Економија
За човечкиот капитал, продуктивноста и платите
За човечкиот капитал, продуктивноста и платите: Кој е патот до економски развој и подобар животен стандард?
Колумна на министерот за финансии, Фатмир Бесими
![]()
„Растот на продуктивноста на една нација е централниот фактор за зголемување на реалните плати и животниот стандард”, рекол Пол Самуелсон, таткото на модерната економија и добитник на Нобелова награда за економија. Друг економски нобеловец, Јозеф Штиглиц, пак, ја поставил теоријата на маргиналната продуктивност, која вели дека „сите кои учествуваат во процесот на креирање нова вредност, добиваат надоместок еднаков на нивната маргинална продуктивност, односно она што тие го внесуваат во процесот“. Или како би рекол нобеловецот Кругман „ Продуктивноста не е сè, но на долг рок, тоа е речиси сè.„
Продуктивноста, како фактор на растот, го има во сите економски модели на раст. Во егзогените модели на раст тоа е присутен во Коб-Далгасовиот модел преку коефиционетот на вкупнен фактор на продуктивноста, во Солоу моделот е изразен преку технолошкиот развој и други модели, каде што како резултат на продуктивноста економскиот раст се зголемува во рамки на исти единици на капитал и труд. Потоа, продуктивноста е во основата и на сите ендогени модели на раст, како што се моделите на нобелистите Ромер, Лукас и други, кои сметаат дека инвестиции во човечкиот капитал, иновации и знаење можат перманентно да генерираат економски раст, а притоа со соодветни економски политики можат да се поттикнат позитивните екстерналии во економијата.
Продуктивноста, во економијата, е мерка за крајниот производ, односно крајниот економски резултат, според единица вложен труд, капитал или други ресурси. Кога продуктивноста расте, потенцијалната добивка, односно платите, корпоративниот профит и животниот стандард – растат. Способноста на една земја да го подобри животниот стандард за своите граѓани, скоро целосно е условена од нејзиниот капацитет да го зголеми економскиот резултат по вработен. Продуктивноста е всушност изворот на економски раст и конкурентност.
Во економската наука има повеќе индикатори за мерење на продуктивноста. Еден од нив е продуктивноста на трудот (labor productivity), според кој бруто-домашниот производ се дели со работните часови на сите вработени. Петте земји со најголема продуктивност на труд во 2020 година, според податоците на ОЕЦД се Ирска со 119,4 долари продуциран БДП на работен час, Луксембург со 111 долари, Данска со 87,9 долари, Белгија 87 долари, Норвешка 85,7 долари и Швајцарија со 91,6 долари. Во првата десетка влегуваат и Франција со 79,8 долари, Австрија и САД со 79,6 долари и Шведска со 79,2 долари. Накусо, развиени и добростоечки економии.
Нашиот работник произведува два пати помалку од оној во ЕУ
Друг индикатор за мерење на продуктивноста на трудот е економскиот резултат по вработен во економијата. Според овој индикатор, пресметан од Светската банка, Република Северна Македонија во 2020 година продуцирала 43.883 долари по вработен.
Во споредба со регионот од Западен Балкан сме релативно блиску согласно овој индикатор. Имено, за истиот период, Црна Гора продуцирала 50.865 долари по вработен, Босна и Херцеговина 47.051 долари, Србија 43.874 долари, а Албанија 31.883 долари по вработен. Во споредба со другите земји во наша близина веќе се забележува поголема разлика, на пример Словенија истата година остварила 79.612 долари по вработен, додека Хрватска 67.138 долари. Во споредба со просекот на Европската унија (93.073 долари по вработен) заостануваме скоро двојно. Германија, како најголема економија во ЕУ, продуцирала 100.765 долари по вработен во 2020 година.
Има многу фактори кои влијаат на продуктивноста на една земја, вклучително инвестиции во опрема, иновативност, организација на синџирите на добавување, образованието, конкуренцијата итн. Вкупниот фактор на продуктивноста (Total Factor Productivity – TFP) e индикаторот кој го мери економскиот резултат според сите инпути коишто се користат за се продуцираат тие стоки и услуги, како труд, капитал, енергија и материјали. Согласно овој индикатор за време на пандемијата продуктивноста во Република Северна Македонија опаднала за -4,5 во однос на последните десет години пред кризата, што се должи на падот на продуктивноста на трудот (разбирливо со оглед на затворањата на цели економски гранки поради превентивните здравствени мерки). За споредба, кај другите земји од Југоисточна Европа, намалувањето во однос на преткризниот период е -2,6. Исто така, додека во регионот во постпандемискиот период овој индикатор станува позитивен (1.5), што покажува дека продуктивноста го достигнала и надминала предпандемиското ниво, кај нас е се уште негативен, пред се поради поспорото опоравување на квантитетот и квалитетот на продутивноста на трудот.
