Свет
(Oд минута во минута) Одбиен рускиот ултиматум, украинските сили продолжија да се борат
Од минута во минута ја следиме состојбата во Украина.
Клучни настани:
- Руското Министерство за одбрана тврди дека руските сили во Мариупол опколиле до 400 странски платеници кои се борат на украинската страна
- Зеленски: Судбината на Мариупол може да се реши или со борби или со дипломатија
- Русија се закани дека ќе ги елиминира украинските војници кои се уште се борат и даваат отпор во Мариупол
- Украинскиот пратеник од Одеса, Олексеј Гончаренко за Би-Би-Си изјави дека украинските војници во Мариупол нема да и’ се предадат на Русија
- Украина и Русија денеска не успеаја да се договорат за коридори за евакуација
- Јуриј Бова, градоначалник на Тростианец изјави дека властите пронашле остатоци од хемиско оружје во селото Билка, окупирано од Русија
- Руската војска соборила украински воен транспортен авион кој носел воена опрема од западните земји
- Руското Министерство за одбрана постави ултиматум до украинските сили кои се’ уште се борат во опколениот град Мариупол да го положат оружјето
Најновите вести:
20:50 Медведев: Европа ја чекаат празни полици, бран криминал, хиперинфлација и банкрот
Дмитриј Медведев, поранешен руски премиер и потпретседател на Советот за безбедност на Русија, вели дека „европскиот финансиски систем не е стабилен“ и дека „Европејците ја губат довербата“.
Како што јави руската агенција, ТАСС, Медведев ги коментирал недамнешните изјави на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која рече дека банкротот на Русија е „прашање на време“.
19:20 Зеленски до Макрон: Дојди во Украина и самиот увери се дали е ова геноцид
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека го поканил Емануел Макрон да дојде во Украина и лично да се увери дека руските сили вршат геноцид, термин што неговиот француски колега досега одбиваше да го користи.
19:10 Украина: Ситуацијата во Мариупол може да биде „црвена линија“ за преговорите со Русија
Страшната ситуација во Мариупол може да биде „црвена линија“ и да застане на патот на мировните преговори, изјави украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба.
Говорејќи за CBS News, Кулеба рече дека во скоро време немало директна дипломатска комуникација меѓу Русија и Украина на ниво на министри за надворешни работи, додавајќи дека очекува „ескалација на тешките борби во источна Украина“ во наредните недели.
18:15 Руската армија: Влегуваме во челичарницата во Мариупол каде се Азов и маринците
Руската агенција РИА пишува дека украинските војници во Мариупол одбиле да го положат оружјето.
„Ситуацијата на фронтот е тензична, но ние постојано напредуваме. Веќе влегуваме во челичарницата Азовстал. Втората челичарница Илич е практично наша. Примирје нема да има. Ја игнорираа нашата иницијатива, добивме одговор“, рече командантот на проруската сепаратистичка единица.
Се верува дека последните бранители на опколениот и разурнат Мариупол, Азовскиот полк и украинските маринци се во огромната фабрика за челик Азовстал.
18:00 Естонија им забрани на руските бродови пристап до пристаништата
Естонија денеска им забрани на бродовите што пловат под руско знаме да влезат на нејзините пристаништа на Балтичкото Море.
Одлуката е донесена во согласност со петтиот пакет санкции на ЕУ против Москва, поради инвазијата врз Украина.
17:05 Зеленски: Украина нема намера да го предаде Донбас, ќе се бориме
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина се бори во регионот на Донбас и дека нема намера да се предаде.
Во интервјуто емитувано од Си-Ен-Ен, Зеленски ја отфрли идејата да и’ се дозволи на Москва да го преземе Донбас и дел од источна Украина за да го запре конфликтот.
„Украина и нејзиниот народ се јасни. Ние немаме право на туѓи територии, но нема да се откажеме од нашите“, рече Зеленски.
