Македонија
(Видео) Во Бар поставена спомен-плочата на Владимир и Косара во чест на македонско-црногорското пријателство
На вториот ден од официјалната посета на Црна Гора, претседателот Стево Пендаровски денеска во Бар присуствуваше на поставувањето на спомен-плочата на Владимир и Косара, која е изработена во Северна Македонија, во чест на македонско-црногорското пријателство.
Како што информираат од претседателскиот кабинет, Пендаровски посочил дека поставувањето на ова спомен-обележје претставува симбол на блискост и на културно-историската врска помеѓу Северна Македонија и Црна Гора и се реализира по иницијатива на Здружението за македонско-црногорското пријателство и Заедницата на Црногорците во Република Северна Македонија.
„Плочата е во спомен на ликот на црногорскиот кнез Владимир, неговата храброст и човечките идеали, како и легендата за неговата љубов со македонската принцеза Косара, ќерката на цар Самуил, која е опеана во летописот на попот Дукљанин“, објасни Пендаровски.
Спомен-плочата е изработена од страна на македонскиот скулптор Томе Аџиевски и е поставена во Бар, каде што најмногу се негува култот кон кнезот Владимир, кој се смета за заштитник на градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и постудено, со засилен ветер од северен правец
Времето денеска ќе биде сончево и постудено со мала до умерена локална облачност. Ќе дува засилен, а долж Повардарието и во источните делови силен северoзападен ветер (наместа над 70км/ч.).
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 15, а максималната ќе достигне од 13 до 22 степени.
Во Скопје сончево со мала локална облачност и со засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Денеска ќе продолжи да дува засилен, а долж Повардарието и во источните делови силен северен ветер повремено со брзина над 70 km/h. Потоа во следните два дена времето ќе биде сончево со ниски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст.
Од четврток се очекуваат нови врнежи од дожд повремено пообилни.
Скопје
Без струја дел од општините Ѓорче Петров и Сопиште
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради планирани зафати во електро дистрибутивната мрежа денеска без напојување со електрична енергија ќе останат:
• Во период од 08:30 – 13:00 часот, дел од улицата Ѓорче Петров од бр.115 до бр.141 (општина Ѓорче Петров)
• Во период од 08:30 – 12:00 часот, ОУ Тихомир Милошевски и дел од корисниците во Ново Село (општина Ѓорче Петров)
• Во период од 08:30 – 15:30 часот, дел од ул.1 од Општина Сопиште патот кон Ракотинци.
Македонија
Десетти хуманитарен пикник за вработените на „Алкалоид“: Околу 2 милиони денари за организацијата СОС Детско Село
Наменски дизајнираните маички со лајтмотив – индивидуалната енергија како експресија низ теоријата на бои – симболизираше пропусница за пикникот, преку која семејството алкалоидовци и пријателите до денес донираа околу 2 милиони денари.
„Алкалоид“ АД Скопје ја продолжи хуманата мисија на 10-тиот по ред донаторски хепенинг по неколкугодишна пауза која се должеше на пандемиските ограничувања. Хуманитарниот пикник беше спроведен под закрила на Фондацијата „Трајче Мукаетов“ во присуство на вработените, членовите на нивните семејства и/или нивни пријатели.
Ракометарите на РК Алкалоид беа дел од овој настан и го збогатија хуманитарниот пикник со своето присуство.
„Денес заокруживме значаен, 10-ти јубилеј на колективна солидарност на собирот кој прерасна во празник на хуманоста за сите алкалоидовци. Околу три илјади наши колеги и пријатели донираа средства преку Фондацијата ’Трајче Мукаетов’, кои ќе бидат наменети за СОС Детско село. Со оваа организација отпочнавме стратешка соработка во 2022 година со цел да ги олесниме тековните трошоци за децата под нивна закрила, едукативна поддршка, пристап до професионално советување и слично зашто секое дете заслужува посреќно и побезгрижно детство.“
Директорката за обезбедување фондови и комуникации на СОС Детско село, Силвија Брајовиќ, истакна :
„Со ’Алкалоид’ веќе три години нè поврзува едно прекрасно партнерство, кое не само што ја покажува нивната посветеност како компанија туку и искрената грижа за најранливите во нашата заедница – децата без родителска грижа. Донацијата претставува продолжување на трета година кумство и поддршка на едно згрижувачко семејство за тековни животни трошоци и развојни потреби на децата, кои добиваат не само материјална помош, туку и љубов, сигурност и припадност“
Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата „СОС Детско село“ отпочна во 2022 година кога една од куќите на локалитетот во населба Ченто беше именувана во „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, се издвојуваше одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани на оваа организација. „СОС Детско село“ во моментов се грижи за близу 500 деца и младинци во земјава кои се без родителска грижа или се во ризик да ги изгубат своите родители. Организацијата функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства. Секој може да донира, а донираните средства се користат исклучиво за потребите на згрижените деца.
(ПР текст)