Кога ќе ја погледнеме големата економска слика што ни кажуваат овие податоци? – За да објаснам поедноставно, да ја гледаме целата економија како една работилница. Занаетчијата произведува производи, кои потоа ги продава. Има вештина и способност да изработи десет производи дневно. За исто време во друга работилница, друг занаетчија изработува дваесет производи дневно, бидејќи има подобри вештини, подобри алатки, користи иновативни начини за да работи побрзо. Тоа е соодносот на нашата економија во споредба со некоја развиена економија. Затоа, во развиените економии платите и животниот стандард пропорционално се и повисоки, наједноставено кажано. Кога на тоа ќе се додаде и квалитетот на изработката, иновативноста во технологии, организација и пласманот на производството, диспропорцијата станува уште поголема. Ова е економската логика за зголемувањето на платите и подобрувањето на животниот стандард – тој што ќе произведе и продаде најмногу производи ќе живее најдобро.
Човечки капитал: Од тука започнува продуктивноста и растот
Како до подобри плати и животен стандард? – Преку раст на продуктивноста. Преку носење на соодветни политики треба да се делува кон структурните фактори, кои пак ќе придонесат за зголемување на квалитетот и квантитетот на продуктивноста на трудот и подобро користење на капиталот и ресурсите. Тука е капиталот – вложувањето во
инфраструктурата, дигитализацијата на процесите, иновативноста, но пред се вложувањето во човечки капитал.
Во однос на вложувањето во трајните добра, во инфраструктурата и на тој начин преку една амбициозна агенда – Планот за забрзување на економскиот раст, доста сум пишувал. Сега би се посветил повеќе на човечкиот капитал, бидејќи оттука се започнува.
Зголемувањето на квалитетот на човечкиот капитал е од исклучително значење за поодржлив и поинклузивен економски раст и развој, раст на продуктивноста, вклученоста на пазарот на трудот и стареењето на населението. По дефиниција на човечки капитал се подразбира количината на образование, знаење, вештини и здравје во кои луѓето инвестираат и ги акумулираат во текот на животот, што им овозможува да го реализираат својот целосен потенцијал и да бидат продуктивни членови на општеството. Оттука, човечкиот капитал е најважниот ресурс за една земја, кој ги комбинира другите фактори на производство, односно физичкиот капитал. Инвестирањето во човечки капитал влијае на вкупните идни приходи. Истражувањата покажуваат дека една дополнителна година школување, ја зголемува заработувачката за 9% на годишно ниво.
Квалитетот на човечкиот капитал на Република Северна Македонија е подобрен од 0,54 на 0,56 помеѓу 2010 и 2020 година, согласно Индексот на човечки капитал на Светска банка. Сепак и ова ниво е доста ниско бидејќи означува дека дете родено во Северна Македонија денес, кога ќе порасне ќе искористи само 56% од својата потенцијална продуктивност. За споредба, дете родено во развиените економии ќе достигне 80% од својата продуктивност, додека во ЕУ просекот е 0,75, или 75% од потенцијалната продуктивност.
Градењето на човечкиот капитал, значи инвестирање и унапредување на образованието, здравството и социјалната заштита, како и општото економско и социјално окружување. Во оваа колумна ќе се фокусирам на образование во интерес на јавната дебата и економско-социјалниот дијалог кој се води овие денови меѓу Владата и синдикатите во образованието, каде директно е вклучен премиерот со неколку министри. Сите овие области се исклучително важни и комплексни, покрај образованието, без квалитетни здравствени услуги и социјална заштита не може да се очекува дека продуктивноста ќе го достигне оптималното ниво. Но, со оглад на оганичениот простор на оваа колумна, за тоа ќе пишувам во некоја друга прилика.
