Економија
Министерот Бесими на средби во Светска банка – се фокусираме кон натамошен долгорочен развој
На средбите со извршниот директор на Светска банка Кун Давидсе, потпретседателот на Светска банка Ана Бјерде, регионалниот директор за Западен Балкан Линда Ван Гелдер и директорот на Светска банка за земјава, Масимилијано Паолучи беа разгледани мерките и политиките што ги спроведува земјата за справување со енергетската и ценовната криза, можностите и потребите за поддршка во реализација на тие мерки, како и плановите за враќање на патеките на економски раст.
„Конфликтот во Украина, неговото времетраење и неизвесноста што ја наметнува влијае на економијата на нашата земја, како и врз цените на основните прехранбени производи и енергенсите, кои и претходно веќе бележеа раст. Владата навремено одговори преку пакет мерки од 400 милиони евра, со средства обезбедени од Буџетот, но несомнено одолговлекувањето на кризата, прави дополнителен притисок и создава потреба од дополнителни финансиски средства, рече министерот Бесими, кој ги финализира договорите околу користење на инструментот Макрофинансиска поддршка од Европската Комисија како и финансиска поддршка од ММФ, кои ќе дадат силен сигнал за понатамошно продолжување на добрите макроекономски политики.
Тој потенцира дека Владата на среден рок останува посветена на структурните реформи, забрзан економски раст и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Несомнено е дека економските последици од војната во Украина влијаат на проекциите и на истите е извршена надолна ревизија, следејќи го трендот на ревизија на проекциите на глобално ниво. При тоа, Планот за забрзан економски раст, воспоставен минатата година од страна на Министерството за финансии и усвоен од Владата, е добар патоказ за постигнување на нашите среднорочни цели, и истиот е позитивно оценет и од Групацијата на Светска банка.
На средбите беше презентиран Планот со сите негови елементи, вклучувајќи ги и инструментите што треба да бидат воспоставени. Групацијата Светска Банка, ЕБОР, ИФЦ и МИГА покажаа интерес околу можностите за нивно вклучување и поддршка на активностите кои произлегуваат од Планот.
Зелената агенда, дигитализаицјата, иновациите и технологијата, развој на човечкиот капитал, подобрување на инфраструктурата се приоритети утврдени и од Владата и вградени во Планот за забрзан економски раст. Светска Банка останува активно вклучена во реализација на активностите во РС Македонија, кои се дефинирани во тековната Рамка за партнерство, но и продолжува со детални анализи на пооделни сектори кои ќе се отсликаат во новата дијагноза за земјата и од кои ќе произлезат фокусираните области на соработка. Секако горенаведените приоритетити ќе бидат вградени во новата четиригодишна Рамка за партнерство со Светска банка.
Министерот Бесими заедно со претставниците на СБ ги разгледа и образложи сите проекти кои се дел од портфолиото и изрази увереност за нивна успешна понатамошна имплементација.
Од страна на Светска банка, на средбата беше покрената и иницијатива за доделување нови средства во рамки на Проектот за подобрување на општинските услуги (МСИП), со цел институционално зајакнување на општините и за проекти за заштита на животната средина, за што беше изразен позитивен интерес од наша страна. Досега преку МСИП се повлечени над 90 милиони евра за проекти на општините.
Светска банка во Република Северна Македонија активно работи на повеќе проекти проценети на близу 500 милиони американски долари. Нивната реализација и забрзувањето на динамиката на дел од нив, исто така, беше тема на состанокот. Меѓу нив се Проектот за надградба и развој на патиштата, воспоставувањето Интегриран информациски систем за управување со јавните финансии, Проект за поврзување локални патишта, Проект за администрација за социјално осигурување, Проект за подобрување на основното образование, Проект за олеснување на трговијата и транспортот на Западен Балкан, како и Проектот за одговор при итни случаи за Ковид 19.
Република Северна Македонија има континуирана поддршка од Светска банка која е активна во земјава од 1993 година и досега има обезбедено подршка од над 2,8 милијарди американски долари во реализција на 65 проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.
Економија
Средба Славески – Варнс: Стабилниот финансиски систем и модерните платни решенија се основа за инвестиции и економски раст
Гувернерот на Народната банка Трајко Славески оствари средба со вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави во Република Северна Македонија Никол Варнс, на која беа разменети мислења за економските текови, институционалниот развој на Народната банка и реформските процеси насочени кон поддршка на економскиот раст и евроинтеграцијата.
На средбата беше истакнато дека Народната банка постојано го јакне својот институционален капацитет преку бројни развојни проекти, со посебен акцент на модернизацијата на платните системи. Современите и ефикасни платни решенија придонесуваат за поголема сигурност, побрз проток на финансиски средства и олеснување на деловното работење, што е значајно за подобрување на инвестициската клима.
Гувернерот Славески нагласи дека одржувањето на макроекономската стабилност и финансиската стабилност е врвен приоритет на Народната банка, како основа за создавање стабилни и предвидливи економски услови, заради поттикнување на домашните и странските инвестиции и за одржлив економски раст.
Во разговорот, гувернерот Славески се осврна и на пристапувањето на земјава кон Единствената област за плаќање во евра (СЕПА), оценувајќи дека станува збор за историски чекор за македонската економија. Тој посочи дека со пристапувањето кон СЕПА, на македонските граѓани и компании им се овозможи да вршат побрзи, поефикасни и поевтини плаќања во евра, и тоа уште пред полноправното членство на земјава во Европската Унија.
Гувернерот нагласи дека со воспоставувањето клон на ТИПС, развиен со поддршка на Европската централна банка, се официјализира почетокот на современ систем за инстант плаќања, што претставува значаен исчекор во модернизацијата на националната платежна инфраструктура и нејзиното регионално поврзување со земјите од Западен Балкан и со европскиот платежен простор. Со овој систем ќе се овозможи извршување плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, при што најголемиот дел од трансакциите ќе се обработуваат за неколку секунди. Новите решенија ќе овозможат едноставно иницирање плаќања, што ќе придонесе за побрзи, посигурни и поевтини трансакции за граѓаните и компаниите, како и за поефикасно работење на трговците.
Соговорниците ја потврдија подготвеноста за натамошно продлабочување на соработката и размената на искуства во областите од заемен интерес, заради поддршка на економската стабилност и реформските процеси во земјава.