16:00 Украина: Убивме 20.300 руски војници, соборивме 165 авиони, потонавме 8 бродови
Украина објави дека од почетокот на инвазијата биле убиени 20.300 руски војници, а 2.002 руски оклопни возила биле уништени. Уништени се 146 руски хеликоптери и 773 тенкови, тврди Украина.
Минатиот месец Русија тврдеше дека 1.351 руски војник загинале во Украина, додека НАТО на 24 март процени дека биле убиени до 15.000 руски војници.
Тие исто така велат дека уништиле 165 руски авиони, 148 дронови, 8 бродови и 66 противвоздушни системи.
Information on Russian invasion
Losses of the Russian armed forces in Ukraine, April 17 pic.twitter.com/fJsr11Dj2T
— MFA of Ukraine ?? (@MFA_Ukraine) April 17, 2022
15:16 Папата ја критикуваше Русија на Велигден: Украина е вовлечена во сурова и бесмислена војна
Папата Франциско во велигденското обраќање ги повика лидерите да го слушнат плачот на народот за мир во Украина и отворено ја критикуваше Русија дека ја вовлекува земјата во „суров и бесмислен“ конфликт.
Во пораката „Urbi et orbi“ – до градот (Рим) и светот – упатена до толпата од 50.000 луѓе на плоштадот Свети Петар по долгата утринска миса, 85-годишниот Папа посвети најголем дел од своето време на Украина, споредувајќи го шокот од војната во Европа со шокот на апостолите кога, според Евангелието, го виделе воскреснатиот Исус.
14:40 Русија загрижена поради активноста на силите на НАТО на Арктикот
Русија вели дека е загрижена за зголемената активност на силите на НАТО на Арктикот и во нив гледа ризици од „ненамерни инциденти“ кои би можеле да се случат во регионот, изјави рускиот амбасадор Николај Корчунов, пренесува Тасс.
„Неодамнешниот пораст на активностите на НАТО на Арктикот е причина за загриженост. Неодамна на северот на Норвешка се одржа уште една голема воена вежба на Алијансата. Според нас, тоа не придонесува за безбедноста на регионот“, рече Корчунов.
13:38 Русија: Ќе ги елиминираме војниците кои даваат отпор во Мариупол доколку не се предадат
Руското Министерството за одбрана се закани дека ќе ги елиминира украинските војници кои се’ уште се борат и даваат отпор на опколениот Мариупол и потврди дека Украина го игнорирала ултиматумот со кој се бара нивно предавање.
Во соопштението се наведува дека украинските војници опкружени со џиновската фабрика за челик во градот биле повикани „доброволно да го положат оружјето и да се предадат за да ги спасат своите животи“.
„Сепак, националистичкиот режим во Киев ги забрани преговорите за предавање“, соопшти Министерството.
13:30 Украински пратеник: Разговарав со војниците од Мариупол, ќе се борат до крај
Украинскиот пратеник од Одеса, Олексеј Гончаренко за Би-Би-Си изјави дека украинските војници во Мариупол нема да и’ се предадат на Русија.
„Разговарав со нив вчера и знам дека ќе се борат до крај“, рече тој.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека ќе ги прекине преговорите за запирање на инвазијата во случај Русија да ги „елиминира“ украинските борци во Мариупол.
13:00 Зеленски: Ситуацијата во Мариупол е нехумана
Украинскиот претседател изјави дека ситуацијата во Мариупол е нехумана и ги повика сојузниците да испратат оружје за да го спасат градот од руските сили.
Тој инсистираше на тоа дека лидерите на другите земји мора веднаш да испратат оружје или да интервенираат за да ја принудат Русија на понатамошни преговори.
12:30 И Бугарија им забрани на руските бродови пристап до нејзините пристаништа
Бугарија им забрани на бродовите под руско знаме да влезат во нејзините пристаништа на Црното Море како дел од проширените санкции на ЕУ, објави Поморската управа на земјата на својата веб-страница.