Образование: 11 години во клупа кај нас ∼ 7 години во развиени земји
Како што е случајот во повеќето земји, неповолните образовни состојби во голема мера се заслужни за оваа загуба на продуктивноста. Во системската анализа на земјава, Светска банка наведува дека недостатоците на човечкиот капитал во Република Северна Македонија започнуваат уште од предучилишното образование, па следи задолжителното образование, сè до транзицијата од училиште до вработување. Децата кај нас до својата 18 година се очекува да посетуваат 11 години од предучилишно, основно и средно образование. Меѓутоа, кога годините на школување ќе се прилагодат според квалитетот на
наученото, тоа е еквивалентно на само 7,3 години. Ова значи дека начите деца губат 3,7 години во училишните клупи, во однос на она што треба да го научат и го научиле. Дополнително, процентот на пристап на деца до образование кај нас, од предучилишно до високо образование, отстапува во однос на просекот во Европската унија.
Образовниот систем не секогаш успева да обезбеди квалитетно образование, што е на штета на креирањето на човечкиот капитал, а понатаму и на штета на продуктивноста и животниот стандард на една нација. Според тестирањето ПИСА 2018 (кое патем покажува подобри резултати во однос на 2015 година), перформансите на нашите ученици остануваат под просечниот резултат на земјите од ЕУ и земјите од регионот. Според истиот извештај, половина од 15-годишниците кај нас немаат основно познавање во трите домени наука, математика и читање.
Потребен е стратешки пристап за решавање на ова прашање, кое Владата го адресира преку Стратегијата за човечки капитал. Пред се, потребно е учениците да бидат во училиштата, каде што им е и местото. Понатаму, потребна е квалитетна настава, развој и подобри квалификации на наставниците, унапредување на системот за професионален развој на наставниот кадар на сите нивоа на образование, а секако и задоволување на професионалните и поединечните потреби на наставниците. Механизмите за обезбедување квалитет се од суштинско значење за да се обезбеди квалитетна настава и добро владеење на ниво на образовните институции и на ниво на систем. Ефективното обезбедување квалитет бара соодветно и редовно следење на резултатите на учениците и перформансите на образовните институции, но исто така и механизми за поддршка со кои ќе им се помогне да се справат со предизвиците со кои се соочуваат.
Плати, цени и инфлација: која закана ја крие инфлаторната спирала
Тука повторно се враќаме на релацијата човечки капитал – плати – продуктивност. Што всушност е и некој магичен круг кој секогаш се повторува. Мислам на еднонеделниот штрајк на дел од образовните работници, кои бараат линеарно зголемување на платите, како резултат на покачување на минималната плата на 18.000 денари.
Имено, јасно е дека како Влада се залагаме за зголемување на сите плати во земјава или поточно подобрување на животниот стандард како програмска определба. Што се огледа и по растот на просечната плата изминативе 5 години за околу 30% и покрај тоа што изминатите две години светската економија, вклучително и нашата, се соочува со една од најострите и најголемите економски кризи кои му се случиле на светот. Пред се, ако погледнеме само неколку години наназад, на ниво на цела економија минималната плата изнесуваше околу 9.000 денари, или околу 40% од просечната плата, што укажува на голем јаз помеѓу платите, со оглед дека вработените на минимална плата влегуваат со околу 15-20% во вкупниот број на вработени. Етапното покачување на минималната плата има многу економски, но и социјални причини, што резултираше евентуално со подобрување на животниот стандард на околу 150 илјади наши граѓани и нивните семејства.
Создадовме и реален систем за годишно усогласување на минималната плата со 50% од годишниот раст на просечната плата и 50% од растот на трошоците за живот. Исто така поставивме репер со кој висината на минималната плата нема да може биде пониска од 57% од просечната плата објавена според Државниот завод за статистика. Зборуваме за платите и во јавниот и во приватниот сектор. Нашата посветеност како влада е да има раст на платите и во приватниот и во јавниот сектор. Ако во приватниот сектор пазарот го утврдува нивото на плати, согласно понудата и побарувачката на трудот, како и неговата продуктивност, тоа треба да го следи и јавниот сектор кој од друга страна треба да биде ефикасен и да обезбеди квалитетни услуги за граѓаните и стопанството, која пак треба да биде конкурентна и постигне повисоко ниво на економски раст, а со тоа да се зголеми и доходот и да го подигне животниот стандард и влакитет на живот на гражаните. Со други зборови платите во јавниот сектор, треба да ја следат продуктивноста во приватниот сектор и да придонесат преку зголемување на нивиот квалитет. Инаку, во економската теорија секое зголемување на плати без притоа да нема зголемена продуктивност ќе предизвика инфлаторни притисоци, кое во услови на ифлација може да ја подгрева дополнително инфлацијата (според анализите во Министерство за финансии, во нашата економија коефицинетот на корелацијата на плати и инфлација изнесува измеѓу 0,37-0,44, т.е. зголемување на платите за 1% ќе генерира инфлација од околу 0,4%).
