Култура
Излезе книгата „Јазикот е чудна ѕверка“ на Марина Костова
Излезе книгата „Јазикот е чудна ѕверка“ на Марина Костова, хибридна збирка со куси лични истории, рецензии и есеи. Книгата е достапна во книжарницата на „Или-Или“, а во рамките на Саемот на книгата од 3 до 9 мај во салата „Борис Трајковски“, авторката ќе ја потпишува на 6 мај од 17 до 19 часот.
„Јазикот е чудна ѕверка“ е конципирана како флуиден текст кој иако преоѓа од еден во друг жанр, за заеднички именител го има пишувањето како алатка за уживање во зборот, односно јазикот. Личните истории имаат формат на куса проза во која проникнува носталгично доживување на урбан живот во Скопје во распон од речиси 50 години. Рецензиите за филм анализираат домашни и странски филмски дела во распон од 20 години, но исто како и рецензиите за медиуми и есеите, во суштина го истражуваат духот на совремието, општествените промени и нивното промислување. Меракот за текст е она што ги спојува различните делови во збирката.
Дизајнот на корицата е на германскиот уметник Ангел Паневски, а поговорот е на Милчо Манчевски.
„Никогаш не планирав да напишам книга. Едноставно сакам да пишувам, и пишувам – професионално, ама и за себе. Моите блиски кои го читаа тоа што го пишувам ме кандисаа да го соберам напишаното во една книга. Кога ги ставив сите зборови на куп, сфатив дека мојата љубов кон пишувањето и кон зборот е она што ги спојува овие различни текстови: прозни цртички, сеќавања, есеи, рецензии, интервјуа, теоретски размислувања, афоризми, поезија…“, вели Костова.
Режисерот Манчевски во поговорот меѓу другото вели: „Марина Костова го сака секој збор, а го одбира најсоодветниот. Нејзиното пишување оди наспроти моменталните тажни текови во јавно искажаниот збор кај нас. Додека јавниот простор тука е сè позагаден, текстовите на Марина се како игла: безмилосно аскетски, беспрекорно прецизни во исказот, во емоцијата и во интелектуалната намера; без сало, а богати со значење, чувство и убавина“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Македонскиот филм М со ново гран при, овој пат во Шведска
Македонскиот филм М, во режија на Вардан Тозија, а во продукција на „Фокус покус“, ја освои главната награда за најдобар филм на интернационалниот фестивал на жанровски филм Light Till Dark во Оребро, Шведска.
„Овој филм носи нова перспектива на еден познат жанр. Филм со силни актерски изведби и сензитивна режија. Тоа е прекрасен филм, еднакво визуелно и тематски. Филм кој нè остава со надеж, но и скршено срце“, беше образложението на интернационалното жири.
Фестивалот Light Till Dark е фестивал чија селекција обединува нови и класични филмски дела од областа на фантастиката, научната фантастика и хоророт. „Целта на овој фетивал е да се промовираат жанровски филмови, но и да се откриваат нови дела, кои не стигнуваат во широка дистрбуција“, изјави Даниел Лундстен, директорот на фестивалот.
М не запира со својата фестивалска турнеја. Следни проекции ќе се одржат на почетокот на декември, каде што М ќе ги има својата холандска и финска премиера во рамките на официјалните селекции на фестивалот Eastern Neighbors во Хаг и Интернационалниот скандинавски филмски фестивал во Хелсинки.
Култура
Прва читачка проба на претставата „Народен пратеник“
Првата читачка проба на претставата „Народен пратеник“ од Бранислав Нушиќ, во адаптација и режија на Егон Савин започна денес, а асистент на режија е Шенај Мандак.
Во претставата играат: Александар Микиќ, Дарја Ризова, Тони Михајловски, Јордан Симонов и Тања Кочовска. Како сценограф се потпишува Весна Поповиќ, костимограф е Роза Трајческа – Ристовска, а преводот е на Загорка Поп-Антоска Андовска.
Овој „Народен пратеник“ е трета постановка на познатата драма на Бранислав Нушиќ. Првата постановка премиерно е изведена на 8 мај 1945 година, во режија на Тодор Николовски, и таа е втората поставена драма на сцената на МНТ. Поставена е уште еднаш – 24 април 1993 година, во режија на Димитрие Османли. Таа е една од најпосетените и најдолговечни претстави: се игра до 2008 година, со вкупно 188 изведби. Режисерот Савин и авторот Нушиќ се неминовен и неизоставен дел од МНТ. Егон Савин се враќа во МНТ по подолг период – ова е негова трета претстава во театарот, претходно ги има поставено „Злосторство и казна“ (1994) и „Лаж и паралаж“ (1996). Бранислав Нушиќ, пак, е еден од најпоставуваните автори на сцената на МНТ.
Во 80 години постоење, од 1945 година до денес, поставени се осум негови дела со вкупно шеснаесет постановки од повеќе режисери и во различни верзии.
Култура
Изложба на Јана Манева-Чупоска во Истанбул
Јана Манева-Чупоска изложува во Истанбул во Македонскиот центар. Отворањето на изложбата е на 27-ми среда во 19.00 часот.
Манева-Чупоска ќе излага цртежи од циклусот „Љубовници во пандемија“. Насловот има алегорична конотација и алудира на надежта и потребата на човекот кон подобро утре. Преку фигуративните композициски ликовни претстави, колажни експерименти авторката Јана Манева – Чупоска ја пренесува нејзината психолошка и емотивна состојба во време на корона кризата, но и покрај официјалното завршување на вирусот кај човекот остави длабоки психолошки траги на страв и несигурност.
Изложбата се состои од триесеттина дела, цртежи и колажи изработени во комбинирана техника молив, јаглен, акрил и темпера и еден диптих во поголем формат изработен во техника акрил.
Изложбата е финансирана од Министерството за култура и туризам на Р.С. Македонија како изложба од национален интерес за 2024 година.