Свет
Русија загрижена поради активноста на силите на НАТО на Арктикот

Русија вели дека е загрижена за зголемената активност на силите на НАТО на Арктикот и во нив гледа ризици од „ненамерни инциденти“ кои би можеле да се случат во регионот, изјави рускиот амбасадор Николај Корчунов, пренесува Тасс.
„Неодамнешниот пораст на активностите на НАТО на Арктикот е причина за загриженост. Неодамна на северот на Норвешка се одржа уште една голема воена вежба на Алијансата. Според нас, тоа не придонесува за безбедноста на регионот“, рече Корчунов.
Според Корчун, ваквата активност го зголемува ризикот од „ненамерни инциденти“ кои, покрај безбедносните ризици, можат да предизвикаат сериозна штета на арктичкиот екосистем.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Зеленски денес ќе се сретне со Стармер

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес ќе се сретне со британскиот премиер Кир Стармер во Даунинг стрит, соопшти канцеларијата на британскиот премиер, објави „Скај њуз“.
Даунинг стрит не откри многу детали за темите на нивните разговори, но средбата се одржува само еден ден пред американскиот претседател Доналд Трамп да се сретне лице в лице со рускиот претседател Владимир Путин на Алјаска за да разговара за прекин на огнот во Украина.
Зеленски, Стармер и европските лидери вчера имаа заеднички телефонски разговор со американскиот претседател, за време на кој се согласија дека одлуките за Украина не треба да се донесуваат без учество на Украина и дека првиот чекор треба да биде притисок за прекин на огнот.
„Ен-би-си Њуз“ синоќа објави дека Трамп рекол дека нема да разговара за поделба на територијата со Путин. Тој исто така рече дека се надева оти ќе одржи самит меѓу Зеленски и Путин.
фото: принтскрин
Свет
Хантер Бајден: Епстин ја запозна Меланија со Трамп; првата дама се закани со тужба

Првата дама на САД, Меланија Трамп се закани дека ќе го тужи Хантер Бајден за повеќе од 1 милијарда долари откако тој тврдеше дека осудениот сексуален престапник Џефри Епстин ја запознал со нејзиниот сопруг, американскиот претседател Доналд Трамп, објави Би-би-си.
Адвокатите на првата дама, која се омажи за Трамп во 2005 година, го опишаа тврдењето на Бајден како „лажно, омаловажувачко, клеветничко и провокативно“.
Во писмото, испратено до адвокатот на Хантер Бајден, се бара повлекување и извинување, со закана за тужба за „штета поголема од 1 милијарда долари“. Се тврди дека првата дама претрпела „огромна финансиска и репутациска штета“ од тврдењето, кое Бајден го повтори.
Бајден, син на поранешниот американски претседател Џо Бајден, го изнесе ова тврдење претходно овој месец во интервју во кое остро ги критикуваше минатите врски на Трамп со Епстин. Трамп во минатото призна дека го познавал Епстин, но тврди дека тие се разделиле на почетокот на 2000-тите затоа што Епштајн ги презел вработените од спа-центарот на Трамп во Флорида.
Бајден му рекол на режисерот Ендру Калаган: „Епстин ја запознал Меланија со Трамп – тие врски се многу широки и длабоки“.
Адвокатите на првата дама велат дека Бајден се потпирал на статија во „Ју-ес Дејли Бист“ која подоцна била отстранета откако правниот тим на Меланија ја оспорил нејзината содржина и наслов.
Отстранетата статија, во која делумно се цитира новинарот Мајкл Волф, алудирала на тоа дека Меланија била во врска со познаник на Епстин и Трамп кога го запознала својот сегашен сопруг.
фото: принтскрин
Регион
Вучиќ: Тешка вечер за граѓаните на Србија, со некое чудо успеавме да го зачуваме мирот

Српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини демонстрантите за насилство синоќа, во услови на бран нови антивладини протести, и рече дека државата нема намера да распореди војска и дека нема да има граѓанска војна.
Вучиќ го одржа вонредното обраќање кратко пред полноќ откако беа организирани протести во неколку градови низ Србија – особено во Нови Сад, Белград и Ниш – поради насилството на поддржувачите на владејачката Српска напредна партија (СНС) врз граѓаните на претходните демонстрации во вторник вечерта во Врбас и Бачка Паланка.
Според Вучиќ, повеќе од 60 граѓани биле повредени во инцидентите во Нови Сад во среда вечерта. Тој додаде дека 16 полицајци биле повредени, меѓу кои двајца со сериозни повреди на вилицата и градниот кош.
Српскиот претседател изјави дека „се воспоставува контрола“ и дека повеќе полицајци ќе излезат на улиците.
„Вечерва е тешка вечер за граѓаните на Србија. Важно е што, благодарение на мудроста и трпението на огромен број граѓани, засега чудесно успеавме да го зачуваме мирот“, рече Вучиќ.
Тој со драматичен тон изјави дека во Нови Сад „до пред неколку минути беше прашање дали околу 300 граѓани кои ја чуваа својата куќа ќе преживеат“, алудирајќи на поддржувачите на СНС собрани пред седиштето на партијата во Нови Сад кои, како што рече, „се спротивставија на тепачите и блокадерите“.
Спротивно на изјавите на шефот на државата и полицијата, демонстрантите го тврдат спротивното – дека се обвинети за насилство, но дека всушност се синхронизирано нападнати од поддржувачи на СНС, меѓу кои, како што тврдат, има луѓе со „сомнително минато“, ангажирани да предизвикуваат инциденти и да провоцираат полициска интервенција.
Демонстрантите тврдат дека на улиците ги извела политиката на владејачката партија и српскиот претседател Вучиќ, кои упорно одбиваат да воспостават владеење на правото, да ги регулираат институциите, да спроведат истрага и да ги изведат пред лицето на правдата сите одговорни за уривањето на настрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година, кога загинаа 16 претежно млади луѓе.
Трагедијата во Нови Сад во ноември минатата година беше проследена со бран протести во кои се појави студентско движење, кое бараше уредно општество со владеење на правото и сузбивање на корупцијата, како и функционирање на институции ослободени од политички притисок и влијание.
Последното во низата барања е распишување предвремени избори, што владата досега упорно одбиваше да го стори.
фото: принтскрин