Сепак, треба да ги видиме и околностите и барањата на дел од јавните работници, меѓу нив и дел од образовниот кадар во градинките и училиштата. Треба да е јаасно дека зголемувањето на основните плати на наставниците за околу 90% и линеарно зголемување на платите за скоро 20% во градинките (што повлекува барања за покачување на платите во останатиот јавен сектор), во овие околности значи разгорување на инфлаторната спирала.
Ќе се обидам да објаснам како функционира инфлаторната спирала. Се соочуваме со глобален тренд на раст на цените. Покачувањето на цените е резултат на раст на увозните цени на енергенсите и храната на глобалните пазари. Понудата е помала, од повеќе причини меѓу кои и војната во Украина, и цените растат. Во вакви услови, кога во економијата ќе пуштите повеќе пари во оптек, како што е случајот преку висок раст на платите, несоодветен со растот на продуктивноста, ќе дојде до нов притисок од страна на побарувачката. Зголемувањето на побарувачката, поради поголемата колична на пари ќе ја подигне дополнително цената на производите. На пример, на аукција тројца се наддаваат за еден предмет, предметот ќе го добие оној што ќе плати највисока цена за него и на крај предметот чија почетна цена била 100 денари ќе заврши со цена знажително повисока од првичната и можеби економски оправданата. На крајот, остар раст на платите, без економска поткрепа, без соодветен раст на продуктивноста, ќе ги обезвредни сите плати. Во оваа насока ќе додадам дека за да се намалат инфлаторните очекувања, веќе и централните банки почнаа постепено, но веќе конкретно, да ги зголемуваат каматните стапки, односно да ги поскапуваат парите. Тоа може да биде дополнителен предизвик да се избегна стагфлација, односно стагнирање на економскиот раст додека цените продолжуваат да растат – стагфлација, што со економски речник, тоа е полошо од инфлација.
Никој не вели дека платите во образованието не треба да растат. Треба да растат и ќе растат. Изминатите години имаше веќе неколку покачувања и во образованието и во детската грижа. Како министер за финансии сум прв кој вели дека една од најважните инвестиции е инвестицијата во образование. И не само во образованието. Треба да растат и платите во здравството…и во културата…и во одбраната…и безбедноста… Но, треба да испорачаме економски резултат, да станеме свесни за глобалната ситуација и кон што ја туркаме економијата. Значи тука е примарно економијата да застане на здрави нозе.
Она што понатаму треба да не грижи и што не загрижува секако е човечкиот капитал, односно идните генерации – нашите деца. Тие и досега губеа по 3,7 години неоправдано во училишните клупи – да не дозволиме да губат дополнително од ова. Од нивната идна продуктивност ќе зависи иднината на нашата економија, па и пензиите. Градењето на солиден и здрав систем каде сите додаваме на вредност е единствениот систем кој може да ни донесе просперитет и подобар животен стандард. Сите да работиме за да направиме нешто подобро, а резултатите и наградите ќе дојдат неминовно ако сите подеднакво сериозно си ја сфатиме задачата.
Како што беше најавено од страна на Владата, после состанокот со синдикатите од образование, во наредните денови ќе следат решенија кои ќе бидат во интерес на изнаоѓање на одржливо решение за подобар стандард на наставниците, но во исто време тоа да се проследи со реформи што ќе значат поквалитетно образование, повеќе знаење за учениците и студентите, односно унапредување на човечкиот капитал, а со тоа зголемување на продуктивноста и одржлив економски раст што треба да не води и до повисок животен стандард на граѓаните.
