Свет
Маринец од опколената фабрика: Мариупол набргу би можел да падне

Украински маринец од опколената фабрика за челик „Азовстал“ во кратко интервју за „Скај њуз“ изјави дека руските сили што ја опколиле челичарницата биле 10 пати помногубројни од бранителите.
Мајорот Сергеј Волина, кој ја презеде улогата на портпарол на неговата единица, рече дека условите во фабриката за челик се ужасни, но инсистира на тоа дека моралот и понатаму е висок.
„Моралот на борците што го бранат Мариупол е сè уште висок. Се бориме. Јасно е дека имаме многу мртви и ранети“, рече Волина.
„На повеќе од 500 борци им е потребна медицинска помош, што е невозможно да стигне овде. Тоа е подземно засолниште. Но, ние сè уште функционираме и продолжуваме да ги штитиме луѓето“, рече маринецот.
Русија со денови тврди дека е на прагот да ја преземе целосната контрола над Мариупол, но маринците и Азовскиот полк сѐ уште не го дозволуваат тоа, пишува „Скај њуз“. Сите преостанати бранители на Мариупол се во фабриката за челик „Азовстал“.
„Што се однесува до руското тврдење дека набргу ќе го преземе Мариупол, да, тоа е можно. Тоа е многу реално“, рече тој.
„Бројот на војниците на нивна страна е 10 пати поголем од нашата. Имаат и многу повеќе опрема, тенкови, артилерија, авијација“, изјави маринецот.
Запрашан за цивилите што се кријат од руските напади во фабриката за челик „Азовстал“, маринецот рече: „Многу цивили се кријат во нашето засолниште. Меѓу нив има жени со деца и бебиња и им треба помош“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Калас: Крајот на човечкото страдање во Газа е наш апсолутен приоритет

Крајот на човечкото страдање во Газа е наш апсолутен приоритет, овој циклус на смрт мора да се запре, изјави денес високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
На состанокот меѓу ЕУ и Советот за соработка на земјите од Персискиот Залив, што се одржа во Кувајт, Калас рече дека мора да се искористи политичкиот моментум од Њујорк, објави Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
„Ги поддржуваме тековните напори за постигнување прекин на огнот, ослободување на заложниците и воспоставување политичка рамка за мир. Европската Унија е подготвена да придонесе за овој план со сите расположливи средства“, рече Калас.
Според неа, ЕУ е најголемиот хуманитарен донатор во Газа, основа нова Група на донатори за Палестина и останува најголем финансиски поддржувач на Палестинската самоуправа со 1,6 милијарди евра наменети за периодот 2025-2027 година.
ЕУ се обидува да добие улога во преодната влада на американскиот претседател Доналд Трамп за Појасот Газа, изјави Калас пред новинарите на маргините на состанокот. „Да, сметаме дека Европа има важна улога и дека и ние треба да бидеме вклучени во тоа“, рече таа, одговарајќи на прашањето дали ЕУ сака да учествува во Комитетот за мир на Трамп.
„Европската унија е еден од главните донатори на помош за Палестинците и има врски и со Палестинската самоуправа и со Израел, истакна Калас. „Мислам дека Европа не треба да биде само давател на средства, туку и активен учесник“, рече таа.
Калас нагласи дека ЕУ работи на мировен план и соработува со арапските партнери. „Тие разбираат дека е во интерес на сите да бидеме присутни, па се надеваме дека и Израелците ќе се согласат со тоа“, додаде таа.
Фото: принтскрин
Свет
Путин разговараше со Нетанјаху за ситуацијата на Блискиот Исток

Рускиот претседател Владимир Путин денес разговараше со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и конфликтот во Појасот Газа.
„Владимир Путин имаше телефонски разговор со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху“, објави веб-страницата на Кремљ.
Путин и Нетанјаху разговараа за ситуацијата на Блискиот Исток, вклучително и во контекст на предложениот план на американскиот претседател Доналд Трамп за решавање на проблемот во Газа.
Путин му го повтори на Нетанјаху цврстиот став на Русија во корист на сеопфатно решение за палестинското прашање врз основа на меѓународното право.
Дополнително, лидерите изразија интерес за наоѓање договорено решение за ситуацијата околу нуклеарната програма на Иран и стабилизирање на ситуацијата во Сирија, пренесува Танјуг.
Путин му го честиташе на израелскиот народ еврејскиот празник Сукот. Нетанјаху му ги изрази своите најдобри желби на рускиот претседател во пресрет на неговиот роденден, на 7 октомври.
Фото: принтскрин
Свет
Холандскиот премиер: Мислиме дека Русите стојат зад упадите со беспилотни летала, но нема докази

Холандскиот премиер Дик Шуф изјави за време на посетата на Киев дека европските земји веруваат дека Русија стои зад бранот мистериозни беспилотни летала низ целиот континент, но дека во моментов нема цврсти докази.
На прашањето на „Киев Индепендент“ дали постои консензус меѓу европските држави за одговорноста, Шуф одговори: „Да, секако. За жал, не можеме да докажеме кој стои зад тоа, но многумина мислат дека се Русите. Но, не можеме да го докажеме тоа“.
Беспилотните летала го нарушија воздушниот простор на најмалку осум европски земји во последните недели – Данска, Литванија, Финска, Естонија, Романија, Германија, Белгија и Холандија.
Неколку аеродроми мораа привремено да го запрат сообраќајот.
„Се надевам дека еден ден ќе можеме да докажеме дали Русите или некој друг стои зад ова. Но, навистина е загрижувачки што тие сега се појавуваат околу нашата инфраструктура, околу нашите аеродроми. Мислам дека треба да ги засилиме безбедносните мерки во тој поглед“, рече Шуф.
Фото: принтскрин