Црна хроника
„Ако не ми исплатиш 7.000 евра, ќе те убијам“ – истрага против скопјанец поради изнуда
Скопското Обвинителство донесе наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило изнуда.
Осомничениот 43-годишник, во периодот од октомври 2021 година до 11 април годинава, со намера за себе да прибави противправна имотна корист, со сериозна закана присилил едно лице да му даде парични средства во износ од 7.000 евра.
„Во октомври 2021 година оштетениот од обвинетиот позајмил 700 евра, кои требало да ги врати со камата, која меѓусебно ја договориле. Оштетениот месечно му ги враќал парите во согласност со договорениот начин на исплата. Но, во јануари 2022 година обвинетиот му кажал на оштетениот дека износот што треба да го врати се зголемил за 150 евра. На 27 март годинава обвинетиот повторно телефонски му се јавил на оштетениот барајќи до крајот на тој месец да му исплати вкупен износ од 1.500 евра, при што му упатил и директни закани дека ќе му ги скрши рацете и нозете доколку не ги даде парите. На 3 април, со телефонски повик, обвинетиот му се заканил на оштетениот дека ќе го убие него и неговото семејство доколку не му исплати износ од 7.000 евра“, велат од Обвинителството.
Следниот ден го повикал на средба во еден угостителски објект во Скопје. Оштетениот носел со себе парични средства, но обвинетиот побарал парите да ги претвори во банкноти од 100 евра и неколку дена подоцна да му ги остави кај некој од вработените во угостителскиот објект. Ова оштетениот го одбил со изговор дека нема доверба да ги остава парите кај трети лица.
Изнудувачот закажал нова средба со оштетениот на 11 април спроти казино на улицата Иван Козаров, при што оштетениот му предал 100 евра и 6.000 денари. Кога почнал повторно да му се заканува, осомничениот бил веднаш лишен од слобода бидејќи оштетениот, стравувајќи за сопствената и за безбедноста на своето семејство, претходно ја пријавил средбата во полиција.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор бидејќи постојат околности што упатуваат на опасност од бегство, можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и можност да го повтори делото.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Црна хроника
Жена пријавила дека партнерот ја нападнал и ѝ го одзел телефонот, оштетено и нејзиното возило во Кисела Вода
Вчера околу 20:50 часот, 31-годишна жена пријавила во полицијата дека била физички нападната од нејзиниот партнер Љ.З. во неговиот дом на подрачјето на Кисела Вода.
Според пријавата, тој ѝ го одзел мобилниот телефон, ја нападнал, ѝ упатил закани користејќи остар предмет, а подоцна и го оштетил нејзиното возило со тврд предмет, додека било паркирано во дворот.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.
Црна хроника
Фирма од Велес оштетена за над 21.000 евра преку фалсификувана електронска фактура
На 3 февруари 2026 година, во 07:15 часот, 60-годишна жителка на Велес пријавила во СВР Велес дека фирмата каде што работи е оштетена за 21.111 евра.
Според пријавата, компанијата извршила уплата на средства врз основа на фактура испратена од деловен партнер. Но, по добиена порака преку електронска пошта дека уплатата не била реализирана, фирмата стапила во контакт со банката и партнерот. Тогаш било утврдено дека оригиналната фактура била пресретната, фалсификувана и пренасочена, по што средствата биле уплатени на туѓа сметка.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.
Црна хроника
Автомобили се судрија на патот Куманово-Скопје, едно лице тешко повредено, возачот бил без дозвола
На 3 февруари 2026 година, околу 10:55 часот, на регионалниот пат Куманово–Скопје, во селото Љубодраг, се случила сообраќајна несреќа во која учествувале две патнички возила со кумановски регистарски таблички.
Според информациите од СВР Куманово, се судриле „ауди“, управувано од М.А. (47) од селото Љубодраг, и „шкода“, со која управувал Б.С. (51) од Куманово. Во несреќата тешко телесно бил повреден возачот на „шкодата“, додека полесни повреди добиле неговите сопатници Т.Р. (49) од Куманово и М.Ј. (49) од селото Черкези, како и возачот на „аудито“ и неговата сопатничка О.Ц. (45) од Куманово.
При увидот на местото на несреќата било утврдено дека едниот од возачите, немал возачка дозвола. Од полицијата најавија дека по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.