Пост скриптум: Година на енергетска криза и инфлација
Се ова се случува во период на светска енергетска криза и инфлација со која сериозно сме погодени и ние како мала и отворена економија. Светската економија се уште не е целосно опоравена од ефектите од КОВИД-19, а на овие турбулентни времиња не енергетска криза дополнителен „бензин во оганот„ е војната во Украина што дополнително ја зголемува неизвесноста на светската економија, особено на Европскиот континент во кое сме дел и ние. Тоа создава несигурност и ги нарушува глобалните синџири на производство, како и снабдувањето со основни прехранбени производи и енергенси. Неизвесност, која генерира пораст на цените на светските берзи, создава неизвесност во финансиските пазари и ги зголемува каматните стапки, забавување (со ризик за стагнирање) на растот, зголемени фискални дефицити во буџетот и јавниот долг. Ова е време на големи неизвесности, всушност е е време и на нови геостратешки позиционирања на светско ниво, што за нас не е сеедно, ние сме дел од НАТО, настојуваме да бидеме дел од ЕУ и во оваа геостратешка арена јасно сме позиционирани на страната на демократските вредности на Евро-Атлантската алијанса и развиените демократии на Европа. Ако ја гледаме големата слика, работите стануваат појасни!
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Позначајни движења кај каматните стапки на банките и штедилниците
Годишен раст на просечната каматна стапка на вкупните депозити од 0,02 п.п., при што во јануари таа изнесува 2,20%, известува Народната банка.
Просечната каматна стапка на вкупните кредити бележи годишен пад од 0,48 п.п. и изнесува 4,73%.
Најновото соопштение за позначајните движења кај каматните стапки на банките и штедилниците е достапно на следната врска
Економија
Николоски: Растот на превезена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места
Вкупното количество на превезена стока во товарниот патен превоз во четвртиот кварат од 2025 година е за 66, 7 проценти зголемен во споредба со истиот период 2024 година, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, информира министерот за транспорт, Александар Николоски.
Според него, големиот раст на превезнена стока во товарниот сообраќај е силен поттик за економијата и нови работни места.
„Државната статистика забележува и зголемување на карго превозот преку авиосообраќајот и тоа за 23, 7 проценти во четвриот квартал од 2025 година во споредба со истиот период 2024 година. Единствено се забележува намалување на железничкиот превоз за 13,4 проценти и тоа се должи на започнатите инфраструктурни проекти на железничката мрежа долж Коридор 10“, вели Николоски.
Ток, исто така, наведе дека во истиот пресметковен период во патничкиот транспорт превезени се вкупно 925 илјади патници, додека во воздухопловниот превоз регистрирани се 889 153 патници што, како што вели, покажува засилен раст како резултат на политиките за финансиска подршка што ги спроведува Министерството за транспорт за воведување на нови авиолинии.
Најмногу од патниците во делот на авиосообраќајот се превезени преку редовни авиолинии, а раст се забележува и кај чартер летовите.
Единствено намалување во четвриот квартал од 2025 година има во железнички превоз на патници и тоа според статистиката превезени се 34 илјади патници.
Економија
Од 1 март 2026 година – побезбедни онлајн плаќања, известува Народната банка
Народната банка ја информира јавноста дека од 1 март 2026 година стапува во сила законската обврска за банките за вршење засилена автентикација на клиентите при извршувањето онлајн плаќања со платежни картички. Засилената автентикација има за цел да обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите кај банките преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при извршувањето на плаќањата без физичко присуство.
Имајќи предвид дека граѓаните и компаниите имаат сѐ поголема потреба за извршување секојдневни онлајн купопродажби, а со тоа и плаќања преку интернет, заради нивната брзина и практичност, се зголемува и потребата од повисоко ниво на безбедност. Дигиталните напади и обидите за злоупотреба на податоците од картичките стануваат сѐ почести, па затоа се воведува дополнителна проверка на идентитетот на лицето кое го врши плаќањето, велат од Народната банка.
Засилената автентикација му овозможува на клиентот на банката, при плаќање на интернет, покрај внесувањето на податоците од картичката, да даде дополнителна потврда за трансакцијата преку официјална апликација на банката, којашто се инсталира на мобилен телефон и му овозможува безбедно да ги следи своите сметки и да одобрува плаќања. Наместо досегашната потврда со СМС-код, клиентот ќе добие известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобри трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање на лице. Без оваа потврда, плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Таа се воведува постепено во земјава и веќе е во примена при извршувањето онлајн увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршувањето плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство. Со примената на засилената автентикација и при извршувањето на плаќањата преку интернет, од 1 март 2026 година, се заокружува процесот на усогласување со правилата и стандардите што се применуваат во Европската Унија за безбедно извршување онлајн плаќања.
Со оваа промена се зајакнува довербата во дигиталните плаќања и се унапредува заштитата на корисниците, се додава во соопштението на Народната банка.