11:35 Руските банки и енергетскиот сектор на удар од нови санкции
Како дел од шестиот пакет санкции против Русија, Европската унија разгледува мерки кои се однесуваат на банкарскиот сектор, поточно на Сбербанк. Се разгледуваат и ограничувања во областа на енергетиката, изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
11:23 Русија: Во Мариупол опколивме 400 платеници, повеќето од Европа и Канада
Руското Министерство за одбрана тврди дека руските сили во Мариупол опколиле до 400 странски платеници кои се борат на украинската страна, пренесува руската агенција РИА Новости.
„Севкупно, според информациите што ги добивме од украинските војници кои се предале, до 400 странски платеници сега се опколени на територијата на фабриката Азовстал“, изјави на брифингот генерал-мајор Игор Конашенков, портпарол на Министерството за одбрана.
10:50 Денеска нема да има евакуација, Украина и Русија не успеаја да се договорат за коридорорите
Украина и Русија денеска не успеаја да се договорат за коридори за евакуација за да им помогнат на цивилите кои бегаат од областите погодени од војна, изјави украинската вицепремиерка Ирина Верешчук.
„Не успеавме да се договориме за прекин на огнот на патиштата за евакуација. Затоа, за жал, денеска не отвораме хуманитарни коридори“, изјави вицепремиерката.
9:39 Русите велат: „Нема повеќе украински сили во Мариупол, оние кои се во фабриката да се предадат“
Руското Министерство за одбрана соопшти дека повеќе нема украински сили во целото урбано подрачје на Мариупол.
Како што се наведува, само неколку борци останале во фабриката за челик Азовстал – каде што се воделе борбите.
09:15 Во напад во Харков загинаа три лица, а 34 се повредени
Во експлозија во Харков загинаа три лица, а 34 се повредени, изјави градоначалникот Ихор Терехов.
Градот беше погоден од ракетен напад во саботата, а кујната поставена од Светската централна кујна беше уништена.
Светската централна кујна ја води познатиот готвач Хозе Андреас за да обезбеди храна во воената зона за оние на кои им е потребна. Андреас на Твитер напиша дека членовите на персоналот на невладината организација се потресени, но безбедни.
Food heroes them all! Relief that so far that just were 4 wounded…..praying for them! @WCKitchen #ChefsForUkraine we are #FoodFighters but the Russian attacks must stop against civilian buildings and markets and churches and schools etc …… https://t.co/jGO0gLSZvP
— José Andrés (@chefjoseandres) April 16, 2022
09:00 Во Украина почна да пристигнува американската воена помош
Некои пратки со американската воена помош почнаа да пристигнуваат во Украина, изјави претставник на Белата куќа, цитиран од Си-Ен-Ен.
Претходно оваа недела, претседателот Џо Бајден одобри дополнителни 800 милиони долари воена помош за Украина.
08:50 Украина: Пронајдовме остатоци од хемиско оружје
Јуриј Бова, градоначалник на Тростианец во регионот Суми, за украинското радио изјави дека властите пронашле остатоци од хемиско оружје во селото Билка, окупирано од Русија.
Тој рече дека пронашле докази за сарин и други отровни материи, додека британскиот Гардијан пишува дека не може да ги потврди тврдењата на Бове.

Во главниот град Киев се слушнале експлозии, јавува Ројтерс.
Вчера едно лице загина, а неколку беа повредени во воздушни напади врз градот.
Судбината на Мариупол може да се реши или со борби или со дипломатија, рече тој.
08:00 Русија: Соборивме украински авион кој носел оружје од западните земји
Портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков, соопшти дека руската војска соборила украински воен транспортен авион кој носел воена опрема од западните земји.

Во соопштението се наведува дека „украински воен транспортен авион е соборен во воздух“ во регионот на Одеса.
