се термални камери со краток и долг дострел, дневни и ноќни двогледи за зголемена ефикасност и безбедност во постапувањето на припадниците на граничната полиција, уреди за присилно запирање возила – СТИНГЕР и тактички елечиња, а во делот на подобрување на можностите за следење онлајн-обуки – лаптопи и проектори.
„Во име на Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија да изразам огромна благодарност за несебичните заложби и ангажмани на луѓето од Амбасадата на Сојузна Република Германија и до владата на Сојузна Република Германија, претставувана од амбасадорот во Република Северна Македонија, Анке Холштајн, за оваа за нас мошне значајна помош, но и за континуираната поддршка во нашите зајакнати реформски процеси, со силна увереност дека соработката ќе продолжи и ќе се интензивира и во претстојниот период“, заврши министерот Спасовски.

Амбасадорката на Сојузна Република Германија во земјата, Анке Холштајн, меѓу другото, рече дека соработката меѓу македонските и германските служби се одвива одлично, колегијално и со доверба. „Срдечна благодарност за тоа – нешто на што сите вие може да се гордеете, сега треба таа соработка и понатаму да се надградува“.
„Опремата со која и оваа година сакаме да ја поддржиме и олесниме вашата важна работа до сега беше постојано одговорно и професионално користена. Дополнително, ќе доставиме опрема за присилно запирање возила, која моментно е уште на царина – со тоа би била покриена целата потреба од ваква опрема за присилно запирање возила за граничната полиција во следните години. Благодарение на крајно професионалните обуки, така ми беше кажано, таа беше успешно користена, на пример, минатиот јануари, за време на акција за борба против прекуграничниот криминал“, истакна во своето обраќање германската амбасадорка Холштајн.
Оваа донација е дел од програмата за поддршка од владата на Сојузна Република Германија за МВР – Одделот за гранични работи и миграции, регионалните центри за гранични работи и полициските станици од граничната полиција за 2021 година, но со оглед на отежнатите услови на производство и достава на опремата поради ковид-пандемијата, таа се испорачува денеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Висока делегација на МВР на средба со амбасадорот на ОАЕ
Денеска висока делегација на Министерството за внатрешни работи, составена од шефот на кабинетот на министерот Ристо Ставревски и државниот советник во кабинетот на министерот Владимир Велковски, во име на министерот Панче Тошковски оствари работна средба со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Обединетите Арапски Емирати со седиште во Рим, Абдула Али Атек Обаид Алсубуси кој во периодот од 24 и 25 ноември е во официјална посета на нашата земја.
„На средбата беше потврдено дека билатералните односи и соработка меѓу Македонија и ОАЕ се со висок степен на пријателство и меѓусебно разбирање со голем потенцијал за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, која особено се интензивираше со склучување на меморандумите за разбирање за борба против тероризам и за меѓусебно признавање и размена на возачки дозволи“, соопшти МВР.
Ставревски ја истакна и се заблагодари за поддршката и посветеноста на Владата на Обединетите Арапски Емирати, а особено на Министерството за внатрешни работи на оваа пријателска земја на развојот на капацитетите на Министерството во борбата против организираниот криминал и екстремизмот, изразувајќи увереност дека истата ќе продолжи со несмален интензитет и во иднина.
Меѓу другото, на средбата беше истакнато дека акцентот на билатералните односи меѓу двете држави е ставен на унапредување на економската соработка, особено, на привлекување арапски инвестиции во нашата земја.
Македонија
(Видео) Кузмановска: Нов удар врз младите, ДПМНЕ ги намалува парите за студентски стандард за 7,3 милиони евра во Буџетот
Во буџетот за 2026 година, Владата на ДПМНЕ ги намалува парите за студентскиот стандард за огромни 7,3 милиони евра, истакна на прес-конференција Стефанија Кузмановска, потпретседателка на СДММ.
Ова, вели таа, значи помалку пари за стипендии, помалку пари за студентски оброци, за студентските домови.
„Уште поголем удар врз секој млад човек кој се обидува да се образува и развива во својата земја. Во најголемиот буџет во историјата власта нема пари за студентите! Наместо да вложуваат во младите, Владата на Мицкоски им ги крати парите, им ги одзема можностите. Како намерно да сака да ги избрка од државата“.
Не може, додава Кузмановска, да има пари за манго, папаја и гоштевање на владините функцонери а да нема за младите.
Студентите, подвлекува таа, не се бројка во табела, тие се иднината на државата.
„А со вакви погрешни политики иселувањето на младите не само што ќе продолжи туку ќе се засили.
СДММ бара власта веднаш да се откаже од овие катастрофлани политики и да го зголеми буџетот за студетски стандард. Младите заслужуваат подобро, заслужуваат повеќе“.
Македонија
Мицкоски не знаел за инцидентот со Аца Лукас, но најави строга контрола на естрадата: Јасни се законите и правилата, секој мора да ги почитува
Премиерот Христијан Мицкоски од кого викендов на социјалните мрежи се бара извинување по приведувањето на српскиот пејач Аца Лукас во Кавадарци по утврдени низа неправилности околу настапот, вели дека во моментот на случувањата тој воопшто не знаел дека такво нешто се случува. Вели дека законите се јасни и најави дека многу строго и внимателно ќе го следи однесувањето на ваквиот тип естрадни уметници и нивните менаџери.
„Јас и не знаев дека тоа се случило, да бидам искрен. Ми се јавија луѓето од Кабинетот да ме информираат, пред неколку дена мислам тоа беше. Претпоставувам дека некој таму сака да создаде естрада која таму е присутна, да ја пренесе овде. Мислам дека не треба многу внимание да му се посветува на ова. Јасни се законите, јасни се правилата, секој мора да ги почитува и многу строго и внимателно ќе ги следиме однесувањата на ваков тип на естрадни уметници и нивни менаџери“, кажа премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на отворањето на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините,
Српскиот пејач Аца Лукас беше приведен во петокот вечерта во заедничка акција на неколку институции кои открија низа неправилности и пропусти околу организацијата и реализацијата на настанот. МВР соопшти дека Лукас настапувал без потреба дозвола за работа, се работело без издавање фискални сметки, не се почитувал законот за забрана на пушење, а констатирано беше и дека во локалот има многу повеќе гости отколку што е дозволено.
Менаџерот на Лукас и многумина негови истомисленици обвинија дека државниот врв е вмешан во приведувањето и побара премиерот и актуелната Влада да се извинат.

