Македонија
Максим Димитриевски: Ковачевски да ја преиспита работата на Османи и да го разреши
Поголема провокација и навреда од отворањето на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Македонија немало, молкот е повеќе од срам! Премиерот Ковачевски да ја преиспита работата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи и да преземе чекори за негово разрешување, порача кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.
Градоначалникот објави дека неодамна на работната средба на градоначалници од Македонија и Бугарија во Сандански имал можност да му се обрати на премиерот Петков во врска со нашиот пат кон ЕУ и упатил јасна порака: „Братските народи (како што многумина претставници од бугарската политичка елита милува да ги нарекува Македонскиот и Бугарскиот народ) не се блокираат туку се подржуваат и поткрепуваат“.
Според зборовите на Димитриевски, Петков се согласил со неговиот став и му рекол дека активно со Ковачевски работат на изнаоѓање на решение и дека европската иднина на регионот е приоритет за сите.
Сепак, градоначалникот коментира дека вчерашното присуство во Битола на Бугарскиот владин врв на отварањето на клубот на Бугарите во Македонија „Ванчо Михајлов“ е само уште една од низата провокации кон македонскиот народ и Македонија.
Димитриевски му предлага на Петков, Ванчо Михајлов да го слави во Бугарија, со што ќе потврди дека добар дел од бугарската политичка елита никогаш се нема откажано од фашистичката идеологија.
„Г-дин Петков при нашата куса средба во Сандански во Вас видов млад и образован човек кој на регионот му мисли и посакува добро, но оставете ја декларативноста, тргнете суштински чекор по чекор по примерот на големиот Вили Брант, извинете се во името на нацијата, осудете го фашизмот и дури тогаш можеме вистински, а и братски да продолжиме заедно сите од регионот на патот кон ЕУ. Дотогаш ние како “добар сосед” во Македонија оваа наша, овде ќе си го славиме Гоце Делчев и Јане и Даме и Карпош и многу други како столбови и творци на нашата Македонска држава и ќе си ги чествуваме и празнуваме хероите од антифашистичката борба и коалиција како пример за непокор на Македонскиот народ и како доказ дека во историјата сме биле секогаш на вистинската страна, страната на поробените и онеправдените“, наведе Димитриевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Со милошевичко – орбанистички пристап, власта го загрози проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“
Од ВМРО-ДПМНЕ да не се прават на Тошо. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос. Муцунски, Орце Ѓорѓиевски и Љутков се на власт. Тие го заглавија проектот, го водеа спротивно на закони, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор. Денес сами признаваат дека бил блокиран, а од кого, од нив, велат од СДСМ.
Од партијата велат дека со нивниот милошевичко – орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрозила кредибилитетот на проектот, туку ги срушила и неговите темели:- плурализам, уметничка слобода и европски стандарди.
„Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот. Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од Скопје 2014. Културната престолнина не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независна сцена, академска заедница. Затоа, должни се пред македонската јавност да одговорат: Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образлагале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат?“, велат од СДСМ.
Од опозицијата наведуваат дека досега се виделе само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби.
„Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности: отвореност, транспарентност, професионализам и вистинска поддршка на уметниците. А тоа е невозможно со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност“, сметаат од СДСМ.
Македонија
Мицкоски на Самитот на лидери во Тирана
Премиерот, Христијан Мицкоски, утре, петок, ќе присуствува на Самитот на лидери „Нашиот план до ЕУ“ кој ќе се одржи во Тирана, Република Албанија.
Предвидено е на панел дискусијата насловена „Исполнување на заеднички обврски, резултати и забрзување“ да се обрати премиерот Мицкоски.
Македонија
Мицкоски во Тирана на отворање на новите канцеларии на Македонското здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“
Денеска во Тирана во присуство на голем број Македонци од Албанија претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и претседател на Владата Христијан Мицкоски, генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓоргија Сајкоски и претседателката на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ Жаклина Пешевска, на покана на Македонско здружение „ВМРО-ДПМНЕ Албанија“ присуствуваа на отворање на новата канцеларија на ова здружение.
Мицкоски во обраќањето пред присутните ја нагласи и можноста на Македонците во Албанија да имаат свој клуб, можност за здружување, можност слободно да работат на зачувување на својата култура, идентитет, јазик и традиција, можност што ја немаат Македонците во Пиринскиот дел на Бугарија.
„Македонците во Пиринскиот дел ја немаат оваа можност да се организираат, во 21 век се спречени да регистрираат невладино здружение, не можат да зборуваат слободно за својот македонски идентитет. Ние сме вредни, трпеливи и умни и ве уверувам дали сега или во периодот којшто следи, ќе дојдеме до таа цел“, посочи Мицкоски.
„Мене ми е драго што на сите овдека ни е јасен тој наш вековен автентичен македонски корен и наш вековен македонски идентитет. Како што можам да забележам македонскиот јазик се негува и се чува и тоа особено ме импресионира вечерва“, додаде тој.