07:00 Руски ултиматум до бранителите на Мариупол: Положете го оружјето и ќе останете живи
Руското Министерство за одбрана постави ултиматум до украинските сили кои се’ уште се борат во опколениот град Мариупол да го положат оружјето, објави руската новинска агенција Тас.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Објавени пораки меѓу поранешниот норвешки премиер и Епстин, започната е истрага
Поранешниот норвешки премиер Торбјорн Јагланд е под полициска истрага поради сомнение за сериозна корупција поврзана со неговите врски со покојниот сексуален престапник Џефри Епстин, соопшти вчера норвешката полиција. Истрагата е покрената откако беа објавени нови документи што откриваат комуникации меѓу Јагланд и Епстин, пренесува ДВ.
Пал Лоесет, раководител на норвешката единица за економски криминал Оекокрим, рече дека постојат легитимни основи за истрага. „Веруваме дека постојат разумни основи за истрага, со оглед на тоа што во периодот опфатен со објавените документи тој ги извршувал функциите претседател на Нобеловиот комитет и генерален секретар на Советот на Европа“, рече Лоесет.
Во соопштението се додава дека Оекокрим, меѓу другото, ќе истражи „дали подароците, патувањата и кредитите што ги примил се поврзани со неговата позиција“.
Норвешката полиција, исто така, побарала укинување на имунитетот на Јагланд за да се олесни истрагата. Министерот за надворешни работи Еспен Барт Ајде потврди вчера дека Норвешка ќе поднесе предлог до Советот на Европа за одземање на имунитетот на поранешниот генерален секретар на таа организација.
„Важно е фактите од овој случај да излезат на виделина“, рече Ајде. Советот на Европа е меѓународна организација за човекови права и не е дел од Европската Унија.
Андерс Бросвет, адвокатот на Торбјорн Јагланд, рече дека неговиот клиент го поздравува отворањето на полициската истрага и дека целосно ќе соработува.
„Добро е Јагланд да добие авторитативно разјаснување од Ококрим, наместо целиот прес-корпус да спроведува свои мали приватни истраги“, изјави Бросвет за новинската агенција АФП.
Јагланд (75) беше норвешки премиер од 1996 до 1997 година, а подоцна генерален секретар на Советот на Европа од 2009 до 2019 година. Во периодот од јануари 2009 до март 2015 година, тој исто така претседаваше со комитетот што ја доделува Нобеловата награда за мир.
Нови документи откриваат контроверзни комуникации
Истрагата следи по објавувањето минатата недела на нова серија од речиси три милиони документи поврзани со Епстин од страна на Министерството за правда на САД. Размената на пораки меѓу Јагланд и Епстин предизвика возбуда во Норвешка.

„Бев во Тирана, извонредни девојки“, напиша Јагланд во порака до Епстин во мај 2012 година. Во друга порака од јануари 2013 година, тој рече: „Не можам само да продолжам со млади жени, како што знаете“.
Јагланд призна за весникот „Афтенпостен“ во неделата дека покажал „лоша проценка“ одржувајќи врски со Епстин.
Директорот на норвешкиот Нобелов институт, Кристијан Берг Харпвикен, изјави во среда дека се чека изјавата на Јагланд за врските со Епстин.
„Доколку се покаже дека Торбјорн Јагланд добил значителни финансиски придобивки од Џефри Епстин додека бил член на Нобеловиот комитет, тоа би било спротивно на нашиот етички кодекс“, рече Харпвикен.
Што пишува во пораките?
Пребарувањето на името „Јагланд“ во архивите на Епстин дава 2.250 резултати, кои датираат од 2011 до 2018 година. Многу од пораките се за практични договори и се напишани од секретарката на Епстин. Постојат бројни е-пораки за состаноци и договори, особено во текот на 2013 и 2014 година.
Епстин беше осуден за сексуална злоупотреба на деца во 2008 година.

Јагланд често ги потпишува своите пораки со „Т“ или „ТЈ“, што сугерира дека неговиот однос со Епстин станал доста личен во овој период.
Во март 2014 година, многу од е-пораките се занимаваат со практичните детали за целото семејство Јагланд и децата што одат на островот на Епстин.
