Македонија
СДСМ: Замрзнат имот како нов доказ за криминалот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски да си поднесе оставка

„Мицкоски со денови молчи откако неговиот шеф и ментор Никола Груевски се најде на црната листа на САД за сторените очигледни и судски потврдени криминали.
На црната листа е и компанијата на Груевски за која допрва треба да се истражува дали служела за незаконски активности.
Во меѓувреме, од страна на надлежните институции запленет е имот како нов доказ за криминалот на ВМРО-ДПМНЕ.
По сите овие признанија, по сите судски пресуди, како онаа од Титаник, по објавата на црната листа, по замрзнатиот имот во случајот Империја, Христијан Мицкоски треба да си поднесе оставка.
Христијан Мицкоски во времето на режимот кога се правеле криминални дејствија му бил десна рака и советник на Груевски.
Доколку Мицкоски знаел за сите криминални активности, злоупотреби на позициите, за нелегалните пари, зошто молчел, кого бранел?
Целата јавност ги слушна признанијата на поранешните функционери на ВМРО-ДПМНЕ како се правеле криминални дела.
Денес голем дел од некогашните соработници на Груевски се соработници на Мицкоски и дел од раководството и пратеничката група.
Во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена, тоа е партија раководена од Будимпешта, партија која не излегува од режимската матрица“.
Соопштение на СДСМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нема индиции на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово

Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент во Куманово, соопштија од Јавното обвинителсто.
„Во однос на настанот на настанот во Куманово, двајца јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Куманово излегоа на лице место и преземаат увидни дејствија. Се прибираат траги и материјални докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Во пукањето е повредено едно лице, а по напаѓачот се трага. Првичните индиции не упатуваат на политички мотиви зад оружениот инцидент, но сите околности се проверуваат“, се наведува во соопштението.
Во престрелката што се случи попладнево повреден е 43-годишник З. Ш. од Слупчане, Липково. Мажот бил застрелан од лица во движење кои пукале кон возилото кое го управувал.
Македонија
Владата го раскина договорот за концесија на каменоломот во Страчинци

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, информира дека Владата еднострано го раскина Договорот за концесија за експлоатација на варовник на локалитетот „Лавинчеви“, во атарот на село Страчинци, општина Гази Баба, склучен со „Мелкам Инжинеринг“ од Скопје.
Одлуката, според Меџити е донесена поради сериозни пропусти.
„Концесионерот не обезбедил минимална експлоатација од 20 отсто според договорот, односно 25.000 тони годишно, во 2022 година биле ископани само 277 тони, во 2023 година нема активност, а во 2024 година само 187 тони. Активностите биле често прекинувани и не се почитувани законските обврски, исто така концесионерот не платил концесиски надоместок за ископаните количества во последните три годиниќ“, изјави Меџити.
Меџити рече дека вонредниот инспекциски надзор на Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини потврди дека концесионерот не го исполнил договорот и имало долгогодишен прекин во активностите.
Со оваа одлука престанува да важи доделувањето на концесијата, а сите надлежни институции се известени за понатамошни мерки.
Македонија
Претреси во домови за стари лица во Скопје под сомненија за нехуман третман: две лица уапсени

По добиени сознанија за можен нехуман третман на стари лица – корисници на услуги за вон-семејна заштита, Основното јавно обвинителство Скопје во координација со Министерството за внатрешни работи, Единица за економски и компјутерски криминал, презема дејствија за расчистување на случајот, соопштија надлежните.
„Откако беа прибрани доволно информации кои ги потврдуваат основите на сомнение, вчера беа извршени претреси на четири локации поврзани со две приватни установи за социјална заштита на стари лица. Денеска се вршат претреси на уште две поврзани локации. До овој момент две лица се лишени од слобода.
На лице место, покрај претставниците од МВР и обвинителството, присуствуваат и инспектори од Министерството за социјална политика, демографија и млади, Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Државниот инспекторат за труд, како и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство. Во акцијата се вклучени и претставници од Центрите за јавно здравје, доктори од Итната медицинска помош и од Институтот за судска медицина и криминалистика.