„Ако сте ги провериле полетувањата на летовите и сте пронашле нешто што ви одговара, само известете нè“, напишал асистентот на Епстин во една порака.
„Вашиот пријател“
Во е-пошта од 8 септември 2013 година, Јагланд пишува: „Дали е можно да се посети вашиот остров за Божиќ или Велигден? Што ви одговара повеќе?“ Тој ја потпишува пораката со „вашиот пријател“.

Во порака испратена на 28 септември 2014 година, Јагланд споменува можен стан во Осло и наведува дека може да добие заем до 7,5 милиони круни (околу 650.000 евра).
Потоа тој бара од Епстин помош со преостанатиот износ. Јагланд верува дека му требаат 10 милиони круни за добар стан, но бара да позајми 2,5 милиони круни (околу 215.000 евра).
„Не сакам да бидам премногу задолжен кога ќе се пензионирам“, напиша поранешниот норвешки премиер.
Јагланд е еден од неколкуте истакнати Норвежани кои се најдоа под јавен надзор откако беа објавени документите. Принцезата Мете-Марит, исто така, призна дека имала лоша проценка во одржувањето контакт со Епстин откако тој беше осуден.
Свет
Трамп ја претстави TrumpRx: Нова платформа за поевтина набавка на лекови во САД
Американскиот претседател Доналд Трамп во четврток ја претстави TrumpRx.gov, нова онлајн платформа што ќе им овозможи на американските потрошувачи да купуваат лекови на рецепт по намалени цени, како дел од напорите на неговата администрација да ги ограничи растечките трошоци за лекови во Соединетите Американски Држави.
Трамп ја најави новата веб-страница во Белата куќа заедно со д-р Мехмет Оз, раководител на Центрите за Медикер и Медикејд, и Џо Геби, директор на Националното дизајнерско студио и коосновач на Airbnb. „Луѓето ќе заштедат многу пари и ќе бидат здрави“, рече американскиот претседател.
Американските пациенти моментално плаќаат многу повеќе за лекови на рецепт, честопати речиси три пати повеќе отколку во другите развиени земји, а Трамп врши притисок врз производителите на лекови да ги намалат цените во Соединетите Држави на нивоата што се плаќаат во странство.
Шеснаесет од најголемите светски производители на лекови склучија договори со администрацијата на Трамп за намалување на цените на лековите за Американците во замена за ослободување од американските царини. Според договорите, фармацевтските компании ќе ги намалат цените на лековите за владината програма Медикејд или за потрошувачите кои плаќаат во готово преку TrumpRx.
Регион
Турција ќе приватизира два клучни моста во Истанбул
Турција ја ангажираше консултантската фирма Ernst & Young LLP да ја води приватизацијата на два клучни моста во Истанбул и серија автопати, според извори запознаени со планот.
Фирмата со седиште во Лондон ќе ја советува турската влада за продажбата на Мостот на мачениците 15 јули и Мостот „Фатих Султан Мехмед“, кои ги поврзуваат европската и азиската страна на Истанбул, како и најмалку девет автопати со наплата на патарина.
Изворите зборуваа под услов на анонимност бидејќи деталите од договорот не се јавни, објави Блумберг. Турција, исто така, ја назначи канадската фирма BTY Group за технички советник и планира да објави формален тендер подоцна оваа година, велат изворите.
Обидот за приватизација од 2012 година, кој вклучуваше и мостови и околу 2.000 километри автопат, привлече добитна понуда од 5,7 милијарди долари. Процесот пропадна откако Реџеп Таип Ердоган, тогашниот премиер, рече дека продажбата за помалку од 7 милијарди долари би била „предавство“. Владата сега очекува понуди што го надминуваат тој износ.
Според турскиот министер за транспорт, околу 430.000 возила секојдневно ги преминуваат двата моста, а стандардната патарина за патничко возило е 59 лири по правец, или околу 1,36 долари по тековни цени.
Ernst & Young претходно работеше како советник за проекти поврзани со мостови, автопати и болници во Турција.

